На бунарот на Јакова (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Во времето на Ездра, кога е обновуван храмот во Ерусалим, Самарјаните сакале да им се придружат на Евреите заедно да го градат. Биле лишени од ова предимство, и меѓу овие два народа се развило огорчено непријателство. Самарјаните на гората Гаризим подигнале сопернички храм. Овде имале богослуженија сообразно со Мојсеевиот обреден закон, иако не се откажале потполно од идолопоклонството. Меѓутоа, нив ги снашле несреќи; непријателите им го урнале храмот и се чинело како да се под некое проклетство, но сепак се придржувале кон своите преданија и облици на богослуженија. Храмот во Ерусалим не го признавале како Божји дом, ниту еврејската религија како поважна од својата.

Одговарајќи ѝ на жената, Исус рекол: „Верувај ми, жено, иде часот кога не ќе му се поклонувате на Отецот ниту на оваа гора ниту во Ерусалим. Вие не знаете на што се молите; ние знаеме на што се молиме, зашто спасението доаѓа од Евреите.“ Исус покажал дека е слободен од еврејските предрасуди кон Самарјаните. Сега се обидувал да ги скрши пред расудите на оваа Самарјанка кон Евреите. Додека се повикувал на фактот оти верата на Самарјаните била расипана со идолопоклонство, објавил дека големите вистини за откупувањето им се доверени на Евреите и дека меѓу нив ќе се појави Месија. Во светите списи го имале јасно прикажан Божјиот карактер и начелата на неговото владеење. Исус себеси се наредил меѓу Евреите на кои Бог им дал знаење за себе.

Мислите на својата слушателка сакал да ги издигне над разговорот за облиците и обредите и над спорните прашања. „Иде часот“, рекол, „и веќе настапи, кога вистинските поклоници ќе му се поклонуваат на Отецот во дух и вистина, зашто Отецот сака такви поклоници. Бог е Дух, и оние кои му се поклонуваат, треба да му се поклонуваат во дух и вистина.“

Овде е објавена истата вистина што му ја открил Исус на Никодима: „Ако некој не се роди озгора, тој не може да го види царството Божје“ (Јован 3,3). Луѓето не стапуваат во заедница со Небото барајќи некоја света гора или храм. Верата не смее да нè ограничи на надворешни облици и обреди. Само верата што доаѓа од Бога води кон Бога. За правилно да му служиме, ние мораме да бидеме родени од божествениот Дух. Тоа ќе го исчисти срцето и ќе го обнови умот, овозможувајќи ни подобро да го запознаеме и повеќе да го сакаме Бога. Тоа ќе ни даде доброволна послушност кон сите негови барања. Тоа е вистинско богослужение. Тоа е плод на дејствувањето на Светиот Дух. Секоја искрена молитва ја обликува Духот и Бог ја прима таа молитва. Секогаш кога душата копнее за Бога, тоа е резултат на дејствувањето на Духот и Бог ќе ѝ се открие на таа душа. Тој бара такви почитатели. Тој чека да ги прими и да ги стори свои синови и ќерки. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest