На бунарот на Јакова (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Спасителот ја продолжува истата работа како и тогаш кога на жената од Самарија ѝ ја понудил водата на животот. Оние што се нарекуваат негови следбеници можеби ги презираат и ги одбегнуваат отфрлените, но никакви околности поврзани со раѓањето или со народната припадност, никакви услови на животот, не можат да ја одвратат неговата љубов од луѓето. На секоја душа, колку и да е грешна, Исус ѝ вели: Ако бараш од мене, јас ќе ти дадам жива вода. Повикот на евангелието не смее да се ограничи и да им се изнесува само на одбрани кои, според наше мислење, ќе ни укажат чест ако го прифатат. Веста треба да им се однесе на сите. Секаде каде што срцата се отворени да ја прифатат вистината, Христос е готов да ги поучува. Тој им го открива Отецот и службата што ја прифаќа Оној кој ги чита срцата. За нив Тој не употребува никакви поучни прикаски. Ним, како и на жената крај бунарот, им вели: „Јас сум тој, кој зборува со тебе.“

Кога седнал да се одмори крај бунарот на Јакова, Исус доаѓал од Јудеја, каде што неговиот труд имал малку плод. Го отфрлиле свештениците и рабините; па дури и луѓето што тврделе дека се негови ученици не успеале да го сфатат неговиот божествен карактер. Бил уморен и премален, но сепак не ја занемарил приликата да ѝ проговори на жената која била туѓинка, одвоена од Израел и која живеела во отворен грев.

Спасителот не чекал да се собере мноштво. Своите поуки често ги почнувал само за неколкумина собрани околу себе, но поминувачите, еден по еден застанувале да чујат, сè додека не се насобрало мноштво кое со восхит и со страхопочит ги слушало Божјите зборови на Учителот пратен од Небото. Работникот за Христа не треба да мисли дека не може со иста сериозност да им зборува на неколкумина слушатели како и на поголема група. Можеби тука е присутен само еден што ја слуша веста, но кој може да каже колку далекусежно ќе биде нејзиното влијание? Дури и на неговите ученици им се чинело неважно Спасителот своето време да ѝ го посвети на Самарјанката. Меѓутоа, Тој посериозно и поречито разговарал со неа отколку со царевите, со великодостојниците и со првосвештениците. Поуките што ѝ ги дал на оваа жена се повторуваат до најоддалечените краишта на земјата.

Штом го нашла Спасителот, Самарјанката довела други кај него. Докажала дека е многу поуспешен мисионер од неговите ученици. Учениците не виделе во Самарија ништо што би им покажало дека тоа е поле што ветува. Нивните мисли биле насочени кон големото дело што треба да се изврши во иднина. Не виделе дека токму околу нив се наоѓ а жетва што треба да се собере. Меѓутоа, преку жената што ја презирале, цел еден град е доведен да го слуша Спасителот. Таа веднаш светлината им ја однела на своите сонародници.

Оваа жена го претставува дејствувањето на вистинската вера во Христа. Секој вистински ученик се раѓа за Божјето царство како мисионер. Оној што пие од водата станува извор на животот. Примателот станува давател. Христовата милост во душата е како извор в пустина што извира да ги освежи сите, и кај оние што се пред смрт да создаде желба да пијат од водата на животот.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest