На патот кон Галилеја Исус поминувал низ Самарија. Било попладне кога стигнал во убавата Сихемска долина. На влезот во оваа долина се наоѓал бунарот на Јакова. Уморен од патот, седнал да се одмори, додека учениците отишле да купат храна.
Евреите и Самарјаните биле лути непријатели и затоа избегнувале секоја врска едни со други. Во случај на неопходна потреба, трговијата со Самарјаните рабините ја сметале за законски дозволена, но ги осудувале сите општествени врски со нив. Еден Евреин не би позајмил од Самарјанец ниту би примил од него каква и да е љубезност, па дури ниту залак леб ниту чаша вода. Купувајќи храна, учениците постапиле сообразно со обичаите на својот народ. Но, повеќе од тоа не правеле. Дури ни на Христовите ученици не им паѓало на ум да бараат некаква услуга од Самарјаните ниту да се обидат на некој начин да им помогнат.
Исцрпен од глад и жед, Исус седел крај бунарот. Патувањето уште од изутрината било долго, а сега го печело и пладневното сонце. Неговата жед се засилила со мислата за студената, освежувачка вода што била толку близу, но за него сепак недостапна, зашто немал ниту јаже ниту сад, а бунарот бил длабок. Судбината на човечкиот род била и негова судбина, и Тој чекал некој да дојде и да нацрпе вода.
Една жена од Самарија се приближила и, правејќи се како да не го гледа, ја наполнила стомната. Кога се свртила да си оди, Исус ја замолил да му даде вода да пие. Од таква услуга не би ве лишил ниеден ориенталец. На Истокот водата ја викале „Божји дар“. Да се понуди жеден патник се сметало за толку света должност, што Арабијците во пустината свртувале од својот пат за да го сторат тоа. Омразата меѓу Евреите и Самарјаните ја спречувала жената да му понуди таква услуга на Исуса. Но Спасителот го барал клучот за ова срце и со истенчено разбирање, произлезено од божествената љубов, Тој не понудил, туку побарал услуга. Понудената услуга би можела да биде отфрлена, но довербата раѓа доверба. Небесниот Цар ѝ пристапил на оваа презрена душа, барајќи услуга од нејзините раце. Тој, кој го создал океанот, кој има власт над водите во големите длабини, кој ги отворил изворите и речните корита на земјата, се одморал крај бунарот на Јакова и зависел од љубезноста на една туѓинка да му ја згасне жедта.
Жената видела дека Исус е Евреин. Изненадена, таа заборавила да ја исполни неговата молба, туку се обидела да го запознае со својата причина. „Како ти“, рекла таа, „Евреин, бараш од мене, Самарјанка, да пиеш?“
Исус одговорил: „Ако знаеш за Божјиот дар и кој е Оној што ти вели: ‘Дај да се напијам’, ти ќе побараш од него и Тој ќе ти даде жива вода.“ Се чудиш што барам толку малечка услуга како што е голтка вода од бунарот крај нашите нозе. Кога би барала од мене, јас би ти дал да пиеш од водата на вечниот живот.
Жената не ги разбрала Исусовите зборови, но го сфатила нивното сериозно значење. Нејзиниот потсмев и нејзиното лекомислено однесување почнале да се менуваат. Претпоставувајќи дека Исус зборува за изворот што бил пред нив, рекла: „Господине, нема со што да нацрпеш, а изворот е длабок. Тогаш од каде имаш жива вода? Зар си ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец? Тој самиот пиеше од него.“ Пред себе видела само жеден патник, уморен и прашлив од одењето пеш. Во своите мисли таа го споредила со почитуваниот патријарх Јаков. Негувала толку природно чувство, што ниеден друг извор не можел да се спореди со овој што го ископале нивните татковци. Гледала наназад на претците и во иднина на доаѓањето на Месија. Но, иако „надежта“ на претците, лично Месија, бил крај неа, таа не го препознала. (продолжува)