На бунарот на Јакова (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Нашиот Откупител жеднее да го запознаеме. Тој е гладен за сочувство и љубов од оние што ги откупил со својата крв. Со неискажлива желба копнее да дојдат кај него и да имаат живот. Како мајката што очекува препознатлива насмевка од своето дете, што зборува за будењето на разумот, така и Христос очекува изрази на благодарна љубов што покажува дека во душата почнал духовен живот.

Додека ги слушала Христовите зборови, жената била исполнета со радост. Величественото откровение речиси ја совладало. Оставајќи ги стомните, се вратила во градот да им ја однесе веста и на другите. Исус знаел зошто отишла. Оставањето на стомните непогрешно зборувало за дејствувањето на неговите зборови. Со искрена желба во душата да ја добие водата на животот, заборавила зошто дошла на изворот, ја заборавила жедта на Спасителот што сакала да ја угаси. Со срце што вриело од радост, брзала по патот да им ја однесе на другите скапоцената светлина што ја примила.

„Дојдете да го видите човекот што ми кажа сè што сум сторила“, им рекла на луѓето во градот. „Да не е тоа Христос?“ Нејзините зборови ги трогнале нивните срца. Нејзиното лице имало нов израз, а целата нејзина појава покажувала промена. Ги интересирало да го видат Исуса. „Излегоа од градот и дојдоа кај него.“

Додека сè уште седел крај бунарот, Исус ги гледал житните полиња што се простирале пред него, чиешто нежно зеленило го милувала златната сончева светлина. Покажувајќ и им ја на учениците оваа сцена, се послужил со неа како со симбол: „Не велите ли вие дека уште четири месеци ќе настапи жетва? Еве, подигнете ги очите и видете ги нивите како се веќе жолти за жетва!“ Додека зборувал, ги набљудувал групите луѓе што пристигнувале на бунарот. До жетвата имало уште четири месеци, но овде узреала жетвата за жетвари.

„Жетварот“, рекол Тој, „прима плата и собира плод за живот вечен, за да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. Зашто за ова важи изреката: ‘Еден сее а друг жнее.’“ Овде Христос ја истакнал светата служба што се должни да ја извршуваат пред Бога оние кои ќе го примат евангелието. Тие мора да бидат негови живи орудија. Тој бара од нив поединечна служба. Било да сееме или да жнееме, ние работиме за Бога. Еден сее семе; друг го собира плодот; но и сејачот и жетварот примаат плата. Тие заеднички се радуваат на наградата за својот труд.

Исус им рекол на учениците: „Јас ве пратив да жнеете каде што не се трудевте. Други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.“ Спасителот овде однапред ја видел големата жетва на Духовден. Учениците тоа не смееле да го сметаат за своја заслуга. Тие влегле во трудот на другите луѓе. Почнувајќи од Адамовиот пад, семето на речта Христос им го доверувал на своите избрани слуги да го посеат во човечките срца.

Едно невидливо орудие, дури една семожна Сила, работела тивко, но делотворно, да создаде жетва. Росата, дождот и сончевата светлина на Божјата милост се дадени да го освежуваат и да го хранат семето на вистината. Христос ќе го залее семето со својата сопствена крв. Неговите ученици ја имале таа предност да бидат Божји соработници. Тие биле соработници со Христа и со светите луѓе од дамнина. Со излевањето на Светиот Дух на денот Педесетница, илјадници ќе се обратат во еден ден. Тоа било успех на Христовото сеење, жетва на неговиот труд.

Со зборовите изговорени пред жената крај бунарот е посеано добро семе и жетвата мошне бргу настапила. Самарјаните дошле, го слушале Исуса и поверувале во него. Собирајќи се околу него на бунарот, го опсипале со прашања и жедно ги примале неговите објаснувања за она што им било нејасно. Додека слушале, нивната збунетост почнала да исчезнува. Биле слични на народ во голем мрак кој следел ненадеен зрак на светлина додека не нашол ден. Но не им бил доволен овој краток разговор. Сакале да слушнат повеќе и да ги повикаат своите пријатели и тие да го слушаат овој прекрасен Учител. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest