На бунарот на Јакова (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Додека жената зборувала со Исуса, неговите зборови силно влијаеле врз неа. Никогаш не слушнала такво мислење од свештениците на својот народ или од Евреите. Кога било ставено пред неа минатото на нејзиниот живот, таа станала свесна за својата голема потреба. Ја сфатила жедта на својата душа која водите од сихарскиот бунар не можат никогаш да ја згаснат. Ништо што дошло до сега во допир со неа не разбудило кај неа толку возвишена потреба. Исус ја осведочил дека ги чита тајните на нејзиниот живот. Сепак чувствувала дека Тој ѝ е пријател што ја сожалува и ја сака. Иако самата чистота на неговото присуство го осудувала нејзиниот грев, Тој не изговорил ниту еден збор на обвинување, туку ѝ зборувал за својата милост што може да ја обнови душата. Почнала да се осведочува во неговиот карактер. Во нејзините мисли настанало прашањето: „Да не е можеби овој долгоочекуваниот Месија?“ Му рекла: „Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос. Кога ќе дојде Тој сè ќе ни објави.“ Исус одговорил: „Јас сум тој, кој зборува со тебе.“

Кога жената ги слушнала овие зборови, во нејзиното срце се родила вера. Ја прифатила радосната вест од усните на божествениот Учител.

Оваа жена имала приемчив ум. Била готова да го прими најблагородното откровение, зашто се интересирала за светите списи, а Светиот Дух го приготвил нејзиниот ум за примање на поголема светлина. Го проучувала старозаветното ветување: „Пророк, каков што сум јас, ќе ти подигне твојот Господ Бог од твојата средина, од твоите браќа, него послушајте го“ (5. Мојсеева 18,15). Копнеела да го разбере ова пророштво. Во нејзиниот ум веќе засветила светлина. Во нејзиното срце почнала да извира водата на животот, духовниот живот што ѝ го дава Христос на секоја жедна душа. Во неа работел Господовиот Дух.

Јасното тврдење што ѝ го изложил Христос на жената не би можело да им биде изнесено на самоправедните Евреи. Христос бил многу повоздржлив кога зборувал со нив. Она од што биле лишени Евреите и што подоцна на учениците им е наредено да го држат во тајност, ѝ било откриено нејзе. Исус видел дека таа корисно ќе го употреби своето сознание и дека ќе доведе други да учествуваат во неговата милост.

Кога учениците се вратиле, се изненадиле наоѓајќи го својот Учител во разговор со жена. Тој не ја испил освежителната голтка што ја сакал, но и не застанал да ја јаде храната што ја донеле учениците. Кога жената отишла, учениците го молеле да јаде. Го затекле смирен, потонат во длабоко размислување. Неговото лице блескотело и тие се плашеле да ја прекинат неговата заедница со Небото. Меѓутоа, знаеле дека е слаб и уморен и сметале дека се должни да го потсетат на неговите телесни потреби. Исус го препознал нивното интересирање полно со љубов и рекол: „Јас имам храна за јадење која вие не ја знаете.“

Учениците се прашувале кој можел да му донесе да јаде; но Тој објаснил: „Моја храна е да ја исполнам волјата на Оној што ме прати и да го извршам неговото дело“ (Јован 4,34). Исус се радувал што со своите зборови ја разбудил совеста на оваа жена. Ја видел како пие од водата на животот, па неговиот глад и жед биле уталожени. Извршувањето на мисијата, за чиешто остварување го напуштил небото, го засилувало Спасителот за неговата работа и го издигнувало над човечките потреби. Да ѝ послужи на душата што е гладна и жедна за вистината за него било многу поважно отколку да јаде и да пие. За него тоа била утеха и освежување. Доброчинството било живот за неговата душа. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest