На бунарот на Јакова (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Денеска има многу жедни души близу до живиот извор, но далеку одат да бараат извори на животот! „Да не речеш во срцето: ‘Кој ќе се качи на небото?’, што значи, да го симне Христа; или: ‘Кој ќе слезе во бездната?’, што значи, да го крене Христа од мртвите… Близу ти е речта ­ во твојата уста и во твоето срце… Ако исповедаш со својата уста дека Исус е Господ и ако во срцето веруваш дека Бог го воскресна од мртвите, ќе бидеш спасен“ (Римјаните 10,6­9).

Исус не одговорил веднаш на прашањето што се однесувало на него, туку со свечена сериозност рекол: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе биде жеден. А кој пие од водата што јас ќе му ја дадам, нема да биде жеден довека, туку водата што ќе му ја дадам јас, ќе стане во него извор на вода што тече во живот вечен.“

Оној што бара да ја згасне својата жед на изворите на овој свет, ќе пие и пак ќе биде жеден. Луѓето насекаде се незадоволни. Тие копнеат за нешто што ќе ја задоволи потребата на душата. Само Еден може да ја исполни оваа желба. Потребата на овој свет, „богатството на сите народи“ (Агеј 2,7) е Христос. Божествената милост, што може да ја даде само Тој, е како жива вода; таа ја чисти, ја освежува и ја засилува душата.

Исус не мислел дека само еден зафат од водата на животот ќе биде доволен за оној што ја бара. Оној што ја вкусил Христовата љубов, постојано ќе копнее да прими уште повеќе, зашто тој не се стреми кон ништо друго. Богатствата, честа и задоволствата на овој свет не го привлекуваат. Негова постојана молитва е „Повеќе од Тебе!“ Оној што ѝ ги открива на душата нејзините потреби, чека да го задоволи нејзиниот глад и жед. Сè што може човекот да даде и секоја доверба во него ќе изневерат. Бунарите ќе се испразнат, езерата ќе пресушат, но нашиот Откупител е неисцрпен извор. Ние можеме да пиеме и пак да пиеме, и секогаш да наоѓаме свежа резерва. Оној во кого живее Христос има во себе извор на благослов ­ „извор на вода што тече во живот вечен“. Од овој извор тој може да црпе сила и милост доволни за сите негови потреби.

Додека Исус зборувал за живата вода, жената го набљудувала со напрегнато внимание. Тој предизвикал кај неа интерес и разбудил желба за дарот за кој зборувал. Таа сфатила дека водата за која зборува не е водата од бунарот на Јакова, зашто неа постојано ја пиела ­ пиела и повторно жеднеела. „Господине“, рекла таа, „дај ми од таа вода за да не жеднеам и да не доаѓам овде да црпам.“

Исус сега нагло го свртил разговорот. Пред оваа душа да може да го прими дарот што сакал да ѝ го даде, таа мора да биде наведена да ги признае своите гревови и својот Спасител ѝ рекол: „Оди, викни го маж ти и врати се овде.“ Одговорила: „Немам маж.“ Се надевала дека со тоа ќе ги спречи сите натамошни испитувања во тој правец. Меѓутоа, Спасителот продолжил: „Право кажа дека немаш маж; зашто си имала петмина мажи и тој што го имаш сега не ти е маж; вистината ја зборуваш.“

Слушателката затреперила. Таинствената рака ги прелистувала страниците на нејзината животна историја, изнесувајќи го на виделина она за што мислела дека ќе остане засекогаш скриено. Кој бил Тој што можел да ги чита тајните на нејзиниот живот? До нејзината совест допреле мисли за вечноста, за идниот суд, кога ќе биде откриено сè што е сега скриено. Во оваа светлина се разбудила нејзината совест.

Не можела ништо да негира, но се трудела да го избегне спомнувањето на тие непријатни теми. Со длабока почит рекла: „Господине, гледам дека си пророк!“ Тогаш, надевајќи се дека ќе го замолкне своето осведочување, разговорот го насочила кон спорните верски точки. Ако тој е пророк, сигурно ќе може да ја поучи за овие теми за кои толку долго се расправало.

Стрпливо Исус ѝ дозволил разговорот да го поведе во саканиот правец. Во меѓувреме чекал прилика повторно да ја приближи вистината до нејзиното срце. „Нашите татковци се молеа на Бога на оваа гора“, рекла таа, „а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се молиме“. Токму пред нивните очи се издигнувала гората Гаризим. Храмот на неа бил урнат, останал само олтарот. Самарјаните и Евреите се препирале околу местото на богослужението. Некои од претците на самарискиот народ некогаш му припаѓале на Израел. Меѓутоа, поради нивните гревови, Господ дозволил да ги победи еден идолопоклонички народ. Во текот на многу поколенија се измешале со идолопоклониците чијашто вера полека ја расипувала нивната вера. Навистина, тие сметале дека нивните идоли само ги потсетуваат на живиот Бог, на Владетелот на вселената, но сепак, народот бил наведен да почитува разни кипови. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest