Милостивиот самрјанец (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Патувајќи од Ерусалим во Ерихон, патникот морал да помине низ еден дел на Јудејската пустина. Патот водел низ една дива, карпеста долина, во која ограбувале разбојници и која често била сцена на насилство. Патникот бил нападнат на ова место, му било ограбено сè што било вредно, па ранет и изнатепан бил оставен полумртов крај патот. Додека лежел така, на патот наишол свештеникот, но само фрлил поглед кон ранетиот. Тогаш се појавил Левитот. Љубопитен да види што се случило, застанал и го погледнал страдалникот. Видел што треба да стори, но тоа не била пријатна должност. Најмногу што би сакал било воопшто да не поминал по тој пат за да не го види тој ранет човек. Се уверувал себеси дека за тој случај не му е грижа.

И едниот и другиот човек биле во света служба, сметајќи се себеси за толкувачи на светите списи. Му припаѓале на оној слој посебно надарен да биде Божји претставник пред народот. Морале „да бидат внимателни кон оние што грешат од незнаење“ (Евреите 5,2) за да можат да им помогнат на луѓе то да ја сфатат Божјата голема љубов кон човечкиот род. Делото на кое биле повикани било истото она што го опишал Исус како свое кога рекол: „Врз мене почива Духот Господен, зашто ме помаза. Ме прати да им донесам радосна вест на сиромасите, да им навестам ослободување на заробениците и враќање на видот на слепите, да ги ослободам угнетените“ (Лука 4,18).

Небесните ангели ги набљудуваат неволјите на Божјето семејство на земјата и готови се да соработуваат со луѓето во настојувањето да се отстранат угнетувањето и страдањата. Бог во своето провидение ги довел свештеникот и Левитот на патот на кој лежел ранетиот патник за да можат да видат дека му е потребна милост и помош. Цело небо внимавало за да види дали срцата на овие луѓе ќе бидат трогнати со сожалување за човечката несреќа. Спасителот бил тој што ги поучувал Евреите во пустината. Со столбот од облак и оган им давал поука која многу се разликувала од оваа што сега народот ја примал од своите свештеници и учители. Милостивите одредби на законот ги опфаќале дури и животните кои своите потреби и страдања не можат да ги изразат со зборови. За ова на Мојсеја му се дадени упатства за децата Израелови: „Кога ќе наидеш на заталкано говетче или магаре на својот непријател, мораш да му го доведеш назад. Ако го видиш магарето на оној што те мрази како паднало под својот товар, немој да го оставиш. Заедно со неговиот господар мораш да му помогнеш да се дигне“ (2. Мојсеева 23,4.5). Меѓутоа, во човекот што го раниле разбојниците Исус изнел случај на еден брат во неволја. Со колку поголемо сожалување требало да биде поттикнато нивното срце кон него отколку кон товарното животно! Преку Мојсеја примиле вест дека нивниот Господ Бог „е Бог голем, силен и страшен“, „кој ѝ дава правди на на сиромашката и на вдовицата и кој го сака дојденикот.“ Сообразно со тоа, Тој заповедал: „Љубете го и вие дојденикот.“ „Љуби го како самиот себе“ (5. Мојсеева 10,17­19; 3. Мојсеева 19,34).

Јов рекол: „Никогаш странец не ноќевал надвор, на патник секогаш сум му отворал врата.“ А кога двајца ангели, престорени во луѓе, дошле во Содом, Лот се поклонил со лицето до земја и рекол: „Ве молам, господа, навратете во куќата на својот слуга да ја поминете ноќта и да измиете нозе“ (Книгата за Јов 31,32; 1. Мојсеева 19,2). На свештеникот и на Левитот им биле блиски овие поуки, но не ги спроведувале во секојдневниот живот. Образовани во школата на народниот верски фанатизам, станале себични, ограничени и исклучиви. Кога го погледнале ранетиот човек, не можеле да кажат дали ѝ припаѓа на нивната народност. Си помислиле дека може да биде Самарјанец и се оддалечиле.

Во нивниот чин, како што го опишал Исус, законикот не видел ништо што би му се противело на она што го научил во врска со барањата на законот. Но сега е прикажана друга сцена.

Некој Самарјанец на својот пат дошол до неволникот и кога го видел, му се сожалило за него. Не прашал дали овој странец е Евреин или многубожец. Ако е Евреин, Самарјанецот добро знаел дека во слична ситуација тој човек него би го плукнал в лице и со презир би поминал крај него. Меѓутоа, не се колебал поради тоа. Не се обѕирал што и самиот можеби е во опасност од насилство затоа што се задржува на тоа место. Било доволно што тука, пред него се наоѓало човечко суштество во неволја и страдање. Ја соблекол својата облека за да го покрие. Маслото и виното што ги приготвил за своето сопствено патување ги употребил за лекување и за закрепа на ранетиот. Го положил на своето магаре и тргнал полека, со рамномерен чекор, со цел странецот да не биде потресуван и поради тоа да поднесува поголеми болки. Го довел во една гостилница и бдеејќи, нежно се грижел за него во текот на ноќта. Изутрината, кога на болниот му било подобро, Самарјанецот се осмелил да го продолжи патот. Меѓутоа, пред да го стори тоа, му го предал на гостилничарот да се грижи за него, ги платил трошоците, оставил паричен влог во негова полза а, незадоволен дури и со ова, се погрижил за секоја натамошна потреба, велејќи му на гостилничарот: „Погрижи се за него, а ако потрошиш нешто повеќе, ќе ти платам на враќање.” (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest