Милостивиот самрјанец (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Завршувајќи ја оваа сторија, Исус го насочил погледот кон законикот и, како да ја читал неговата душа, рекол: „Што мислиш, кој од тие тројца му беше ближен на оној кој падна во рацете на разбојниците?“ (Лука 10,36).

Законикот дури ни сега не сакал да го изговори името Самарјанец, туку одговорил: „Оној што му се смилувал.“ Исус рекол: „Оди и ти прави така!“

Со тоа, на прашањето „кој е мој ближен“, за сите времиња е даден одговор. Христос укажал дека наш ближен не е само оној што ѝ припаѓа на нашата црква и вера. Тоа нема никаква врска со расата, со бојата или со општествената разлика. Наш ближен е секое лице на кое му е потребна наша помош. Наш ближен е и секоја душа што ја ранил и ја измачил непријателот. Наш ближен е секој што е Божја своина.

Во сторијата за милостивиот Самарјанец Исус се прикажал себеси и својата мисија. Сатаната го измамил, го ограбил, го упропастил човекот и го оставил да загине, но Спасителот се сожалил на нашата беспомошна состојба. Тој ја напуштил својата слава за да дојде да нè избави. Тој нè нашол во смртна состојба и го прифатил нашиот случај. Ги исцелил нашите рани. Нè покрил со својата облека со облеката на својата праведност. Ни открил сигурно прибежиште и се погрижил за нас поднесувајќи ги сите трошоци. Тој умрел за да нè спаси. Укажувајќи на сопствениот пример, им рекол на своите следбеници: „Ви заповедам да се љубите еден со друг.“ „Да се љубите еден со друг како јас што ве љубев вас“ (Јован 15,17; 13,34 ).

Прашањето на законикот упатено до Исуса гласело: „Што да правам?“ А Исус, сметајќи ја љубовта кон Бога и кон човекот за највисок израз на правдата, рекол: „Прави го тоа и ќе живееш!“ Самарјанецот го послушал налогот на срцето што било милостиво и полно со љубов и со тоа докажал дека е извршител на законот. Христос му заповедал на законикот: „Оди и ти прави така.“ Од Божјите деца се очекува да творат, а не само да зборуваат. „Оној кој вели дека останува во него, треба да живее како што живееше Тој“ (1. Јованово 2,6).

Денеска оваа поука му е исто толку потребна на светот како и во времето кога потекла од Исусовите усни. Себичноста и студениот формализам речиси го згаснале пламенот на љубовта и ги истерале добродетелите што треба да го сторат карактерот мил мирис. Мнозина што го исповедаат неговото име го загубиле од вид фактот дека христијаните треба да го претставуваат Христа. Ако не постои вистински самопрегор за добро на другите во семејниот круг, во соседството, во црквата и секаде каде што се наоѓаме, тогаш, без оглед на тоа што го тврдиме за себе, ние не сме христијани.

Христос своето добро го соединил со доброто на човечкиот род и нè повикал да се соединиме со него во спасувањето на човештвото. „Бесплатно добивте“, вели Тој, „бесплатно давајте“ (Матеј 10,8). Гревот е најголемо од сите зла и ние мораме да имаме сочувствително срце и да му помогнеме на грешникот. Има многу луѓе што грешат и што го чувствуваат својот срам и своето безумие. Тие копнеат за зборови што ќе ги охрабрат. Ги набљудуваат своите грешки и заблуди додека безмалку не западнат во очај. Овие души не треба да се занемарат. Ако сме христијани, нема да поминеме покрај нив на другата страна, држејќи се што е можно подалеку од оние на кои им е најпотребна нашата помош. Кога ќе ги видиме човечките суштества во неволја поради ујаденоста или гревот, никогаш не смееме да кажеме: „Тоа не е моја грижа.“

„Вие, кои сте духовни, поправајте го таквиот со дух на кротост“ (Галатите 6,1). Со вера и молитва одбијте ја силата на непријателот. Зборувајте зборови полни со вера и охрабрување што ќе бидат лековит мелем за изнемоштениот и ранет човек. Огромно мнозинство луѓе се обесхрабриле и поколебале во големата борба на животот, додека еден љубезен збор би ги охрабрил и би ги засилил да победат. Никогаш не би смееле да поминеме покрај некоја душа што страда без да се обидеме да ја утешиме со утехата со која Бог нè утешил нас.

Сето тоа е само исполнување на начелата на законот на челата што ги прикажал во сторијата за милостивиот Самарјанец а се покажале во Исусовиот живот. Неговиот карактер го открива вистинското значење на законот и покажува што значи љубовта кон ближните и кон себеси. Кога Божјите деца покажуваат милосрдие, љубезност и љубов кон сите луѓе, тоа сведочи за карактерот на небесните закони. Тие сведочат за фактот дека „Законот Господен е совршен, ја крепи душата“ (Псалм 19,7). А секој што ќе пропушти да ја открие оваа љубов, го крши законот за кој тврди дека го почитува, зашто духот што го покажуваме кон нашите браќа открива каков е нашиот дух кон Бога. Божјата љубов во срцето е единствен извор на љубовта кон нашиот ближен. „Ако некој рече: ‘Го љубам Бога’, а го мрази својот брат, лажливец е, зашто кој не го љуби својот брат кого го гледа, не може да го љуби Бога, кого не го видел.“ „Љубезни, ако се љубиме еден со друг, Бог е во нас и неговата љубов останува совршена во нас“ (1. Јованово 4,20.12).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest