Левиј-Матеј (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Исус седел како уважен гостин на трпезата на цариникот, покажувајќи со своето сочувство и друштвеност дека го признава достоинството на човечкиот род, па луѓето копнееле да станат вредни за негова доверба. Врз нивните жедни срца неговите зборови паѓале со благословена животодавна сила. Разбудени се нови поттици и, за овие луѓе, отфрлени од општеството, се отворила можност за нов живот.

На ваквите собири, каков што бил овој, многу луѓе биле под влијание на учењето на Спасителот, но кои го признале дури по вознесението. Кога се излеал Светиот Дух и кога се преобратиле три илјади во еден ден, меѓу нив имало многу од оние што првпат ја чуле вистината крај трпезата на некој цариник, па некои од нив станале весници на евангелието. Лично за Матеја Исусовиот пример на гозбата бил трајна поука. Презрениот цариник станал еден од најпреданите евангелисти кој во својата служба ги следел стапките на својот Учител.

Кога рабините дознале за Исусовото присуство на гозбата кај Матеја, ја искористиле таа пригода да го обвинат. Меѓутоа, избрале да дејствуваат преку учениците. Будејќи ги нивните предрасуди, се надевале дека ќе ги одвојат од нивниот Учител. Нивни начин на постапување бил да го обвинат Христа пред учениците, а учениците пред Христа, насочувајќи ги стрелите таму каде што најверојатно ќе ранат. Тоа е начин на кој сатаната работел уште од мигот на зачетоците на своето незадоволство на небото, а сите што се обидуваат да предизвикаат неслога и отуѓеност, поттикнати се со негов дух.

„Зошто вашиот Учител јаде со цариниците и грешниците?“, прашале зависливите рабини.

Исус не очекувал од своите ученици да одговорат на обвинувањата, туку самиот одговорил: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. Одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви’; зашто јас не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците.“ Фарисеите се сметале за духовно здрави и затоа не им треба лекар, додека за цариниците и за незнабошците тврделе дека умираат од болести на душата. Тогаш, зар неговиот труд како лекар не се состоел во тоа да појде токму кај оној општествен слој кому му била потребна неговата помош?

Меѓутоа, иако за себе имале толку високо мислење, фарисеите биле во потешка состојба од оние што ги презирале. Цариниците биле помалку тесногради и помалку самоуверени па затоа биле повеќе отворени за влијанието на вистината. Исус им рекол на рабините: „Одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви.’“ Со тоа покажал дека тие, тврдејќи оти се толкувачи на Божјата реч, всушност ниту малку не го познаваат нејзиниот дух.

Фарисеите за извесно време биле замолкнати, но станале уште порешителни во своето непријателство. Потоа ги побарале учениците на Јована Крстителот и се обиделе да ги свртат против Спасителот. Овие фарисеи не ја прифатиле дејноста на Крстителот. Подбивно укажувале на неговиот трезвен живот, на неговите едноставни навики, на неговата проста облека и го прогласиле за фанатик. Затоа што го откривал нивното лицемерство, им се противставувале на неговите зборови и се обиделе да го подбунат народот против него. Божјиот Дух ги поткренал срцата на овие подбивачи, осведочувајќи ги за гревот, но го отфрлиле Божјиот совет и изјавиле дека Јован е опседнат со ѓавол.

Сега, кога дошол Исус, дружејќи се со народот, јадејќи и пиејќи на нивните трпези, го обвинувале дека е ненаситник и пијаница. Оние што го обвинувале, самите биле виновни. Како Бог што бил погрешно претставен со тоа што сатаната му ги припишал своите сопствени особини, така и овие лоши луѓе лажно ги претставиле Господовите весници. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest