Левиј-Матеј (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Фарисеите не сакале да сфатат дека Исус јадел со цариниците и грешниците за да им ја донесе небесната светлина на оние што седат во мрак. Не сакале да видат дека секој збор на божествениот Учител бил живо семе што ќе из’рти и ќе донесе плод на слава на Бога. Решиле да не ја прифатат светлината, па иако ја одбивале работата на Крстителот, сега биле готови да се спријателат со неговите ученици, надевајќи се дека ќе обезбедат нивна соработка против Исуса. Тврделе дека Исус ги уништува старите преданија и ја истакнувале спротивноста меѓу сериозната побожност на Крстителот и Исусовото однесување при гоштавањето со цариниците и грешниците.

Јовановите ученици во тоа време биле во голема жалост. Тоа се случило пред нивната посета на Исуса со пораката на Јована. Нивниот сакан учител бил во затвор и тие деновите ги поминувале во тага. Исус не вложил никаков напор да го ослободи Јована, туку дури се чинело дека го урива угледот на неговото учење. Ако Јован бил пратен од Бога, зошто Исус и неговите ученици оделе по пат што бил толку различен од неговиот?

Јовановите ученици немале јасна претстава за Христовата работа. Мислеле дека можеби сепак постои некоја основа за фарисејското обвинување. Почитувале многу правила што ги пропишале рабините и дури се надевале дека ќе бидат оправдани со делата на законот. Евреите спроведувале пост како заслуга, а најревните меѓу нив постеле два дена секоја седмица. Фарисеите и Јовановите ученици постеле кога овие, последниве, дошле кај Исуса со прашањето: „Зошто ние и фарисеите постиме често, а твоите ученици не постат?“

Исус им одговорил мошне благо. Не настојувал да го исправи нивното погрешно сфаќање за постот, туку само правилно да ги упати во својата работа. Тоа го сторил користејќи го истиот сликовит израз што го употребил и самиот Крстител во своето сведоштво за Исуса. Јован рекол: „Оној што ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, од срце се радува штом ќе го чуе гласот на младоженецот. И така, оваа моја радост се исполни“ (Јован 3,29). Јовановите ученици не можеле да не си спомнат за овие зборови на својот учител, кога Исус, земајќи ја истата слика, рекол: „Можат ли сватовите да постат додека младоженецот е со нив?“

Небесниот Господар се наоѓал среде својот народ. На светот му е предаден најголемиот Божји дар. Радост за сиромасите, зашто Христос дошол да ги стори наследници на своето царство. Радост за богатите, зашто ќе ги поучува како да си обезбедат вечно богатство. Радост за неучените, зашто Тој ќе ги вразуми за спасението. Радост за учените, зашто Тој ќе им открие подлабоки тајни отколку што тие кога било досегнале; со мисијата на Спасителот на луѓето ќе им бидат откриени вистините што биле скриени од создавањето на светот.

Јован Крстителот се радувал што го набљудувал Спасителот. Каква можност за радост имале учениците кои уживале посебно право да одат и да разговараат со небесното Величество! Тоа за нив не било време да тажат и да постат. Мора да ги отворат срцата и да ја примат светлината на неговата слава со која ќе можат да ги осветлат оние што седат во мрачниот предел на смртта. Тоа била светла слика што ја создавале Христовите зборови, но над неа лежела тешка сенка што ја разузнавало само неговото око. „Но ќе дојдат дни“, рекол, „кога ќе им се отме Младоженецот и тогаш ќе постат.“ Кога ќе го видат својот Господ предаден и распнат, учениците ќе тагуваат и ќе постат. Со своите последни зборови што им ги упатил во горната соба, Исус им рекол: „Уште малку и веќе не ќе ме гледате, и пак по кратко ќе ме видите. Вистина, вистина, ви велам, вие ќе плачете и ќе тажите, а светот ќе се радува; ќе бидете жалосни, но вашата жалост ќе се претвори во радост“ (Јован 16,19.20) (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest