Левиј-Матеј (прв дел)

Од римските службеници во Палестина, цариниците биле најомразени. Давачките наметнати со сила постојано им пречеле на Евреите, потсетувајќи ги дека ја загубиле својата независност. Даночниците не биле само орудија на римското угнетување, туку изнудувачи што се богателе на сметка на народот. Еден Евреин, што би прифатил ваква служба од рацете на Римјаните, е сметан за предавник на честа на својот народ. Презиран е како отпадник и е нареден меѓу најнеугледните припадници на општеството.

На овој општествен слој му припаѓал и Левиј ­ Матеј, кој ќе биде повикан во Христова служба по четворицата ученици во Генисарет. Фарисеите го проценувале Матеја според неговото занимање, но Исус кај овој човек видел срце отворено за прифаќање на вистината. Матеј го слушал учењето на Спасителот. Кога Божјиот Дух му ја открил неговата грешност, тој копнеел да побара помош од Христа, но навикнат на рабинската исклучивост, не очекувал да го забележи овој голем Учител.

Седејќи еден ден во својата трошаринска куќичка, цариникот го видел Исуса како се приближува. Големо било неговото изненадување кога ги чул зборовите што му се упатени: „Следи ме!“

Матеј „стана и тргна по него“. Немало колебање, двоумење, размислување за доходовната работа што треба да ја замени со сиромаштво и со неволји. За него било доволно што ќе биде со Исуса, што ќе може да ги слуша неговите зборови и што ќе се соедини со него во неговата работа.

Така било и со учениците кои биле повикани порано. Кога Исус побарал од Петар и од неговите другари да го следат, веднаш ги оставиле своите чамци и мрежи. Некои од овие ученици имале домашни што ги издржувале, но кога го чуле повикот на Спасителот, не се колебале ниту се прашувале: „Како ќе живеам и како ќе го издржувам семејството?“ Го прифатиле повикот, па кога Исус подоцна ги прашал: „Кога ве пратив без ќесе и без торба и обувки, дали нешто ви недостигна?“, можеле да одговорат: „Ништо!“ (Лука 22,35).

Матеј со своето богатство, а Андреја и Петар со своето сиромаштво, се ставени пред исто искушение; секој од нив својот живот ѝ го посветил на иста цел. Во миговите на успех, кога мрежите биле полни со риби, а носталгијата за стариот начин на живот најсилни, Исус крај морето побарал од учениците да напуштат сè за делото на евангелието. Така се проверува секоја душа дали е посилна желбата за поминливите добра или желбата за дружење со Христа.

Начелото секогаш многу бара. Ниеден човек не може да успее во службата на Бога ако целото негово срце не е во неа и ако не го смета овој свет за ништожество во споредба со преважното познавање на Христа. Ниеден човек што се притеснува не може да биде Христов ученик, а уште помалку негов соработник. Кога луѓето правилно ќе го сфатат големото спасение, самопожртвуваноста што се гледала во Христовиот живот, ќе се покаже и во нивниот. По кој било пат да ги поведе, ќе се радуваат да го следат.

Повикувањето на Матеја да стане еден од Христовите ученици предизвикало големо негодување. Со изборот на цариник за свој непосреден придружник, верскиот учител ги навредувал верските, општествените и народните обичаи. Повикувајќи се на предрасудите на народот, фарисеите се надевале дека струјата на народните чувства  ќе се сврти против Исуса.

Меѓу цариниците настанало широко интересирање. Божествениот Учител ги привлекол нивните срца кон себе. Во радоста на своето ново учеништво, Матеј копнеел да ги доведе кај Исуса своите поранешни другари. Сообразно со тоа, во својот дом приредил гозба и ги повикал сите свои роднини и пријатели. Биле вклучени не само цариниците, туку и многу други што имале сомнителен углед и биле отфрлени од своите соседи кои строго се придржувале кон прописите.

Гозбата е приредена во Исусова чест и Исус не се колебал да ја прифати љубезноста. Добро знаел дека тоа ќе биде соблаз на за фарисејската партија и дека ќе го доведе во неприлика во очите на народот. Меѓутоа, врз неговото дејствување не можело да влијае никакво човечко правило. Надворешните белези за него немале никакво значење. Она што го привлекувало неговото срце било душата жедна за водата на животот. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest