„Лазаре, излези надвор!“ (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Ја послушале Исусовата заповед и го отстраниле каменот. Сè е сторено јавно и со цел. На сите им е дадена можност да видат дека не е во прашање никаква измама. Во гробот во карпата лежело телото на Лазара, студено и мирно во смрт. Извиците на тажачките замолкнале. Изненадена и полна со очекување, толпата стоела околу гробот чекајќи да види што ќе се случи. Христос спокојно стоел пред гробот. Врз присутните почивала свечена сериозност. Христос се приближил до гробот. Подигајќи ги очите кон небото, рекол: „Оче, ти благодарам што ме послуша.“ Пред малку Христовите непријатели го обвинувале за хула против Бога и зеле камење да фрлат на него затоа што тврдел дека е Божји Син. Го обвиниле дека прави чуда со сатанска сила. Меѓутоа, овде Христос тврди дека Бог е негов Татко и дека со совршена доверба изјавува оти Тој е Божји Син.

Сè што правел, Христос правел во соработка со својот Отец. Секогаш внимателно покажувал дека не работи независно од него, а своите чуда ги правел со вера и со молитва. Христос сакал сите да знаат за неговиот однос кон неговиот Отец. „Оче“, рекол, „ти благодарам што ме послуша. Јас знаев дека секогаш ме слушаш, но ова го реков заради насобраниве луѓе, за да поверуваат дека ти ме прати.“ Овде на учениците и на народот требало да им биде даден најубедливиот доказ за односот што постои меѓу Христа и Бога. Ним требало да им се покаже дека Христовото тврдење не било измама.

„Откако го рече тоа, викна со силен глас: ‘Лазаре, излези надвор!’“ Неговиот глас, јасен и силен, допрел до ушите на умрениот. Додека зборувал, низ неговата човечка природа проникнувало божественото. На неговото лице, озарено со Божја слава, народот можел да ја види сигурноста на неговата сила. Секое око било приковано за влезот на вдлабнатината во карпата. Секое уво било наштимано да прими и најмалечок звук. Со голем и внимателен интерес сите го очекувале испитот на Христовото божество, доказ што треба да ја потврди неговата изјава дека е Божји Син или да ја задуши надежта за вечни времиња.

Во тивкиот гроб нешто се поместило, и оној што бил мртов стоел пред влезот на гробот. Неговите движења биле ограничувани од мртовечките повои со кои бил завиткан, па Христос им рекол на вчудовидените гледачи: „Одмотајте го и пуштете го да оди!“ Повторно е покажано дека човекот работник треба да соработува со Бога. За луѓето треба да работат луѓе. Лазара го ослободиле и тој стоел пред мноштвото, не како човек испиен од болест, со слаби, треперливи екстремитети, туку како човек во најдобри години, со полна сила на мажевност. Неговите очи светеле со разум и со љубов кон својот Спасител. Со длабока преданост се фрлил пред Исусовите нозе.

Очевидците од почеток стоеле како стаписани. Потоа уследила неопишана сцена на радост и благодарност. Сестрите како Божји дар го примиле својот брат, воскреснат од мртвите и, прекинувани со солзи радоснички, му ја изразиле својата благодарност на Спасителот. Меѓутоа, додека братот, сестрите и пријателите се радувале при оваа повторна средба, Исус се повлекол од местото на настанот. Кога го побарале Дародавецот на животот, не можеле да го најдат.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest