„Лазаре, излези надвор!“ (прв дел)

Лазар од Витанија бил меѓу најпостојаните Христови ученици. Уште од првата средба неговата вера во Христа била силна, неговата љубов кон него била длабока, и на Спасителот му бил мошне мил. За Лазара Христос го сторил своето најголемо чудо. Спасителот ги благословувал сите што барале негова помош; Тој го сака целото човечко семејство, но со некои е поврзан со посебни нежни врски. Неговото срце било проникнато со цврсти врски на љубов кон семејството во Витанија, па за еден негов член го сторил своето најчудесно дело.

Во домот на Лазара Исус често наоѓал одмор. Спасителот немал свој дом и зависел од гостопримството на своите пријатели и ученици, па често кога бил уморен и желен за човечко пријателство, му било мило да најде прибежиште во овој мирен дом, далеку од сомневањата и љубомората на гневните фарисеи. Овде наоѓал искрено добредојде и чисто, свето пријателство. Овде можел да зборува едноставно и наполно слободно, знаејќи дека неговите зборови ќе се сфатат и ќе се ценат.

Нашиот Спасител го ценел тивкиот дом и внимателните слушатели. Тој копнеел за човечка нежност, љубезност и топлина. Оние што го прифатиле небесното поучување, што Тој секогаш бил готов да го даде, биле обилно благословени. Додека мноштвото го следело Христа низ отворени полиња, Тој им ја откривал убавината на светот на природата. Настојувал да ги отвори очите на нивниот разум за да можат да видат како Божјата рака го одржува светот. За да поттикне желба кон Божјата доброта и кон неговите доброчинства, вниманието на своите слушатели го насочил кон росата што нежно паѓа, кон милниот дождец и кон сјајното сонце што им е еднакво подарено и на добрите и на лошите. Сакал луѓето поцелосно да го сфатат вниманието што им го подарува Бог на човечките орудија што ги создал. Меѓутоа, мноштвото не било подготвено да слуша, па во домот во Витанија Христос наоѓал одмор од исцрпувачкиот судир во јавниот живот. Тука на благодарните слушатели им ја отворал книгата на Провидението. Во овој интимен разговор на своите слушатели им го откривал она што не се обидувал да му го каже на тоа разнолико мноштво. Немал потреба на своите пријатели да им зборува низ споредби.

Додека Христос ги изнесувал своите прекрасни поуки, Марија седела крај неговите нозе, како предан слушател полн со почит. Еднаш Марта, зафатена и загрижена со приготвување на ручекот, дошла кај Христа велејќи: „Господе, зар не те засега тоа што сестра ми ме остави сама да те служам? Речи ѝ да ми помогне!“ Тоа се случило во времето на Христовата прва посета на Витанија. Спасителот и неговите ученици штотуку пристигнале од своето заморно патување од Ерихон. Марта се трудела да им обезбеди удобност и во својата грижа ја заборавила љубезноста што му ја должи на својот гостин. Исус ѝ одговорил со благи и стрпливи зборови: „Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу нешта, а сепак, само едно е потребно. Марија навистина го одбрала најдобриот дел што нема да ѝ се одземе.“ Марија во својот ум ги пластела драгоцените зборови што излегувале од усните на Спасителот, зборови што ѝ биле подрагоцени од најскапоцените земни драгоцености.

Тоа „едно“ што ѝ било потребно на Марта е благиот дух на преданоста, подлабока грижа за знаење за идниот бесмртен живот и за особините неопходни за духовно напредување. Требало помалку да се грижи за поминливото, а повеќе за она што ќе трае вечно. Исус сака да ги поучи своите деца да искористат секоја прилика за да се здобијат со ова знаење што ќе ги стори мудри за спасение. На Христовото дело му се потребни промислени, енергични работници. Постои широко поле за марти со нивната ревност за делотворна верска работа. Меѓутоа, тие најпрво нека седнат заедно со Марија крај Исусовите нозе. Трудољубивоста, точноста и силата нека бидат посветени со Христовата милост, па тогаш животот ќе биде непобедлива сила за добро. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest