„Лазаре, излези надвор!“ (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Марта побрзала да го сретне Исуса; нејзиното срце го кинеле порои од најразлични чувства. На неговото познато лице ја читала истата нежност и љубов што постоеле тука секогаш. Нејзината доверба во него била непоколебана, но мислела на својот мил брат кого Исус го сакал. Со жалост што го восколебала нејзиното срце затоа што Христос не дошол порано, а сепак со надеж дека дури и сега ќе стори нешто за да ги утеши, рекла: „Господе, да беше ти овде, мојот брат не ќе умреше.“ Среде бркотницата што ја правеле тажачките, сестрите постојано ги повторувале овие зборови.

Со човечко и со божествено сожалување Исус го набљудувал нејзиното жалосно и со грижа избрчкано лице. Марта немала склоност да раскажува за она што поминало; сето тоа го искажала со трогателните зборови: „Господе, да беше ти овде, мојот брат не ќе умреше.“ Но, гледајќи го лицето полно со љубов, додала: „Но и сега знам дека Бог ќе ти даде сè што ќе побараш од него.“

Исус ја охрабрил нејзината вера со зборовите: „Твојот брат ќе воскресне!“ Неговиот одговор немал за цел да создаде надеж во моментална промена. Тој мислите на Марта ги повел преку сегашното оживување на нејзиниот брат и ги насочил кон воскресението на праведниците. Тој ова го сторил со цел во воскресението на Лазара таа да види залог на воскресението на сите мртви праведници и сигурност дека тоа ќе биде остварено со силата на Спасителот.

Марта одговорила: „Знам дека ќе воскресне при воскресението во последниот ден.“

Сакајќи нејзината вера да ја упати во вистинска насока, Исус изјавил: „Јас сум воскресение и живот.“ Во Христа лежи исконски, непозајмен, нестекнат живот. „Кој го има Синот, го има тој живот“ (1. Јованово 5,12). Христовото божество е цврсто ветување за верникот за вечен живот. „Кој верува во мене“, рекол Исус, „и да умре ќе живее. И секој, кој живее и верува во мене, нема да умре довека. Веруваш ли ти во тоа?“ Христос овде однапред гледа во времето на своето второ доаѓање. Тогаш умрените праведници ќе станат во нераспадливост, а живите праведници ќе се земат на небото без да вкусат смрт. Чудото, што ќе го стори Христос за неколку мига со воскресението на Лазара од мртвите, ќе го претставува воскресението на сите умрени праведници. Со својата реч и со своите дела Тој се прогласил себеси за зачетник на воскресението. Тој, кој и самиот набргу ќе умре на крст, стоел со клучевите на смртта како победник над гробот, покажувајќи го своето право и својата сила да даде вечен живот.

На зборовите на Спасителот: „Веруваш ли ти во тоа?“, Марта одговорила: „Да, Господе, јас цврсто верувам дека ти си Христос, Син Божји, кој дојде на светот.“ Таа не го сфатила потполно значењето на зборовите што ги изговорил Христос, но ја признала својата вера во неговото божество и својата доверба дека Тој може да стори сè што сака да стори.

„Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија и ѝ рече скришно: ‘Учителот е тука и те вика!’“ Веста ѝ ја соопштила колку што можела потивко, зашто свештениците и поглаварите биле готови да го уапсат Исуса кога ќе им се даде можност. Викотниците на тажачките не дозволиле да се чујат нејзините зборови.

Кога ја слушнала веста, Марија веднаш станала и со израз на очекување на лицето ја напуштила просторијата. Мислејќи дека пошла на гробот да плаче, ожалостените ја следеле. Кога стигнала на местото на кое Исус чекал, клекнала крај неговите нозе и со треперливи усни кажала: „Господе, да беше ти овде, брат ми не ќе умреше.“ Пискотите на тажачките тешко ги поднесувала, зашто копнеела да измени неколку мирни зборови насамо со Исуса. Меѓутоа, знаела за злобата и за љубомората што ги негувале во своите срца некои од присутните, па се воздржала од целосно изразување на својата болка.

„Кога Исус ја виде расплакана, и како плачат Евреите, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе.“ Тој ги читал срцата на сите собрани. Видел дека кај мнозина жалоста што ја покажувале е само преправање. Знаел дека некои од овој собир, кои сега покажуваат лицемерна жалост, набргу ќе планираат смрт не само за моќниот Чудотворец, туку и за оној што ќе биде подигнат од мртвите. Христос можел да го симне од нив плаштот на лажната жалост. Но го задржал својот праведен гнев. Зборовите што можел да ги изговори како израз на целосната вистина не ги изговорил поради она мило лице кое со болка коленичело крај неговите нозе и кое вистински верувало во него.

„Каде го положивте?“ ­ прашал. „Му рекоа: ‘Господе, дојди и види!’“ Заедно се упатиле кон гробот. Тоа била жалосна сцена. Лазар бил мошне омилен и неговите сестри со скршено срце плачеле за него, а неговите пријатели се придружиле кон болката и солзите на ожалостените сестри. Пред таа човечка беда и пред фактот што несреќните пријатели можат да го оплакуваат мртвиот додека Спасителот на светот стои покрај нив „на Исуса му потекоа солзи“. Иако бил Божји Син, сепак зел човечка природа на себе и бил трогнат со човечката жалост. Неговото нежно, сожаливо срце секогаш е поттикнато со сочувство кон оние што страдаат. Тој плаче со оние што плачат и се радува со оние што се радуваат. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest