Кој е најголем? (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Ако сега не ги послуша, тогаш во никој случај не порано тоа прашање треба да се изнесе пред целиот собир на верниците. Верниците на црквата, како Христови претставници, нека се соединат во топла молитва и со љубов за да се поправи престапникот. Светиот Дух ќе зборува преку своите слуги, ќе го моли заблудениот да се врати кај Бога. Вдахновениот апостол Павле вели: „Бог ве моли преку нас. Ве молиме во Христово име, помирете се со Бога!“ (2. Коринќаните 5,20). Оној што ќе го отфрли овој заеднички предлог, ја прекинал врската што го поврзува со Христа и со тоа самиот се изделил од заедницата на верните. Потоа, вели Исус, „нека ти биде како неверник и како даночник“. Меѓутоа, тој не смее да се смета за отсечен од Божјата милост. Нека не биде презрен или занемарен од своите поранешни браќа, туку негуван со нежност и со сочувство, како една од загубените овци што Христос секогаш сака да ја доведе во своето трло.

Христовото упатство за постапување со заблудениот се повторува во многу поодреден облик во учењето дадено на Израел преку Мојсеја: „Немој да го мразиш својот брат во своето срце. Слободно искарај го својот ближен и немој да трпиш грев кај него“ (3. Мојсеева 19,17). Тоа значи, ако некој ја занемари должноста што ја одредил Христос да ги врати оние што се во заблуда и во грев, тој станува соучесник во гревот. За злото што сме можеле да го запреме исто толку сме одговорни како самите да сме виновни за него.

Меѓутоа, на оној што прави зло треба да му укажеме на злото. Тоа не смееме да го направиме предмет на нашите меѓусебни коментари и критикувања; дури ни по изнесувањето пред црквата, немаме право тоа да им го повторуваме на другите. Сознанието за грешките на христијаните ќе биде само причина за сопка за светот што не верува; а ако размислуваме за ова, можеме да имаме само штета, зашто со набљудувањето и ние се менуваме. Со желба да ги исправиме грешките на некој брат, Христовиот Дух ќе нè води да го штитиме колку што е можно од критикувања дури и од неговите браќа, и уште повеќе, од прекорите на неверниот свет. И самите грешиме и потребна ни е Христова милост и проштавање, па токму онака како што сакаме Тој да постапува со нас, Христос ни заповеда и ние да постапуваме еден со друг.

„Сè што ќе сврзете на земјата ќе биде сврзано на небото, и сè што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано на небото.“ Вие дејствувате како небесни пратеници и вашето дело е за вечност.

Меѓутоа, оваа голема одговорност не мораме да ја носиме сами. Секаде каде што се слушаат неговите зборови со искрено срце, тука престојува и Христос. Тој не е присутен само на собирите во црквата, туку и таму каде што се собираат учениците во негово име, без оглед колку се малку. За тоа имаме негова изјава: „Ако двајца од вас на земјата еднодушно молат за нешто, ќе им даде мојот Отец кој е на небесата.“

Со изјавата: „Мојот Отец кој е на небесата“, Исус како да ги потсетува учениците дека Тој, додека е поврзан со својата човечка природа, со нив учествува во нивните искушенија и соучествува со нив во нивните страдања. Тој со својата божествена природа е поврзан со престолот на Бесконечниот. Каква сигурност! Небесните свети суштества се соединуваат со луѓето соучествувајќи и залагајќи се за спасението на оние што се загубени. Сета небесна сила се соединува со човечката способност да ги привлече душите кон Христа.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest