Кој е најголем? (прв дел)

Враќајќи се во Капернаум, Исус не отишол на добро познатите места на кои го учел народот, туку со своите ученици тивко побарал куќа што требало да биде нивни привремен дом. За време на остатокот од својот престој во Галилеја, негова намера била да ги поучува учениците, а не да работи за мноштвото.

На патот низ Галилеја Христос пак се обидел да ги приготви мислите на учениците за сцените што го очекувале. Им рекол дека треба да оди во Ерусалим да биде убиен и да воскресне. Додал необична и свечена изјава дека ќе биде предаден во рацете на своите непријатели. Дури ни сега учениците не ги сфатиле неговите зборови. Иако врз нив паднала сенка на голема болка, во нивните срца нашол место дух на соперништво. Меѓу себе расправале за тоа кого би требало да го сметаат за најголем во царството. Имале намера оваа препирка да ја скријат од Исуса и не се тискале како обично покрај него, туку подзастанувале, така што Тој бил пред нив кога оделе во Капернаум. Исус ги читал нивните мисли и копнеел да ги посоветува и да ги поучи. Меѓутоа, чекал погоден миг кога нивните срца ќе бидат отворени да ги примат неговите зборови.

Набргу, кога стигнале во градот, собирачот на црковен приход му пристапил на Петар со прашањето: „Зар вашиот Учител не дава дводрахми?“ Овој данок не бил граѓанска обврска, туку верски придонес што морал да го плати секој Евреин годишно за помагање на храмот. Одбивањето да се плати овој данок би се сметало за неверност кон храмот и, според мислењето на рабините, најтежок грев. Ставот на Спасителот кон рабинските закони и неговите јасни укори упатени до бранителите на преданијата, овозможувале изговор за обвинување дака Тој сака да ја урне службата во храмот. Сега неговите непријатели виделе прилика да го уништат неговиот углед. Во собирачот на данок нашле погоден сојузник.

Петар во прашањето на собирачот видел навестување што ја напаѓало Христовата приврзаност кон храмот. Ревен за честа на својот Учител, но не советувајќи се со него, бргу одговорил дека Исус ќе го плати данокот.

Меѓутоа, Петар само делумно ја сфатил намерата на овој човек што му го поставил прашањето. Постоеле извесни слоеви за кои се сметало дека се ослободени од плаќање на данок. Во времето на Мојсеја, кога Левитите биле издвоени за служба во светилиштето, не добиле никакво наследство меѓу народот. Господ рекол: „Затоа племето Левиево нема дел ниту наследство со своите браќа“ (5. Мојсеева 10,9).

Во Христово време свештениците и Левитите сè уште се сметале за посебно посветени на храмот и од нив не се барало да даваат годишен придонес за неговото потпомагање. Пророците исто така биле ослободени од ова плаќање. Барајќи данок од Исуса, рабините го отфрлиле неговото тврдење дека е пророк или учител, постапувајќи кон него како кон обично секојдневно лице. Неговото одбивање да плати данок би значело непочитување на храмот, а од друга страна, плаќањето би се зело како оправдување што го отфрлиле како пророк.

Само пред малку Петар го признал Исуса за Божји Син, но сега ја пропуштил приликата да го открие карактерот на својот Учител. Со својот одговор на собирачот дека Исус ќе плати данок, тој всушност ја потврдил погрешната претстава за него која свештениците и главарите се обидувале да ја разгласат. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest