Кои се мои браќа (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Тесно поврзана со Христовата опомена за гревот против Светиот Дух е и опомената против празните и лошите зборови. Зборовите се израз на она што е во срцето. „Зашто од изобилството на срцето зборува устата.“ Но зборовите се повеќе отколку израз на карактерот; тие имаат сила да влијаат врз карактерот. Луѓето се под влијание на сопствените зборови. Често во еден миг, поттикнати од сатаната, тие ја изразуваат својата љубомора или лошите претпоставки, изнесувајќи го она во што навистина не веруваат; но зборовите вршат влијание врз мислите. Измамени се со своите зборови и почнуваат да веруваат дека е вистина она што го изговориле поттикнати од сатаната. Бидејќи еднаш изразиле некое мислење или одлука, често премногу се горди да ја повлечат и се обидуваат да докажат дека имаат право, сè додека не поверуваат оти навистина имаат право. Опасно е да се изговори збор на сомневање, опасно е да се стави под сомневање и да се критикува божествената светлина. Навиката на непромислено и потценувачко критикување дејствува врз карактерот така што развива непочитување и неверство. Мнозина, попуштајќи ѝ на оваа навика, оделе сè понатаму, несвесни за опасноста, додека не станале готови да го критикуваат и да го отфрлат делото на Светиот Дух. Христос рекол: „Ви велам дека за секој празен збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; зашто по вашите зборови ќе бидете оправдани, и по вашите зборови ќе бидете осудени.“

Тогаш додал една опомена за оние што биле одушевени со неговите зборови, кои радо го слушале, но не му се предале на Светиот Дух да живее во нив. Душата не бидува уништена само поради опирањето, туку и поради немарноста. „Кога нечистиот дух излегува од човек“, рекол Исус, „минува низ безводни места барајќи одмор, ама не го наоѓа. Тогаш вели: ‘Ќе се вратам во својот дом од каде што излегов.’ И кога ќе дојде, го наоѓа празен, изметен и суреден. Тогаш оди и зема со себе седум други духови, полоши од себе, и тие влегуваат и живеат таму, а последната состојба на тој човек станува полоша од првата.“

Во Христово време, а и денеска, има многу такви над кои, за извесно време, власта на сатаната се чини дека е скршена; со Божја милост ослободени се од лошите духови што господареле со душата. Се радувале во Божјата љубов; но, како слушателите од параболата што се претставени со каменливата почва, тие не останале во неговата љубов. Не му се предавале секојдневно на Бога за Исус да може да живее во срцето, па кога лошиот дух се вратил со „седум други духови, полоши од себе“, со нив потполно завладеала силата на злото.

Кога душата ќе му се предаде на Христа, со новото срце загосподарува нова сила, настанува промена што човекот никогаш не може да ја изврши сам за себе. Тоа е натприродно дело што воведува натприроден елемент во човековата природа. Душата што му се потчинува на Христа станува негова тврдина што Тој ја држи во побунетиот свет и настојува во неа да не биде признат ниту еден друг авторитет, освен неговиот. Душата која на тој начин ја држат небесните сили е непреземлива за сатаната. Меѓутоа, ако не ја прифатиме Христовата власт, со нас ќе загосподари лукавиот. Ние мораме да се најдеме под власт или на едната или на другата од овие две големи сили што се во судир за врховна власт во светот. Не мораме доброволно да ја избереме службата на царството на темнината за да паднеме под негова власт. Доволно е само да занемариме да се поврземе со царството на светлината. Ако не соработуваме со небесните сили, сатаната ќе го заземе срцето и ќе го направи свое живеалиште. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest