Кои се мои браќа? (трет дел)

(продолжува од претходнјот ден) Единствена одбрана од злото е Христос кој живее во срцето со вера во неговата праведност. Сè додека не станеме животно поврзани со Бога, нема никогаш да можеме да му се противставиме на обесветувачкото влијание на самољубието, на самоувереноста и на склоноста кон гревот. Ние можеме да напуштиме многу лоши навики, за извесно време можеме да ја прекинеме заедницата со сатаната, но без животна врска со Бога, што се остварува со негово прифаќање секој миг, ќе бидеме поразени. Без лично познанство и постојана заедница со Христа, препуштени сме му на милост и немилост на непријателот и на крај ќе ги спроведуваме неговите налози. „А последната состојба на тој човек станува полоша од првата.

Така ќе биде“, вели Исус, „и со ова зло поколение.“ Нема потврдокорни луѓе од оние што го презирале повикот на милоста и му пркоселе на Духот на благодатта. Највообичаен израз за гревот против Светиот Дух е упорното омаловажување на небесниот повик на покајание. Секој чекор во отфрлањето на Христа е чекор кон отфрлање на спасението и кон грев против Светиот Дух.

Отфрлајќи го Христа, еврејскиот народ сторил непростлив грев; а со одбивањето на повикот на милоста и ние можеме да ја направиме истата грешка. Ние го навредуваме Кнезот на животот и го изложуваме на срамотење пред сатанската толпа и пред вселената кога одбиваме да ги слушаме неговите ополномоштени весници и, кога наместо нив, ги слушаме сатанските посредници кои сакаат да ја одвојат душата од Христа. Сè додека некој постапува така, не може да најде надеж или проштавање и на крај ќе загуби секоја желба да се помири со Бога.

Додека Исус уште го поучувал народот, неговите ученици му донеле вест дека надвор се неговата мајка и браќа и дека сакаат да го видат. Знаел што се наоѓа во нивните срца, па „му одговори на оној што му го јави тоа: ‘Која е моја мајка и кои се мои браќа?’ И ја подаде раката кон своите ученици и рече: ‘Еве ја мојата мајка и моите браќа! Секој што ја извршува волјата на мојот небесен Отец, тој ми е брат, и сестра и мајка.’“

Сите што сакале да го примат Христа со вера биле соединети со него со врска што е поинтимна од човечките роднински врски. Тие ќе станат едно со него, како и Тој што бил едно со Отецот. Неговата мајка била поблиска и поспасоносно поврзана со него врз основа на тоа што верувала и во дело ги спроведувала неговите зборови, отколку преку своето природно роднинство. Неговите браќа не би имале никаква корист од својата врска со него сè додека не би го прифатиле како свој личен Спасител.

Колку силна потпора Христос би имал од своите земни роднини кога тие би верувале во него како во небесен Пратеник и кога би соработувале со него во извршувањето на Божјето дело! Нивното неверство фрлило сенка врз Исусовиот земен живот. Тоа претставувало дел на горчината на чашата на болката што Тој ја испил за нас.

Божјиот Син длабоко го чувствувал непријателството распалено во човечкото срце против евангелието и тоа за него било најболно во неговиот дом затоа што неговото срце било полно со љубезност и со љубов и затоа што го ценел нежното внимание во семејните односи. Неговите браќа сакале Тој да ги одобри нивните замисли иако тоа било наполно не сообразно со неговата божествена задача. Сметале дека нему му е потребен совет. За него просудувале како луѓе од човечка гледна точка и сметале дека, кога би го зборувал само она што би било прифатливо за закониците и фарисеите, би ги избегнал несогласијата и судирите што ги предизвикувале неговите зборови. Го сметале за неразумен кога тврдел оти има божествен авторитет и кога пред рабините се поставувал како Оној што ги укорува нивните гревови. Знаеле дека фарисеите бараат прилика да го обвинат и чувствувале дека Тој им дал доволно поводи. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest