Кога се исполни времето (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Народот што го повикал Бог да биде „столб и тврдина на вистината“ (1 Тимотеј 3,15), станал претставник на сатаната. Извршувал задача што му ја доверил сатаната за со погрешно претставување на Божјиот карактер да го наведе светот Бога да го смета за тиран. И свештениците, кои служеле во храмот, ја загубиле од вид смислата на службата што ја вршеле. Тие престанале во симболите да ја гледаат суштината. Кога ги принесувале жртвените дарови, се однесувале како артисти на сцена. Обредите што ги воспоставил Бог станале средство за заслепување на умот и за стврднување на срцето. Со овие канали Бог не можел веќе ништо да стори за човекот. Целиот систем морал да се укине.

Измамата на гревот постигнала врв. Биле ставени во движење сите орудија за изопачување на човечките души. Набљудувајќи го светот, Божјиот Син ги гледал страдањата и бедата. Со тага Тој видел како луѓето станале жртви на свирепоста на сатаната. Со сочувство ги набљудувал оние што биле изопачени, уништени и загубени. Тие го избрале владетелот кој како робови ги оковал во вериги за својата кола. Збунети и измамени, се движеле во мрачна поворка кон вечна пропаст кон смрт во која нема надеж во живот, кон ноќ по која нема утро. Орудијата на сатаната се здружиле со луѓето. Телата на човечките суштества, создадени да бидат живеалишта на Бога, станале стан на демоните. Со сетилата, нервите, нагоните и органите на луѓето, управувале натприродни сили за да ги поттикнат кон прифаќање на најниски страсти. На лицето на луѓето бил втиснат демонски печат, печат на сатанските легиони со кои луѓето биле опседнати. Таква била сцената што ја набљудувал Откупителот на светот. Каква сцена за безмерната Чистота!

Гревот станал наука, а порокот посветен дел на религијата. Бунтот пуштил корење длабоко во срцето и непријателството на човекот најсвирепо било вперено против Небото. Пред целата вселена се покажало дека без Бога паднатото човештво не може да се подигне. Оној што го создал светот мора да подари нов елемент на живот и сила.

Со огромно интересирање жителите на световите што не паднале очекувале да го видат Јехова како станува и ги уништува жителите на земјата. Кога Бог би го сторил тоа, сатаната би бил готов да го спроведе својот план, обезбедувајќи си на тој начин поданичка покорност на небесните суштества. Тој изјавил дека начелата на Божјето владеење не овозможуваат проштавање. Кога светот би бил уништен, тој би тврдел дека неговите обвинувања се вистинити. Бил готов вината да ја фрли врз Бога и својот бунт да го прошири и меѓу небесните светови. Меѓутоа, наместо да го уништи светот, Бог го пратил својот Син да го спаси. Иако во секој дел на покорената земја можеле да се видат изопаченост и пркос, обезбеден е начин за нејзино закрепнување. Во мигот на најголемата криза, кога се чинело дека сатаната ќе победи, Божјиот Син дошол како Пратеник на божествената милост. Во сите времиња, во секој миг, на паднатиот човечки род му се покажувала Божјата љубов. Наспроти изопаченоста на луѓето, постојано се покажувале знаци на милоста. А кога се исполнило времето, Божеството се прославило со излевање на изобилство исцелителна благодат на светот, што никогаш нема да биде спречена или запрена додека не се изврши планот на спасението.

Сатаната ликувал што успеал во човечкиот род да го унижи Божјиот лик. Тогаш Исус дошол да го обнови во човекот ликот на Творецот. Никој друг, освен Христос, не е во состојба повторно да го изгради карактерот што е упропастен со гревот. Тој дошол да ги истера демоните што господареле со волјата, да нè подигне од правот и повторно да ни ја врати сличноста со себеси, разубавувајќи ја истата со својата слава.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest