Како дете (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) На тој начин, додека се обидувал да ја разбере суштината на работите, на Исуса му се откривало значењето на Божјите зборови и дела. Небесните суштества биле негови придружници, а Тој негувал свети мисли и заедница. Од мигот кога станал свесен за околината, Тој постојано растел и духовно се издигнувал во познавањето на вистината.

Секое дете може да стекне знаење како што го стекнал Исус. Додека се обидуваме да се запознаеме со нашиот небесен Отец со помош на неговата Реч, ангелите ќе ни се придружат, нашиот ум ќе го засилат, нашиот карактер ќе го издигнат и облагородат. Повеќе ќе личиме на Спасителот. Додека го набљудуваме убавото и величественото во природата, нашите чувства ќе се насочат кон Бога. Додека духот е исполнет со восхит, душата закрепнува од допирот со Бесконечниот преку неговите дела. Заедницата со Бога во молитва ги развива умните и моралните способности, а духовната сила зајакнува додека размислуваме за она што е духовно.

Исусовиот живот бил живот во хармонија со Бога. Додека бил дете, мислел и зборувал како дете, но ниту најмалечка трага на грев не го расипувала Божјиот лик во него. Сепак, Тој не бил ослободен од искушенијата. Злобата на жителите на Назарет била пословична. Со прашањето на Натанаил е искажано мислењето за лошиот глас што ги биел. „Може ли од Назарет да излезе нешто добро?“ (Јован 1,46). Исус е поставен таму каде што ќе се провери неговиот карактер. Било неопходно постојано да биде претпазлив за да ја сочува својата чистота. Бил подложен на сите борби со кои се соочуваме и ние за да може да ни биде пример во детството, во младоста и во зрелоста.

Сатаната бил неуморен во своите напори да го совлада Детето од Назарет. Уште од најраните години Исуса го чувале небесните ангели, па сепак неговиот живот бил долга борба против силите на темнината.

Фактот што на земјата постои живот неизвалкан со злото го навредувал и го збунувал кнезот на темнината. Немало средство со кое не се обидел да го фати Исуса во стапица. Ниту едно дете на човечкиот род нема никогаш да биде повикано да живее свет живот среде толкава жестока борба со искушението, како што било случај со нашиот Спасител.

Исусовите родители биле сиромашни и зависеле од секојдневната макотрпна работа. Бил запознат со сиромаштвото, со самооткажувањето и со скудноста. Ова искуство било негова заштита. Во неговиот трудољубив живот немало мигови на безделничење за да го повикаат искушението. Немало бесцелни часови што би му отвориле врата за порочно дружење. Колку што било можно, Тој му ја затворал вратата на искушувачот. Ниту заработувачката, ниту задоволството, ниту одобрувањето, ниту прекорот не можеле да го наведат да се согласи на лошо дело. Бил мудар да го препознае злото, а силен да му се противстави.

Христос бил единствено безгрешно суштество што живеело на земјата, иако речиси триесет години живеел меѓу порочните жители на Назарет. Овој факт е укор за оние што мислат дека неизвалканиот живот зависи од местото, од богатството или од напредокот. Искушението, сиромаштвото, несреќите, се вистински систем за обука потребна за развивање на чистота и постојаност.

Исус живеел во селски дом и верно и радосно го носел својот дел од товарот во домаќинството. Тој бил заповедник на небото и ангелите со радост го исполнувале неговиот збор; сега Тој бил ревносен слуга, послушен син полн со љубов. Учел занает и работел со свои раце со Јосифа во дрводелска работилница. Во припроста облека на обичен работник поминувал низ улиците на малечкото место, одејќи и враќајќи се од својата скромна работа. Тој не ја употребил својата божествена моќ да го намали товарот или да си ја олесни својата макотрпна работа.

Исусовиот ум и тело биле развиени бидејќи работел во детството и во младоста. Своите телесни сили не ги трошел лекомислено, туку го чувал здравјето за да може да изврши колку што е можно подобра работа. Дури ни во ракувањето со алатот не сакал да биде несмасен. Бил совршен како работник, како што бил совршен во карактерот. Со својот личен пример покажувал дека сме должни да бидеме трудољубиви, дека нашата работа мора да биде извршена правилно и темелно и дека таквата работа е достојна за почит. Вежбата што ги учи рацете да бидат корисни и ги воспитува младите да го носат својот дел од животниот товар, дава телесна сила и развива секоја способност. Сите треба да работат нешто што ќе биде благотворно за нив и помош за другите. Бог работата ја одредил како благослов, и само вредниот работник ужива чест и радост во животот. Над децата и младината, кои радосно го преземаат својот дел од обврските во домот, делејќи го товарот со таткото и мајката, почива Божје одобрување со цврсто ветување полно со љубов. Таквите деца си заминуваат од домот да станат корисни членови на општеството. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest