Како дете (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Во текот на целиот живот на земјата Исус бил сериозен и истраен работник. Тој очекувал многу, затоа преземал многу. Кога ја почнал својата работа, рекол: „Јас треба да ги извршувам делата на Оној кој ме прати додека е ден. Настапува ноќ кога никој не ќе може да работи“ (Јован 9,4). Исус не ги одбегнувал грижите и одговорноста, како што го прават тоа мнозина кои тврдат дека се негови следбеници. Поради тоа што сакаат да го одбегнат овој облик на воспитување, тие се слаби и неделотворни. Тие можат да имаат драгоцени и привлечни особини, но се слаби и речиси некорисни кога ќе наидат тешкотии или кога треба да се совладаат пречки. Позитивноста и енергијата, темелноста и цврстината на карактерот што ги покажал Христос, треба да се развијат и кај нас со помош на истата дисциплина на која и Тој ѝ бил потчинет. Милоста што ја примил Тој ќе ја примиме и ние.

Сè додека живеел меѓу луѓето, нашиот Спасител ја делел судбината на сиромасите. Тој од искуство ги познавал нивните грижи и тешкотии и затоа можел да ги утеши и да ги охрабри сите скромни работници. Оние што правилно го разбираат учењето на неговиот живот, никогаш нема да прават разлика меѓу општествените слоеви, нема богатите да ги ценат повеќе од чесните сиромаси.

Исус во својата работа внесувал радост и такт. Потребно е големо трпение и духовност за библиската религија да се внесе во животот на домот, во работилницата, за да се поднесе напнатоста на световните работи, а окото да се насочи кон Божјата слава. Во ова Христос бил помошник. Тој никогаш не бил толку окупиран со световна грижа за да нема време за небесните вредности или за размислување за нив. Радоста на своето срце често ја изразувал со пеење на псалми и небесни песни. Жителите на Назарет често го слушале неговиот глас како му упатува на Бога похвала и благодарност. Тој со песна одржувал заедница со Небото, и кога неговите другари би се жалеле на умор од работата, би биле израдувани со некоја пријатна мелодија од неговите усни. Неговиот фалбоспев како да ги терал лошите ангели и како темјан го исполнувал просторот со мирис. Мислите на неговите слушатели се пренасочувале од местото на нивното земно изгнанство кон небесниот дом.

Исус бил извор на исцелувачка милост за овој свет; и во текот на сите тие години на повлеченост во Назарет, неговиот живот се излевал во потоци на сочувство и нежност. Луѓето во години, жалосни, оптоварени со грев, децата во игра и во својата невина радост, малечките созданија во шумичките, стрпливите запрежни животни ­ сето тоа било посреќно во негово присуство. Тој, чијшто збор ги одржувал световите, се наведнувал да ѝ помогне на ранетата птица. Немало ништо што не би го забележал, ништо што не било достојно за неговата служба.

Така, додека се развивал умно и телесно, Исус растел во милоста и пред Бога и пред луѓето. Тој стекнувал симпатии од сите срца, покажувајќи подготвеност да сочувствува со сите. Атмосферата на надеж и храброст што го опкружувала го сторила благослов за секој дом. Често во сабота го повикувале да чита поуки од Пророците во синагогата, и срцата на слушателите би затрепериле од радост кога од познатите зборови на светиот спис засветлувала нова светлина.

Сепак, Исус го одбегнувал расфрлањето. Во текот на сите години на својот престој во Назарет, не ја покажувал својата чудотворна моќ . Не барал високи положби и не присвојувал никакви звања. Неговиот мирен и едноставен живот, како и молчењето на Писмото за неговите рани години, нè учат на важна поука. Колку е помирен и поедноставен животот на едно дете ­ колку е послободен од вештачки возбуди а повеќе во хармонија со природата ­ толку е поповолен за развој на телесните, умните и духовните сили.

Исус е наш пример. Мнозина премногу се интересираат за периодот на неговата јавна служба, а не ги забележуваат поуките од неговото детство. Меѓутоа, токму неговиот живот во домот е пример што треба да го следат децата и младите. Христос го прифатил сиромаштвото, со цел во скромните живот ни околности да нè поучи колку блиску можеме да одиме со Бога. Тој живеел за да му угоди, да му даде чест и да го прослави својот Отец во обичните животни околности. Неговата задача почнала тогаш кога му се посветил на скромниот позив на занаетчиите кои макотрпно го заработуваат секојдневниот леб. Тој на Бога му служел во иста мера додека работел крај дрводелската тезга колку и тогаш кога правел чуда пред мноштвото. Секој млад човек што го следи Христовиот пример на верност и послушност во својот скромен дом, може да полага право на зборовите што ги изговорил Отецот за него преку Светиот Дух: „Еве го мојот слуга што го поддржувам, мојот избраник, галеникот на мојата душа“ (Исаија 42,1).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest