Беседа на гората (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Откако објаснил во што се состои вистинската среќа и како може да се постигне, Исус поодредено укажал на должноста на своите ученици како учители избрани од Бога да ги поведат другите по патеката на правдата и вечниот живот. Знаел дека тие често ќе страдаат од разочарувања и обесхрабрувања, дека ќе се сретнуваат со упорно противење, дека ќе бидат напаѓани и дека нивното сведоштво ќе се отфрла. Добро знаел дека во извршувањето на својата мисија овие понизни луѓе, кои толку внимателно ги слушале неговите зборови, ќе мора да поднесуваат клевети, мачења, затвор и смрт, па продолжил: „Блазе на оние кои се прогонувани заради праведност, бидејќи нивно е царството. Блазе вам кога ве навредуваат, прогонуваат и говорат лажно против вас, со секакви лоши зборови, заради мене. Радувајте се и веселете се, бидејќи голема е вашата награда на небесата, зашто така ги прогонуваа и пророците кои беа пред вас.“

Светот го сака гревот, а ја мрази праведноста, и тоа била причината за неговото непријателство кон Исуса. Сите што ќе ја одбијат неговата бесконечна љубов, христијанството ќе го сметаат за фактор што вознемирува. Христовата светлина ја растерува темнината што ги покрива нивните гревови, создавајќи потреба од реформа. Додека едни, кои му се покоруваат на влијанието на Светиот Дух, почнуваат борба со самите себе, други, кои цврсто се држат за гревот, се борат против вистината и против нејзините носители.

На тој начин се создава раздор и Христовите следбеници ги обвинуваат како внесувачи на немир среде народот. Меѓутоа, пријателството со Бога им донесува непријателство од страна на овој свет. Тие ја носат Христовата срамота. Тие ја следат патеката што ја разгазиле најблагородните на земјата. Радосно, а не со жалост, треба да се соочат со прогонствата. Секое жестоко искушение е Божје средство за нивно облагородување. Секој таков тест ги оспособува за нивната работа како негови соработници. Секој судир има свое место во големата борба за праведност и секој ќе придонесе за радоста на нивната животна победа. Имајќи го ова предвид, тестот на нивната вера и трпение ќе биде радосно прифатен, без страв и одбегнување. Готови да ја исполнат својата обврска кон светот, сосредоточувајќи ја својата желба кон Божјето одобрување, неговите слуги мора да исполнат секоја должност, не осврнувајќи се на стравот или на наклоноста од страна на луѓето.

„Вие сте сол на земјата“, рекол Исус. Немојте да се повлекувате од светот за да го избегнете прогонството. Треба да живеете меѓу луѓето, за вкусот на божествената љубов да може да биде како сол што ќе го сочува светот од расипување.

Срцата што одговараат на влијанието на Светиот Дух се канали низ кои тече Божјиот благослов. Кога би биле отстранети од земјата оние што му служат на Бога, и кога неговиот Дух би се повлекол од луѓето, овој свет би бил препуштен на пустење и уништување, на плодовите на владеењето на сатаната. Иако грешните тоа не го знаат, тие во овој свет дури и за благословите на овој живот му должат на присуството на Божјиот народ што го омаловажуваат и угнетуваат. Меѓутоа, ако христијаните се христијани само по име, тие се сол што го загубила својот вкус. Тие немаат никакво влијание на добро во светот. Претставувајќи го на тој начин погрешно Бога, тие се полоши од неверниците.

„Вие сте светлина на светот.“ Евреите настојувале благодетите на спасението да ги присвојат само за својот народ, но Христос им покажал дека спасението е како сончевата светлина. Таа му припаѓа на цел свет. Религијата на Библијата не може да се затвори меѓу кориците на таа книга, ниту меѓу ѕидовите на црквата. Таа не треба повремено да се изнесува само заради лична корист, а потоа пак внимателно да се одложи на страна. Таа треба да го посветува секојдневниот живот, да се покаже во секоја деловна спогодба и во сите наши општествени односи.

Вистинскиот карактер не се обликува однадвор за потоа да се облече; тој зрачи однатре. Ако сакаме другите да ги упатиме на патеката на правдата, начелата на правдата како драгоценост мора да бидат чувани во нашите срца. Нашето исповедање на верата може да ја објавува теоријата на религијата, но нашата вистинска побожност ја проповеда речта на вистината. Доследниот живот, светиот разговор, непоколебливата чесност, делотворниот, доброволен дух, примерот на побожноста тоа се средства со кои светлината му се пренесува на светот. Исус не се задржувал на обредите на законот, но своите слушатели не ги оставил во уверување дека дошол да ги отфрли неговите барања. Знаел дека шпионите демнат подготвени да го фатат за секој збор што би можел да се искривоколчи за да ја остварат својата цел. Ги знаел предрасудите што постоеле во мислите на многу негови слушатели, и затоа не зборувал ништо што би ја потресло нивната вера во религијата и во установите што им се предадени преку Мојсеја. Христос лично ги дал и моралниот и обредниот закон. Не дошол да ја уништи довербата во сопствените упатства. Бидејќи тој дослед но ги почитувал законот и пророците, се обидувал да го обори ѕидот на барањата на преданијата со кои биле оградени Евреите. Додека го отфрлал нивното погрешно толкување на законот, грижливо ги предупредувал своите ученици да не ги отфрлаат животните вистини што им се доверени на Евреите. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest