(продолжува од претходниот ден) Лажниот ученик ја одиграл својата улога во предавството на Исуса. Во градината, кога на водачите на џганот им рекол: „Оној што ќе го бакнам, тој е, фатете го“ (Матеј 26,48), бил наполно уверен дека Христос ќе се избави од нивните раце. Тогаш, ако тие го укорат, би можел да им каже: „Зар не ви реков цврсто да го држите?“
Јуда ги набљудувал оние што го фатиле Христа како, постапувајќи според неговите упатства, цврсто го врзуваат. Вчудовиден, видел како Спасителот дозволува да го одведат. Загрижено го следел од градината сè до судењето пред еврејските поглавари. При секој негов чекор очекувал да ги изненади своите непријатели со тоа што пред нив ќе се појави како Божји Син и ќе ги уништи сите нивни заговори и нивната сила. Но како поминувале часовите а Исус ги поднесувал сите малтретирања што ги вршеле над него, предавникот го обзел ужасен страв мачен од мислата да не го предал на смрт својот Учител.
Како судењето се ближело кон крај, Јуда сè помалку можел да го издржи мачењето на својата немирна совест. Одненадеж низ салата се разнел засипнат глас исполнувајќи ги со ужас сите срца: „Тој е невин; поштедете го, о Кајафа!“
Ја виделе високата силуета на Јуда како се пробива низ зачуденото мноштво. Неговото лице било бледо и исплашено, а неговото чело оросено со крупни капки пот. Дотрчувајќи до судскиот престол, ги фрлил пред првосвештеникот сребрениците што биле цена за предавството на неговиот Господ. Цврсто фаќајќи го Кајафа за облеката, го преколнувал да го ослободи Исуса, изјавувајќи дека Тој не сторил ништо што заслужува смрт. Кајафа налутено го турнал, но останал збунет, не знаејќи што да каже. Се открило лукавството на свештениците. Било очигледно дека го поткупиле ученикот да го предаде својот Учител.
„Згрешив“, повторно извикнал Јуда, „зашто предадов невина крв.“ Меѓутоа, првосвештеникот, прибирајќи се, презриво одговорил: „Што ни е грижа нам за тоа? Твој проблем!“ (Матеј 27,4). Свештениците биле готови од Јуда да направат свое орудие, но ја презирале неговата нискост. Кога им се обратил со признавање, го одбиле со понижување.
Сега Јуда се фатил за Исусовите нозе, признавајќи го за Божји Син и преколнувајќи го да се ослободи. Спасителот не го корел својот предавник. Знаел дека Јуда не се кае; неговото признавање од душата оптоварена со вина било поттикнато од силата на страшното чувство на проклетството и од очекувањето на судот, а во никој случај не од чувство на длабока болка што го раскинува срцето затоа што го предал пречистиот Божји Син и се откажал од Светецот Израелов. Сепак, Исус не изговорил ниту еден збор на осуда. Со жалост го поглед нал Јуда и рекол: „Но, заради ова дојдов во овој час.“
Среде собирот настанала врева од изненадување. Со чудење ја набљудувале Христовата благост кон својот предавник. Повторно биле осведочени дека овој Човек бил повеќе отколку обичен смртник. Меѓутоа, ако е Божји Син, се прашувале зошто не се ослободи од своите окови и не ги победи своите тужители?
Јуда видел дека неговото преколнување е напразно, па истрчал од собата викајќи: „Предоцна, предоцна!“ Чувствувал дека не може да издржи да го види Исуса распнат, па очаен отишол и се обесил.
Подоцна, истиот ден, на патот од Пилатовата судница до Голгота, стивнале повиците и подбивањата на порочното мноштво што го водело Исуса на местото за распнување. Додека поминувале покрај едно засолнето место, под едно суво дрво го виделе телото на Јуда. Тоа била ужасна сцена. Тежината на телото го скинала јажето со кое се обесил на дрвото. При паѓањето неговото тело било страшно обезличено и сега го раскинувале кучиња. Неговите останки веднаш се закопани и засолнети од погледите; но мноштвото помалку се подбивало, а бледилото на многу лица ги откривало внатрешните мисли. Се чинело дека казната веќе ги стигнува оние што биле виновни за Исусовата крв.