„Ја видовме неговата ѕвезда“ (втор дел)

(продолжува од предходниот ден) Доаѓањето на мудреците бргу се разгласило низ цел Ерусалим. Нивната необична мисија предизвикала возбуда кај народот која стигнала и до палатата на царот Ирод. Итриот Едомец се вознемирил од навестувањето на можниот соперник. Неговата патека до престолот ја извалкале безбројни убиства. Бидејќи потекнувал од туѓинска крв, народот над кој владеел го мразел. Негова единствена сигурност била наклоноста на Рим. Меѓутоа, овој нов Принц имал поголемо предимство. Бил роден да владее.

Ирод се посомневал во свештениците дека коваат заговор со странците за да предизвикаат бунт кај народот и да го соборат од престолот. Тој ја прикривал својата недоверба, решен со поголема итрина да ги осуети нивните смислени планови. Собирајќи ги свештеничките главари и законици, се распрашувал за учењето на нивните свети книги во врска со местото на раѓањето на Месија.

Ова распрашување на грабачот на престол, поттикнато од барањето на странците, ја повредило гордоста на еврејските учители. Рамнодушноста со која пристапиле кон пророчките книги го разбеснила љубоморниот деспот. Тој мислел дека тие сакаат да ги скријат своите сознанија за овој предмет. Со авторитет, на кој не се осмелиле да му се противстават, им наредил подробно да испитаат и да го објават местото на раѓањето на нивниот очекуван Цар. „Во Витлеем, во Јудеја ­ му одговорија ­ зашто така напишал пророкот: И ти, Витлееме, земјо Јудина! Никако не си помал меѓу првенците Јудини, зашто од тебе ќе излезе Владетелот, кој ќе го води мојот народ Израел“.

Потоа Ирод ги повикал мудреците на таен разговор. Во неговото срце беснеела бура од гнев и страв, но надворешно се трудел да изгледа смирен и љубезно ги примил странците. Се распрашувал за времето кога се појавила ѕвездата и се преправал дека радосно го поздравува навестувањето на Христовото раѓање. Ги замолил своите посетители: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, па кога ќе го најдете, јавете ми за да појдам и јас да му се поклонам“. Потоа ги отпуштил да си одат по својот пат во Витлеем.

Свештениците и старешините во Ерусалим не биле толку неинформирани за Христовото раѓање како што се преправале. Веста за посетата на ангелите на пастирите допрела до Ерусалим, но рабините сметале дека не е достојна да ѝ обрнат внимание. Можеле сами да го најдат Исуса и подготвено да ги одведат мудреците до неговото место на раѓање. Но, наместо тоа, мудреците дошле ним да им обрнат внимание на раѓањето на Месија. „Каде е новородениот јудејски Цар?“ ­ прашале ­ „Ние ја видовме неговата ѕвезда на исток и дојдовме да му се поклониме“.

Горделивоста и зависта сега ја затвориле вратата за светлината. Кога свештениците и рабините би покажале доверба кон вестите на пастирите и мудреците, тие би ги довеле во мошне неповолна положба, докажувајќи спротивно на нивното тврдење дека се толкувачи на Божјата вистина. Овие образовани учители не сакале да се понизат и да бидат поучувани од оние што тие ги сметале за незнабошци. Не е можно, си велеле тие, Бог да ги заобиколи нив и веста да им ја објави на неуките пастири и на необрежаните незнабошци. Решиле да покажат презир кон вестите што го вознемирувале царот Ирод и цел Ерусалим. Дури и не посакале да одат до Витлеем и да видат дали е тоа вистина. Луѓето ги убедиле вестите за Исуса да ги прифатат како фанатична возбуда. Тука свештениците и рабините почнале да го отфрлаат Христа. Од тогаш нивната горделивост и тврдоглавост прераснале во длабоко всадена омраза кон Спасителот. Додека Бог ја отворал вратата за незнабошците, еврејските водачи истата сами себеси си ја затворале.

Мудреците сами си заминале од Ерусалим. Додека поминувале низ градската капија, веќе се спуштале ноќните сенки, но на своја голема радост, пак ја виделе ѕвездата што ги повела кон Витлеем. Тие не примиле никакво навестување за скромната состојба на Исуса, како што добиле пастирите. По долгиот пат, биле разочарани со рамнодушноста на еврејските водачи и Ерусалим го напуштиле со помалечка сигурност отколку кога влегле во него. Во Витлеем не нашле царска гарда разместена да го заштити новородениот Цар. Не го посетил ниеден угледен човек. Исус бил ставен во јасли како колепка. Неговите родители, необразовани селани, биле негови единствени чувари. Дали е можно тоа да е Оној за кого е пишано дека ќе го подигне „племето на Јакова“, дека ќе го врати „остатокот Израелов“, дека ќе биде „светлина на народите“ и дека спасението ќе го однесе „до крајот на земјата“ (Исаија 49,6).

„Кога влегоа во куќата, го видоа Детето со мајка му Марија, паднаа ничкум и му оддадоа чест“. Во сиромашната Исусова појава го препознале присуството на Божеството. Му ги предале своите срца нему како Спасител и тогаш го опсипале со подароци со злато, темјан и смирна. Каква силна вера! За мудреците од исток би можело да се каже она што е кажано подоцна за римскиот капетан: „Ни во Израел не најдов толкава вера“ (Матеј 8,10). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest