Исус ги кори фарисеите (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) „Сите свои дела ги прават за да ги забележат луѓето; затоа ги рашируваат своите молитвеници и ги издолжуваат ресите на наметките; ги сакаат челните места по гоштавките, првите места во синагогите, поздравите на јавните места и милуваат луѓето да ги нарекуваат ‘Рави’. А вие не нарекувајте се учители, зашто еден е вашиот Учител, а вие сите сте браќа. И никого на земјата не нарекувајте го ‘Отец’, зашто еден е вашиот Отец кој е на небесата. Не нарекувајте се водачи, зашто еден е вашиот Водач, Христос.“ Со вакви зборови Спасителот го открил себичното честољубие што постојано се стреми кон положба и моќ , покажувајќи лажна понизност, додека срцето било исполнето со лакомост и завист. Кога луѓето биле повикувани на некоја гозба, на гостите им се одредувани местата според нивната положба па оние што добиле најпочесно место, уживале најголемо внимание и посебна чест. Фарисеите секогаш настојувале овие почести да си ги обезбедат за себе. Исус го осудил ваквото однесување.

Исто така Тој ја осудил суетата покажана со жедта за титулата „рабин“ или „учител“. Тој изјавил дека таквата титула не им припаѓа на луѓето, туку на Христа. Свештениците, закониците и поглаварите, толкувачите и извршителите на законот се сите браќа, деца на еден Татко. Исус впечатливо им укажал на луѓето на ниеден човек да не му даваат почесна титула што открива дека тој има власт над нивната совест или вера.

Кога Христос би бил денеска на земјата, опкружен со оние што го носат називот „чесен“ или „пресвет“, зар не би го потторил својот исказ: „А вие не нарекувајте се учители, зашто еден е вашиот Учител.“ Светото писмо за Бога изјавува дека „свето и страшно е неговото име“ (Псалм 111,9).

На кое човечко суштество му прилега такво име? Колку малку човекот открива од мудроста и правдата за која тоа зборува! Колку многу има такви што ја прифаќаат ваквата титула и што погрешно го претставуваат Божјето име и неговиот карактер! Ах, колку често световно славољубие, тиранија и најниски гревови биле скриени под извезените одежди на високата и света служба!

Спасителот продолжил: „А најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. Кој се воздига себеси, ќе биде понизен, а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.“ Христос често учел дека вистинската големина се мери со моралната вредност. Според небесната проценка, големината на карактерот се состои во живеењето за добро на нашите ближни, во делата на љубовта и милосрдието. Христос, царот на славата, му бил слуга на грешниот човек.

„Тешко вам законици и фарисеи, лицемери“, рекол Исус, „кои го затворате небесното царство пред луѓето, зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние кои сакаат да влезат.“ Изопачувајќи ги Писмата, свештениците и закониците го заслепиле разумот на оние што инаку би примиле сознание за Христовото царство и за оној внатрешен, божествен живот што е основа на вистинската побожност.

„Тешко вам законици и фарисеи, лицемери, што ги јадете куќите вдовички и се молите долго. Затоа построго ќе бидете осудени.“ Фарисеите имале големо влијание врз народот и го искористувале за свој интерес. Ја придобивале довербата на побожните вдовици и ги учеле дека им е должност своите имоти да ги посветат за верски цели. Ставајќи ги нивните пари под своја управа, овие подли интриганти ги користеле за себе. За да ја скријат својата нечесност, изговарале долги јавни молитви и се расфрлале со својата побожност. Христос изјавил дека ова лицемерство ќе навлече врз нив построга осуда. Истиот укор им е упатен на мнозина кои во наше време се фалат со својата побожност. Нивните животи се извалкани со себичност и алчност, но тие сето тоа го покриваат со облека на привидна чистота и на тој начин за извесно време ги мамат своите ближни. Меѓутоа, тие не можат да го прелажат Бога. Тој чита секоја намера на срцето и ќе му суди на секој човек според неговите дела. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest