Исус ги кори фарисеите (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Христос без милост ја осудувал злоупотребата, но бил внимателен да не ги намали обврските. Ја укорувал себичноста што ги изнудувала и ги злоупотребувала даровите на вдовиците. Истовремено ја пофалил вдовицата што го донела својот дар во Божјата благајна. Човековата злоупотреба на дарот не може да го одврати Божјиот благослов од дарителот.

Исус бил во предворјето каде што се наоѓало местото за дарови и внимателно ги набљудувал оние што доаѓале да ги приложат своите дарови. Многу богати носеле големи суми што многу уочливо ги приложувале. Исус ги набљудувал со жал, но не зборувал ништо за нивните великодушни дарови. Набргу неговото лице се разведрило кога видел една сиромаш на вдовица како тивко се приближува, плашејќи се да не биде забележана. Додека богатите и горделивите пристапувале да ги положат своите големи дарови, таа понизно се повлекла и останала на страна. Па сепак, копнеела да стори нешто за делото што го сакала без оглед колку тоа било незначително. Го гледала дарот во својата рака. Бил мошне малечок во споредба со даровите на оние што биле околу неа, но тоа било сè што имала. Штом добила прилика, бргу ги пуштила своите две парички (лепти) и веднаш се свртила да си замине. Меѓутоа, додека го правела ова, го забележала Исуса кој внимателно ја набљудувал.

Спасителот ги повикал учениците и им укажал на сиромаштвото на вдовицата. Тогаш зборовите на неговата пофалба допреле до нејзиното уво: „Вистина ви велам, беднава вдовица пушти повеќе од сите.“

Нејзините очи се исполниле со солзи радоснички кога почувствувала дека нејзиниот чин е прифатен и ценет. Мнозина би ѝ советувале својот малечок подарок да го задржи за своите потреби, зашто во рацете на добро ухранетите свештеници потполно би се загубил меѓу многуте големи дарови донесени во касата. Но Исус ја разбрал нејзината побуда. Верувала дека службата во храмот ја одредил Бог и сакала да стори најмногу што може за да ја поддржи. Сторила сè што можела и нејзиното дело требало да стане споменик што ќе го сочува сеќавањето на неа низ сите векови, и ќе биде нејзина радост во вечноста. Нејзиното срце одело со нејзиниот дар; неговата вредност е проценета не според вредноста на паричките, туку со љубовта кон Бога и со интересот за неговото дело што го поттикнал овој чин.

За сиромашната вдовица Исус рекол дека „даде повеќе од сите“. Богатите подариле од своето изобилство, а мнозина од нив за луѓето да ги видат и да ги почитуваат. Нивните големи дарови не ги лишиле од никаква удобност или дури од раскош; не барале никаква жртва и затоа според вредноста не можеле да се споредат со лептите на вдовицата.

Побудите им даваат карактер на нашите дела, ставајќи врз нив печат на срам или на висока морална вредност. Бог не ги смета за највредни големите дела што ги гледа секое око и ги фали секој јазик. Малечките должности, извршени радосно, малечките дарови со кои не се расфрламе и кои за човечките очи изгледаат безначајни, често се најголеми во Божјите очи. Срцето полно со вера и со љубов му е помило на Бога од најскапоцениот дар. Сиромашната вдовица го дала она што ѝ било потребно за животот за да го стори она малку што го сторила. Се лишила од храната, давајќи ги тие две лепти за делото што го сакала. Тоа го сторила со вера, со целосна доверба дека нејзиниот небесен Отец нема да ја превиди нејзината голема потреба. Спасителот го пофалил нејзиниот несебичен дух и нејзината детска вера.

Меѓу сиромасите има многу такви кои копнеат да му ја покажат својата благодарност на Бога за неговата милост и вистина. Тие топло сакаат еднакво да учествуваат во потпирањето на неговото дело заедно со своите поимотни браќа. Овие души не треба да се обесхрабруваат. И тие нека ги приложат своите лепти во небесната ризница. Ако се дадени од срце исполнето со љубов кон Бога, овие навидум ситници ќе станат посветени дарови, непроценливи жртви на кои Бог им се радува и ги благословува.

Кога рекол за вдовицата дека „даде повеќе од сите“, Исусовите зборови биле вистинити, не само во однос на побудата, туку и во однос на резултатите на нејзиниот дар. „Две лепти, односно еден кодрант“, на Божјата благајна ѝ донеле износ на пари што бил многу поголем од придонесот на сите богати Евреи. Влијанието на тој малечок дар бил како река, малечка на својот почеток, но која се шири и се продлабочува додека тече низ вековите. На илјада начини придонесувал за потпирање на сиромасите и за ширење на евангелието. Нејзиниот пример на самопожртвуваност постојано дејствувал врз илјадници срца во секоја земја и во секое поколение. Тој им се обраќал и на богатите и на сиромасите, па нивните дарови ја зголемиле вредноста на нејзиниот дар. Божјиот благослов над лептите на вдовицата ги сторил извор на големи успеси. Истото тоа се случува со секој дар што се дава и со секое дело што ќе се изврши со искрена желба да биде на слава на Бога. Тој е поврзан со целите на Семожниот. Неговото влијание на добро не може да го измени ниеден човек.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest