Исус ги кори фарисеите (прв дел)

Тоа бил последен ден на Христовото учење во храмот. Во Ерусалим било собрано големо мноштво и вниманието на сите било насочено кон него; народот го преполнил предворјето на храмот, набљудувајќи ја расправата што била во тек и желно впивал секој збор што излегувал од неговите усни. Никогаш порано не се видела ваква сцена. Младиот Галилеец стоел не прифаќајќи земни почести или царски ознаки. Го опкружувале свештеници во својата скапоцена облека, поглавари, чијашто облека и надворешни ознаки ја покажувале нивната висока положба, и законици со свитоци во рацете на кои често се повикувале. Исус со царско достоинство стоел мирно пред нив. Како Оној што бил наметнат со небесна власт, решително ги набљудувал своите противници кои ја отфрлиле и ја презреле неговата наука и се готвеле да го убијат. Мнозина се подигале против него, но нивните планови да го фатат во стапица и да го осудат биле напразни. Постојано ги одбивал предизвиците, изнесувајќи ја чистата, јасна вистина наспроти темнината и заблудите на свештениците и фарисеите. На овие водачи им ја изнел нивната вистинска состојба и казната што сигурно ќе настапи поради упорноста во нивните лоши дела. Опомената е верно предадена. Сепак, на Христа му останало да изврши уште едно дело. Требало да постигне уште една цел.

Интересирањето на народот за Христа и за неговото дело постојано се зголемувало. Биле восхитени со неговото учење, но и мошне збунети. Ги почитувале свештениците и рабините поради нивната мудрост и надворешна побожност. Во сите верски прашања секогаш безусловно го прифаќале нивниот авторитет. Сега ги гледале овие луѓе како се обидуваат да го урнат Исусовиот углед, угледот на Учителот чијшто карактер и знаење појасно засветлувале по секој напад. Ги набљудувале наведнатите лица на свештениците и старешините и на нив виделе пораз и збунетост. Се чуделе што поглаварите не сакаат да веруваат во Исуса, кога неговото учење е толку јасно и едноставно. Самите не знаеле по кој пат да појдат. Со големо неспокојство ги набљудувале движењата на оние чиишто совети секогаш ги уважувале.

Во споредбите што ги изнесувал, Христос настојувал да ги опомене поглаварите и да ги поучи луѓето што сакале да учат. Но било потребно да се зборува уште појасно. Луѓето биле заробени со своето почитување на преданијата и со слепата вера во изопаченото свештенство. Христос морал да ги скрши овие окови. Карактерот на свештениците, на поглаварите и на фарисеите морал уште поцелосно да се разобличи.

„На Мојсеевата столица“, рекол Тој, „седнаа закониците и фарисеите и затоа, сè што ќе ви речат извршувајте и внимавајте, но не постапувајте според нивните дела, зашто зборуваат, а не извршуваат.“ Закониците и фарисеите тврделе дека им е подарена божествена власт слична на Мојсеевата. Тврделе дека го зазеле неговото место како толкувачи на законот и судии во народот. Затоа барале од народот крајна почит и послушност. Исус им заповедал на своите слушатели да го следат учењето на рабините кое е според законот, но да не го следат нивниот пример. Тие сами не го спроведуваат своето учење во дело. Многу од она што го барале било спротивно на Писмото. Исус рекол: „И врзуваат тешки и неподносливи бремиња, и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат.“ Фарисеите препорачувале мноштво прописи што имале своја основа во преданието и без причина ја ограничувале личната слобода. Дури и некои делови на законот објаснувале на овој начин, така што врз народот струполиле тешки прописи што самите тајно ги занемарувале, и од кои, кога тоа би служело за постигнување на нивните цели, тврделе дека се ослободени.

Нивна постојана цел била да се расфрлаат со својата побожност. Ништо не го сметале за премногу свето што не би можело да послужи за таа цел. Бог за своите заповеди му рекол на Мојсеја: „Врзи ги на својата рака за знак, и нека ти бидат како запис меѓу очите“ (5. Мојсеева 6,8). Овие зборови имаат длабоко значење. Кога се размислува за Божјата реч и кога истото се спроведува во дело, целиот човек се облагородува. Во праведните и милостиви постапки на рацете како печат ќе се покажат начелата на Божјиот закон. Тие ќе бидат чисти од мито и од сè што е изопачено и измамно. Тие ќе бидат вредни во делата на љубовта и сочувството. Очите, насочени кон благородната цел, ќе станат ведри и вистинити. Видливата појава, окото што зборува, ќе сведочи за беспрекорниот карактер на оној што ја сака и ја почитува Божјата реч. Но Евреите во Христово време не забележувале ништо од ова. Наредбата дадена на Мојсеја е протолкувана како упатство дека правилата на Писмото треба да се носат на себе. Сообразно со тоа, тие биле напишани на ленти од пергамент и на видлив начин приврзани околу главата и околу зглобовите на рацете. Но тоа не придонесло Божјиот закон посилно да го проникне умот и срцето. Овие пергаменти се носени само како ознаки што го привлекувале вниманието. Се сметало дека на оној што ги носи му даваат изглед на побожност што предизвикувала почит кај народот. Исус му задал удар на ваквото суетно преправање. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest