Исус ги кори фарисеите (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Исто идолопоклонство во голема мера се негува и денеска. Мнозина се виновни затоа што ги занемаруваат вдовиците и сирачињата, болните и сиромасите за да им подигнат скапоцени споменици на мртвите. Времето, парите и трудот, беспоштедно се трошат за оваа цел, додека должностите кон живите, за кои Христос ни заповеда да ги извршуваме, остануваат неизвршени.

Фарисеите им ѕидале гробови на пророците и ги украсувале нивните гробници, велејќи си еден на друг: „Ако живеевме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.“ Истовремено планирале да му го одземат животот на Божјиот Син. Тоа треба да биде поука и за нас. Тоа треба да ги отвори нашите очи за сатанската сила со која го измамува умот и го одвраќа од светлината на вистината. Мнозина ги следат фарисејските стапки. Им оддаваат почит на оние што умреле за својата вера. Се чудат за слепилото на Евреите што го покажале отфрлајќи го Христа. Кога би живееле ние во негово време, изјавуваат тие, веднаш би го прифатиле неговото учење и никогаш не би биле соучесници во гревот на оние што го отфрлиле Спасителот.

Меѓутоа, кога послушноста кон Бога бара самооткажување и понизност, истите тие лица ги задушуваат своите осведочувања и ја одбиваат послушноста. Така покажуваат ист дух како и фарисеите што ги осудил Христос.

Евреите одвај ја сфатиле огромната одговорност поврзана со отфрлањето на Христа. Од времето кога е пролеана првата невина крв, кога праведниот Авел паднал од рацете на Каина, се повторува истата историја со вината што станува сè поголема. Во сите времиња пророците ги подигале своите гласови против гревовите на царевите, владетелите и народот, изнесувајќи го она што им го заповедал Бог и слушајќи ја неговата волја по цена на својот живот. Од поколение во поколение се пластела страшна казна за оние што ја отфрлале светлината и вистината. Сега истото тоа на своја глава го навлекувале Христовите непријатели. Гревот на свештениците и поглаварите бил поголем од гревот на кое и да е претходно поколение. Со своето отфрлање на Спасителот, самите станале одговорни за крвта на сите праведници убиени од Авела до Христа. Наскоро до прелевање ќе се наполни чашата на нивното беззаконие. Наскоро таа ќе се излее врз нивните глави како одмазда на правдата. Исус ги предупредил на тоа:

„Та врз вас да падне сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот на Варах, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот. Вистина ви велам, сето тоа ќе падне врз ова поколение.“

Закониците и фарисеите што го слушале Исуса ја позна­вале вистинитоста на неговите зборови. Знаеле како е убиен пророкот Захарија. Додека зборовите на божествената опомена уште биле на неговите усни, отпаднатиот цар го зафатил сатански бес и по негова заповед е убиен пророкот. Неговата крв ги обележала камењата во предворјето на храмот и не можела да се отстрани; останала како сведоштво против отпаднатиот Израел. Сè додека храмот ќе стои, ќе остане и дамката од праведната крв што бара од Бога да биде одмаздена. Додека Исус потсетувал на овие страшни гревови, низ мноштвото проструил страв.

Гледајќи однапред, Исус изјавил дека окоравеноста на Евреите и нивната нетрпеливост кон Божјите слуги ќе бидат идентични со оние во минатото:

„Затоа, еве, јас ви праќам пророци, мудреци и законици. Од нив едни ќе убиете и распнете, а други ќе камшикувате во вашите синагоги и ќе ги прогонувате од град до град.“ Пророците и мудреците, полни со вера и со Свети Дух ­ Стефан, Јаков и многу други ќе бидат осудени и убиени. Со рака подигната кон небото и со божествена светлина што ја опкружувала неговата личност, Христос им зборувал како судија на оние што стоеле пред него. Неговиот глас, кој често повикувал толку нежно, сега карал и осудувал. Слушателите затрепериле. Впечатокот што го оставиле неговите зборови и неговиот поглед никогаш не можел да се избрише. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest