Исус ги кори фарисеите (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Спасителот продолжил со своето јавно обвинување против закониците и фарисеите: „Тешко вам, слепи водачи, кои велите: ‘Ако некој се заколне во храмот, не е ништо; ако пак се заколне во храмското злато, тогаш го обврзува заклетвата!’ Безумни и слепи! Што е поважно: златото или храмот што го осветува златото? И: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот што е врз него, тогаш го обврзува заклетвата.’ Слепци! Што е поважно: Дарот или жртвеникот што го осветува дарот?“ Свештениците ги толкувале Божјите барања според своите лажни и ограничени мерила. Си замислувале дека правилно ја разликуваат големината на вината на различни гревови, лекомислено преминувале преку некои, а други, иако имале помалку последици, ги сметале за непростливи. Со паричен надомест ги ослободувале луѓето од нивните завети. Понекогаш за големи суми пари преминувале преку страшни злосторства. Истовремено во други случаи овие свештеници и поглавари би изрекле остри пресуди за безначајни прекршоци.

„Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, од копар и ким, а го запоставувате најважното во законот: правдата, милоста и верноста. Ова требаше да го правите, а она да не го запоставувате!“ Со овие зборови Христос повторно ја осудува злоупотребата на светите обврски. Тој не ја отфрла обврската. Системот на десетоци го воспоставил Бог и тој е почитуван уште од најраните времиња. Таткото на верните, Аврам, дал десеток од сè што имал. Еврејските поглавари ја признавале обврската за давање десеток и тоа било во ред, но не му дозволувале на народот да ја изврши својата должност во согласност со своето осведочување. За секој случај самоволно поставувале правила. Барањата станале толку сложени, што било неможно да се исполнат. Никој не знаел кога ги извршил своите обврски. Системот, како што го дал Бог, бил правичен и разумен, но свештениците и рабините го направиле мачен товар.

Сè што заповеда Бог има своја важност. Христос давањето на десеток го признава како должност, но покажал дека тоа не може да го оправда занемарувањето на другите обврски. Фарисеите биле мошне точни во давањето на десеток од градинарските билки, како што се нането, кимот и копарот; тоа ги чинело малку, а им донесувало углед поради точноста и светоста. Истовремено нивните некорисни ограничувања го угнетувале народот и го уништувале почитувањето кон системот што го пропишал Бог. Ги окупирале умовите на луѓето со безначајни разлики и го одвраќале нивното внимание од основните вистини. Она што било поважно во законот правдата, милоста и верноста било занемарено. „Ова“, рекол Христос, „требаше да го правите, а она да не го запоставувате!“

На сличен начин рабините ги изопачиле другите закони. Со упатствата што се дадени преку Мојсеја било забрането да се јаде сè што е нечисто. Употребувањето на свинско месо, како и месо на некои други животни, било забрането, бидејќи внесува во крвта нечисти состојки и го скусува животот. Меѓутоа, овие ограничувања фарисеите не ги прифатиле онака како што ги дал Бог. Оделе во неоправдани крајности. Меѓу другото, од народот се барало да ја цеди сета вода со цел во неа да не се најде ниту еден најмалечок инсект што би можел да се нареди меѓу нечистите животни. Споредувајќи ги овие дребничави барања со големината на нивните вистински гревови, Исус им рекол на фарисеите: „Слепи водачи, вие цедите комарец, а голтате камила.“

„Тешко вам законици и фарисеи, лицемери, кои прилегате на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и со секаков гниеж.“ Како варосаниот и убаво украсениот гроб што криел остатоци што гнијат, така и надворешната светост на свештениците и поглаварите криела беззаконие. Исус продолжил: „Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на праведните, и велите: ‘Ако живеевме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.’ Така сами сведочите за себе дека сте синови на оние кои ги убија пророците.“ За да ја покажат својата почит кон умрените пророци, Евреите биле мошне ревни да ги разубават нивните гробови, но не ги прифатиле нивните учења ниту ги уважувале нивните укори.

Во Христово време луѓето празноверно ги почитувале местата на почивање на мртвите и трошеле големи суми пари за нивно украсување. Во Божјите очи тоа било идолопоклонство. Во своето непотребно почитување на мртвите луѓето покажувале дека не го сакаат Бога над сè ниту своите ближни како самите себе. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest