Искушението (прв дел)

„Исус пак, полн со Свети Дух, се врати од Јордан, и Духот го одведе в пустина.“ Зборовите на Марко се уште позначајни. Тој вели: „Веднаш потоа Духот го натера да оди в пустина. И остана во пустината четириесет дни и сатаната го искушаваше. Таму беше со диви животни.“ „Тие денови не јадеше ништо.“

Кога Исус е одведен в пустина да биде искушаван, него го одвел Божјиот Дух. Тој не барал искушение. Тој отишол во пустината за да биде сам, да размислува за својата мисија и работа. Со пост и со молитва требало да се засили себеси за патеката испрскана со крв по која ќе мора да помине. Меѓутоа, сатаната знаел дека Спасителот отишол в пустина и сметал дека тоа е најдобро време да му се приближи.

Многу важни прашања за светот во судирот меѓу Кнезот на светлината и управителот на царството на темнината се ставени на коцка. По искушението на човекот, со кое го навел на грев, сатаната прогласил дека земјата е негова, нарекувајќи се себеси кнез на овој свет. Бидејќи прататкото и прамајката на нашиот човечки род ги прилагодил кон својата природа, тој планирал да основе свое царство овде. Изјавил дека луѓето него го избрале за свој владетел. Управувајќи со нив, го одржувал своето владеење над светот. Христос дошол да го негира ова тврдење на сатаната. Како Син човечки, Христос ќе му остане предан на Бога. Така ќе се покаже дека сатаната не задобил целосна управа над човечкиот род и дека е неосновано неговото полагање на право над светот. Сите што сакале да се ослободат од неговата сила, ќе бидат ослободени. Областа на власта што ја загубил Адам со гревот ќе се поврати.

Откако ѝ е речено на змијата во Едемската градина: „Ставам непријателство меѓу тебе и жената, меѓу твојот род и нејзиниот род“ (1. Мојсеева 3,15), сатаната знаел дека нема целосна власт над светот. Кај луѓето се видела делотворна сила што ѝ се противставува на неговата власт. Со посебно внимание ги набљудувал жртвите што ги принесувале Адам и неговите синови. Во овие обреди јасно ги согледувал белезите на заедницата меѓу земјата и небото. Решил да се вмеша во оваа врска. Неточно го претставувал Бога и погрешно ги толкувал обредите што укажувале на Спасителот. Луѓето биле наведени да се плашат од Бога како од Оној кој ужива да ги уништува. Жртвите што требало да ја откријат неговата љубов се принесувани само да го ублажат неговиот гнев. Сатаната будел грешни страсти кај луѓето за да ја утврди својата власт над нив. Кога е дадена Божјата пишана Реч (Библијата), сатаната ги проучувал пророштвата за доаѓањето на Спасителот. Од поколение во поколение се трудел да ги заслепи луѓето за овие пророштва за да го отфрлат Христа кога ќе дојде.

При Христовото раѓање сатаната знаел дека дошол ­ Оној со божествена задача ­ да ја оспори неговата власт. Се тресел пред ангелската вест што го потврдила авторитетот на новородениот Цар. Сатаната добро знаел каква положба имал Христос на небото како сакан од Отецот. Тоа што Божјиот Син треба да дојде на овој свет како човек го исполнувало со вчудовидување и со страв. Тој не можел да ја долови тајната на оваа голема жртва. Неговата себична душа не можела да ја сфати таквата љубов кон паднатиот род. Небесната слава и мирот и радоста на заедницата со Бога, луѓето магливо ги сфаќале, но на Луцифера, херувимот засолнувач, тие му биле добро познати. Откако го загубил небото, решил да се одмазди, наведувајќи ги и другите да го поделат неговиот пад. Тоа ќе го постигне ако ги наведува да ги потценуваат небесните добра и ако своите срца ги насочат кон она што е земно.

Небесниот Заповедник човечките души за своето царство не ги задобивал без пречки. Од времето кога бил новороденче во Витлеем, Тој бил постојано напаѓан од злосторникот. Во Христа се откривал Божјиот лик, а на советувањата што ги одржувал сатаната е решено Тој да биде победен. Ниедно човечко суштество не дошло на светот без да ја избегне силата на измамникот. Сите здружени сили на злото вешто се поставени на Христовата патека да се вклучат во борбата против него и, ако е можно, да го победат. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest