Искушението (петти дел)

Од сите поуки што треба да се научат од ова прво големо искушение на нашиот Господ, ниедна не е поважна од онаа да вршиме контрола над желбите и страстите. Најголем успех во изопачувањето и понижувањето на човечкиот род во сите времиња имале искушенијата што ја допирале телесната природа. Со неумереноста сатаната настојува да ги уништи умните и моралните сили што му ги дал Бог на човекот како непроценлив дар. Така на луѓето им станува неможно да го ценат она што има вечна вредност. Со попуштањето пред сетилните задоволства сатаната се обидува да избрише од душата секоја трага на сличност со Бога.

Незаузданото попуштање што за последица има болести и понижувања, што постоеле во времето на првото Христово доаѓање, ќе се повтори со посилно изразено зло пред неговото второ доаѓ ање. Христос објавува дека состојбата на светот ќе биде како во времето пред потопот и како во Содом и Гомор. Секоја помисла на срцето ќе биде постојано лоша. Сега живееме на самиот раб на тоа страшно време и затоа треба да ја усвоиме поуката од постот на Спасителот. Само со неискажливите страдања што ги поднел Христос можеме да го оцениме злото на незаузданото попуштање. Неговиот пример ни зборува за тоа дека ние можеме да се надеваме во вечен живот само тогаш ако нашите желби и страсти ѝ ги потчинуваме на Божјата волја.

Ние не можеме со своја сопствена сила да му се противставиме на бучното негодување на нашата падната природа. Низ овој канал сатаната ќе доведува искушение против нас. Христос знаел дека непријателот ќе дојде кај секое човечко суштество да ги искористи наследните слабости и со своите лажни навестувања да ги фати во стапица сите што немаат доверба во Бога. Со тоа што поминал време на земјата на која мора да живее човекот, нашиот Господ ни го подготвил патот да победиме. Не е негова волја да се најдеме во неповолна положба во судирот со сатаната. Тој не сака да нè застраши и да нè обесхрабри со нападите на змијата. „Бидете храбри“, вели Тој, ­ „јас го победив светот“ (Јован 16,33).

Оној што се бори против силата на апетитот, нека го гледа Спасителот во пустината на искушението. Нека го набљудува во неговите смртни маки на крстот како извикнува: „Жеден сум!“ Тој издржал сè што можеме и ние да поднесеме. Неговата победа е наша. Исус се потпирал врз мудроста и силата на својот небесен Отец. Тој објавува: „Господ Бог ми помага, затоа нема да се збунам… и знам дека нема да се осрамотам… Ете, Господ, Господ ми помага.“ Укажувајќи на својот сопствен пример, Тој ни вели: „Секој од вас што се бои од Господа… Кој оди во мрак, без трошка светлина, нека се надева во името Господово и нека се потпре врз својот Бог“ (Исаија 50,7­10).

„Се приближува кнезот на овој свет“, вели Исус. „Но тој нема ништо со мене“ (Јован 14,30). Во него немало ништо што би му одговарало на вештото лукавство на сатаната. Тој не се согласил со гревот. Дури ни во мислите не му попуштал на искушението. Така можеме и ние. Христовата човечка природа била соединета со божествената; бил подготвен за борба со помош на Светиот Дух кој живеел во него. Тој дошол да ни помогне нам да имаме „дел во божествената природа“ (2. Петрово 1,4). Сè додека сме соединети со него со вера, гревот нема повеќе власт над нас. Бог ја прифаќа раката на верата во нас да ја насочи цврсто да се фати за Христовото божество, за да можеме да постигнеме совршен карактер.

Христос ни покажал како се постигнува тоа. Со кои средства победил во судирот со сатаната? Со Божјата реч (со Библијата). Само со Речта можел да му се противстави на искушението. „Напишано е“, рекол Тој. И нам ни се „дарувани скапоцени и величествени ветувања со чија помош станувате учесници во Божјата природа ако ја избегнете расипаноста која со опака жед владее во светот“ (2. Петрово 1,4). Секое ветување во Божјата реч е наша своина. Треба да живееме сообразно со „секој збор што излегува од Божјата уста“. Кога ќе нè нагрвалат искушенија, не треба да гледаме на околностите или на личната слабост, туку на силата на Речта. Сета нејзина сила ни припаѓа нам. Христос вели: „Во срцето свое ја затворив Речта твоја за да не ти грешам“ (Псалм 119, 11). „Јас ги прифатив зборовите на твојата уста, ги одбегнував патиштата на насилникот“ (Псалм 17,4).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest