Искушението (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Исус го сретнал сатаната со зборовите од Писмото. „Напишано е!“ Во секое искушение оружје на неговото војување била Божјата реч. Сатаната барал од Христа некое чудо со кое ќе ја докаже својата божествена природа. Меѓутоа, она што е поголемо од сите чуда, цврстото потпирање врз „вака вели Господ Бог“ (Исаија 7,7), било доказ што не можел да се негира. Сè додека Христос стоел врз тоа упориште, искушувачот не можел да оствари предимство.

Во времето на својата најголема слабост, Христос бил изложен на најжестоки искушенија. Сатаната верувал дека така ќе победи. На тој начин извојувал победа над човекот. Кога телото попуштило и силата на волјата ослабела, а верата престанала да се потпира врз Бога, тогаш оние што долго и храбро стоеле на страна на правдата биле победени. За време на четириесетгодишното талкање на Израел низ пустината, кога верата на Мојсеја за миг престанала да се потпира врз бесконечната сила, тој се уморил. Се уморил на границите на ветената земја. Така било и со Илија кога бестрашно стоел пред царот Ахав, и кога се судрил со целиот израелски народ на чело со четиристотини и педесет Валови свештеници. По тој страшен ден на Кармил, кога се убиени лажните пророци и кога народот му ветил своја преданост на Бога, Илија, за да го спаси својот живот, побегнал пред заканувањата на идолопоклоничката царица Езавела. На тој начин сатаната стекнува предимство над слабостите на човечкиот род. Тој и понатаму ќе работи на ист начин. Секогаш кога човекот е опкружен со облаци, збунет со приликите или ујаден со сиромаштво и со болка, сатаната е крај него да го искушава и да го мачи. Тој ги напаѓа слабите точки на нашиот карактер. Сака да ја поколеба нашата доверба во Бога кој дозволува постоење на такви прилики. Ние сме искушавани за да немаме доверба во Бога, за да се посомневаме во неговата љубов. Често искушувачот ни пристапува како што му пристапил на Христа, изнесувајќ и ги пред нас нашите слабости и недостатоци. Тој се надева дека ќе ја обесхрабри душата и ќе ја скрши нашата потпора врз Бога. Тогаш е сигурен во својата жртва. Кога би го пречекале како што го пречекал Исус, би избегнале многу порази. Кога преговараме со непријателот, ние со тоа нему му даваме предимство.

Кога Христос му рекол на искушувачот: „Човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста“, Тој ги повторил зборовите што пред повеќе од четиринаесет векови му ги изговорил на Израел: „Припомнувај си за сиот свој пат по кој те водеше твојот Господ Бог низ пустината во текот на овие четириесет години… Те понизи и со глад те мореше, но пак те хранеше со мана за која не знае ше ни ти ни твоите татковци, за да ти покаже дека човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста“ (5. Мојсеева 8,2.3).

Во пустината, кога изневериле сите средства на потпора, Бог на својот народ му пратил мана од небото ­ доволно и во постојано количество. Оваа грижа требало да ги поучи на тоа дека, додека се надеваат во Бога и одат по неговите патишта, Тој нема да ги заборави. Спасителот сега во дело ја спроведувал поуката што му ја дал на Израел. На еврејскиот народ му е дадена поткрепа со Божјата реч, и со истата Реч му е дадена и на Исуса. Тој го очекувал Божјето време што ќе му донесе олеснување. Се наоѓал в пустина од послушност кон Бога и не сакал да дојде до храна прифаќајќи ги предлозите на сатаната. Во присуство на вселената која сведочела, Тој докажал дека е помалечка несреќата да се страда, без оглед што ќе нè снајде, отколку на кој и да е начин да се оддалечиме од Божјата волја.

„Човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста.“ Христовиот следбеник често потпаѓа во средина каде што не може да му служи на Бога и да продолжи со своите световни потфати. Можеби се чини дека послушноста кон некое јасно Божје барање ќе го лиши човекот од основните средства. Сатаната ќе го наведува да поверува дека мора да го жртвува сведоштвото на својата совест. Но, единствено што постои на овој свет врз што можеме да се потпреме е Божјата реч. „Затоа, барајте го најнапред Божјето царство и неговата праведност, а сето друго ќе ви се додаде“ (Матеј 6,33). Дури и во овој живот не е за наше добро да се одвоиме од волјата на нашиот небесен Отец. Кога ќе ја усвоиме силата на неговата Реч, нема да ги прифаќаме предлозите на сатаната за да добиеме храна или да ги спасиме нашите животи. Наше единствено прашање ќе биде: Што е Божја заповед и какво е неговото ветување? Знаејќи го ова, ние ќе го послушаме првото и ќе имаме доверба во второто. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest