„Иде твојот цар“ (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Нивните прашања се замолкнати од победничките извици кои ревносното мноштво постојано ги повторувало, а народот што бил малку подалеку ги прифаќал и истите се разнесувале низ околните брекчиња и долини. Сега на поворката ѝ се придружило и мноштво од Ерусалим. Од мноштвото што се собрало да присуствува на Пасха, илјадници од нив пошле да го поздрават Исуса со добредојде. Го поздравувале мафтајќи со палмови гранки и со свети песни. Свештениците во храмот со труби ја огласиле вечерната служба, но малку луѓе се оѕвиле, па неспокојните поглавари си велеле едни на други: „Народот тргна по него!“

Никогаш порано во својот земен живот Исус не му дозволил на мноштвото така јавно да го покаже расположението. Тој јасно го предвидел резултатот. Тоа ќе го одведе на крст. Меѓутоа, негова намера била јавно да се претстави како Откупител. Сакал да го сврти вниманието кон жртвата што треба да ја круниса неговата мисија за паднатиот свет. Додека народот се собирал во Ерусалим да празнува Пасха, Тој, вистинското пасхално јагне, доброволно се посветил себеси за жртва. Неговата Црква во сите идни векови ќе мора неговата смрт за гревовите на светот да ја стори предмет на свое најдлабоко размислување и проучување. Секој факт поврзан со ова мора да биде наполно докажан за да се исклучи секое сомневање. Сега било неопходно очите на целиот народ да се насочат кон него, а настаните што ќе ѝ претходат на неговата голема жртва мора да го насочат вниманието кон жртвата. По една таква пројава на јавно расположение, какво што било ова коешто го придружувало при неговото влегување во Ерусалим, сите очи ќе го следат неговото брзо напредување кон последната сцена.

Настаните поврзани со ова победоносно влегување ќе станат предмет на разговори на сите и сите ќе ги наведат да размислуваат за Исуса. По неговото распнување, мнозина ќе си спомнат за овие настани поврзани со неговото судење и со смртта. Тие ќе бидат поттикнати да ги истражуваат пророштвата и ќе бидат осведочени дека Исус е Месија, а бројот на оние што ќе ја прифатат верата ќе се умножи во сите земји.

Во оваа единствена победоносна сцена на својот земен живот, Спасителот можел да се појави во придружба на небесни ангели најавен со Божја труба, но таквото претставување би било спротивно на целта на неговата мисија, спротивно на законот што владеел со неговиот живот. Ѝ останал верен на скромната положба што ја прифатил. Тој морал да го носи товарот на човештвото сè додека својот живот не го дал за животот на светот.

Овој ден, кој на учениците им изгледал како најубав ден во животот, би бил затемнет со стушени облаци кога би знаеле дека оваа сцена на радост била само увод во страдањата и смртта на нивниот Учител. Иако често им зборувал за својата неизбежна жртва, сепак, во сегашната радосна, победоносна поворка, ги заборавиле неговите жалосни зборови и очекувале негово среќно владеење на Давидовиот престол.

Поворката постојано се зголемувала, и со неколку исклучоци, сите што ѝ се придружиле биле понесени од вдахновението на тој миг, придонесувајќи да се рашират фалбоспевите што се разнесувале и повторно се одгласувале од ритчињата и долините. Постојано се разлевале радосните изблици: „Осана на Давидовиот Син! Благословен Оној кој доаѓа во Господово име!“

Никогаш порано светот не видел таква победоносна поворка. Таа не била слична на поворките на прочуените земни освојувачи. Оваа сцена не истакнувала тажна поворка на заробеници како трофеј на царското јунаштво. Но, околу Спасителот биле славните трофеи на неговото дело на љубовта за грешниот човек. Тоа биле робовите што ги избавил Тој од сатанската сила кои го славеле Бога за своето ослободување. Поворката ја воделе слепите на кои им го вратил видот. Немите, на кои им го одврзал јазикот, најгласно извикувале „Осана“. Улогавите што ги излекувал потскокнувале радосни и најтрудољубиво кинеле палмови гранки и најрадосно мафтале со нив пред Спасителот. Вдовиците и сирачињата го извишувале Исусовото име поради неговите милосрдни дела кон нив. Лепрозните што ги исчистил Тој ја ширеле својата чиста облека на неговиот пат и го поздравувале како цар на славата. Оние што неговиот глас ги разбудил од смртниот сон се наоѓале среде ова мноштво. Лазар, чиешто тело веќе почнало да се распаѓа во гробот, но кој сега се радувал во сила и во славна мажевност, го водел животното на кое јавал Спасителот. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest