„Иде твојот цар“ (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Многу фарисеи биле сведоци на оваа сцена и, горејќи од злоба и пакост, се обидувале да ја пренасочат струјата на чувствата на народот. Со сиот свој авторитет се обиделе да го замолкнат народот, но нивните повици и застрашувања само го зголемиле одушевувањето. Се уплашиле дека ова мноштво, со силата на својата многубројност, ќе го прогласи Исуса за цар. Во последниот обид се протуркале низ мноштвото до Спасителот и му се обратиле со прекорни и заканувачки зборови: „Учителе, прекори ги твоите ученици.“ Изјавиле дека таква бучна манифестација на чувствата е противзаконита и дека тоа властите нема да го дозволат. Меѓутоа, биле замолкнати со Христовиот одговор: „Ви велам, ако овие замолчат, камењата ќе извикуваат.“ Таа сцена на победничка поворка ја одредил Бог. Неа ја преткажал пророк, и човек бил немоќен да ја измени Божјата намера. Кога луѓето не би го извршиле неговиот план, Тој би им подарил глас на безживотните камења и тие би го поздравиле неговиот Син, искажувајќи му похвала. Кога фарисеите се повлекле замолкнати, стотици гласови ги прифатиле зборовите на Захарија: „Нека блика радост, ќерко сионска, триумфирај, ќерко ерусалимска! Еве, ти доаѓа твојот цар: праведен е и победоносен, понизно јава на магаре, на младо магаре“

Кога поворката стигнала на врвот на ритчето и почнала да се спушта кон градот, Исус застанал, а со него и целото мноштво. Пред нив се простирал Ерусалим во сета своја слава, блескотејќи во сјајот на залезот на сонцето. Храмот ги привлекувал сите очи. Во сјајна величественост се издигнувал над сè друго и изгледало како да покажува кон небото, како да го упатува народот кон единствениот вистински и жив Бог. Храмот долго бил гордост и слава за еврејскиот народ. Римјаните исто така се гордееле со неговата величественост. Царот што го наименувале Римјаните се здружил со Евреите за повторно да го изгради и да го украси, а царот од Рим го збогатил со свои подароци. Неговата моќ , неговото богатство и величественост го сториле едно од светските чуда.

Додека Сонцето заоѓајќи се прелевало и го позлатувало небото, неговиот блескотен сјај го осветлувал чистиот бел мермер на ѕидовите на храмот и се распрскувал од неговите столбови обложени со злато. Од врвот на ритчето, на кое стоеле Исус и неговите следбеници, имал изглед на цврста градба од снег украсена со златни кули. На влезот во храмот се наоѓала винова лоза од злато и сребро со зелени лисја и со крупни гроздови што ги изработиле највешти уметници. Ова уметничко дело го претставувало Израел како родна лоза. Златото, среброто и природното зеленило со истенчена изработка биле вкусно поставени, додека ова дело нежно се умилкувало околу белите и светликави столбови, држејќи се со своите сјајни кадрици за златни украси, разгорувајќи го сјајот на сонцето што заоѓало и светејќи со величественост како да била земена од небото.

Исус без здив ја гледал оваа сцена, а извиците на големото мноштво, понесени со ненадејната сцена на убавината, стивнале. Сите очи биле насочени кон Спасителот, очекувајќи на неговото лице да го видат восхитувањето што самите го чувствувале. Но наместо тоа, виделе облак на тага. Биле изненадени и разочарани кога ги виделе неговите очи полни со солзи и неговото тело што се нишало како дрво пред налет на луња, додека од неговите треперливи усни, како од длабина на скршено срце, се оттргнал лелек на болка. Каква била таа сцена за ангелите! Нивниот сакан заповедник во солзи на длабоко душевно страдање! Каква била таа сцена за радосното мноштво кое со победоносни извици и со мафтање со палмови гранки го следело до славниот град во кој топло сакале да го почне своето владеење. Исус плачел на гробот на Лазара, но тоа била божествена болка на сочувство кон човечката несреќа. Оваа ненадејна жалост била како тажанка во големиот победоносен собир. Среде сцената на радост, во која сите му укажувале почести, Израеловиот Цар бил во солзи, не во тивки солзи радоснички, туку во солзи и липање на незапирливо, длабоко душевно страдање. Одненадеж мноштвото го зафатило тага. Нивните извици стивнале. Мнозина плачеле од сочувство кон болката што не можеле да ја разберат. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest