„Иде твојот цар“ (прв дел)

„Нека блика радост, ќерко сионска, триумфирај, ќерко ерусалимска! Еве, ти доаѓа твојот цар: праведен е и победоносен, понизно јава на магаре, на младо магаре“ (Захар. 9,9).

Петстотини години пред Христовото раѓање пророкот Захарија така го преткажал доаѓањето на царот во Израел. Ова пророштво сега треба да се исполни. Тој, кој толку долго ги одбивал царските почести, сега доаѓа во Ерусалим како ветен наследник на Давидовиот престол.

Во првиот ден на седмицата Христос победоносно влегол во Ерусалим. Мноштвото што доаѓало да го види во Витанија сега го придружувало желно да види како ќе биде примен во Ерусалим. Многу народ се упатил во градот да празнува Пасха, па и тие му се придружиле на мноштвото што го придружувало Исуса. Се чинело дека цела природа се радува. Дрвјата биле облечени во зеленило, а нивниот цвет ширел нежен мирис. Луѓето ги исполнувал нов живот и радост. Пак се будела надеж во ново царство.

Со намера јавајќи да влезе во Ерусалим, Исус пратил двајца свои ученици да доведат магарица со нејзиното магаре. При своето раѓање Спасителот зависел од гостољубивоста на странците. Јаслите во кои лежел биле позајмено место за одмор. Сега, иако безбројниот добиток по ритчињата е негов, зависел од љубезноста на еден странец да му даде животно на кое ќе влезе во Ерусалим како цар. Меѓутоа, во исцрпните упатства што им ги дал на своите ученици за оваа посебна задача пак се открило неговото божество. Како што и преткажал, молбата: „Потребни му се на Господа“, веднаш е исполнета. Исус избрал да се послужи со магаре на кое уште ниеден човек не седнал. Со силно одушевување учениците ја ставиле својата облека на животното и го качиле својот Учител на него. До тогаш Исус секогаш патувал пеш и учениците од почеток се чуделе што овојпат избрал да јава. Меѓутоа, нивните срца ги разведрила надеж со радосна мисла дека Тој набргу ќе влезе во главниот град, ќе се прогласи за цар и ќе ја воспостави својата царска власт. Додека ја извршувале доверената задача, им ги соопштувале на Исусовите пријатели своите топли надежи, и возбудувањето се раширило надалеку, така што очекувањето среде народот го достигнало својот врв.

Христос при своето царско влегување се придржувал кон еврејскиот обичај. Животното на кое јавал било истото животно што го јавале израелските цареви, и пророштвото преткажало дека Месија така ќе дојде во своето царство. Штом го поставиле на магарето, низ воздухот се разнел победоносен извик. Мноштвото го поздравувало како Месија, како свој цар. Сега Исус ги прифатил почестите што порано не ги дозволувал, и учениците тоа го примиле како доказ дека наскоро ќе се остварат нивните радосни надежи, гледајќи го издигнат на престол.

Мноштвото било уверено дека настапил мигот за нивно ослободување. Во мечта ги гледале римските армии протерани од Ерусалим, а Израелците уште еднаш како независен народ. Сите биле среќни и возбудени. Луѓето меѓусебно се натпреварувале кој да му укаже поголема почит. Не можеле да му укажат чест со надворешен раскош и сјај, туку на дар му ја принеле благодарноста на своите среќни срца. Не можеле да го даруваат со скапоцени подароци, туку на неговата патека ги ширеле своите горни облеки како килим, постилајќи го патот со разлистени маслинови и палмови гранки. Победоносната поворка не можеле да ја поведат со никакви царски знамиња, туку сечеле широки палмови гранки, симбол на победата на природата, и со нив мафтале високо, силно радувајќи се и пеејќи фалбоспеви.

Одејќи патем, мноштвото се зголемувало со нови луѓе кои слушнале за Исусовото доаѓање и брзале да ѝ се придружат на поворката.

Набљудувачите постојано се мешале со мноштвото, прашувајќи: „Кој е тој? Што значи оваа мешаница?“ Сите тие чуле за Исуса и очекувале да влезе во Ерусалим; но знаеле дека Тој до сега ги спречувал сите напори да го постават на престол, па биле мошне изненадени кога дознале дека настанала промена кај него. Се прашувале што предизвикало ваква промена кај Оној кој објавил дека неговото царство не е од овој свет. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest