„Иде твојот цар“ (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Исус не плачел поради страдањата што го чекале. Пред него се наоѓала Гетсиманија, каде што наскоро ќе го покрие ужасна темнина. На повидок исто така била овчата врата низ која со векови ги воделе животните за жртва. Наскоро оваа врата ќе се отвори пред него како пред вистинско Јагне на чија што жртва за гревовите на светот укажувале сите овие жртви. Во близина била Голгота, место на неговите смртни маки што се приближувале.

Сепак, Откупителот не плачел и не липал од душевна болка поради сето она што го потсетувало на неговата сурова смрт. Неговата болка не била себична. Оваа благородна, самопожртвувана душа не ја плашела помислата на сопствената агонија. Исусовото срце го кинел погледот кон Ерусалим кон Ерусалим кој го отфрлил Божјиот Син и неговата љубов ја изложил на подбив, кој одбил да биде осведочен со неговите моќни чуда и кој се готвел да му го одземе животот. Видел што станал Ерусалим затоа што го отфрлил својот Откупител и видел што би можел да стане кога би го прифатил него кој единствено можел да ги исцели неговите рани. Тој дошол да го избави, па како можел да се откаже од него?

Израел бил омилен народ. Неговиот храм Бог го сторил свое живеалиште и тој бил како „негова света гора, радост за сета земја“ (Псалм 48,2). Тука се наоѓа извештај за над илјада години заштитничката грижа и нежна љубов што ги негува еден татко кон својот единец син. Во тој храм пророците ги изнесувале своите свечени опомени. Тука се кадилниците од кои кон Бога се издигнувал темјан помешан со молитвите на верниците. Тука течела крвта на животните која била претслика на Христовата крв. Тука Јехова над престолот на милоста ја покажувал својата слава. Тука свештениците ја вршеле својата служба и тука со векови се гледала велелепноста на симболите и на обредната служба. Меѓутоа, сето тоа морало да заврши да му се стави крај.

Исус ја подигнал раката таа рака што толку често ги благословувала болните и оние што страдаат и, покажувајќи со неа кон осудениот град, извикнал во болка со испрекинат глас: „Е, да го знаеше денеска она што ти носи мир!“ Овде Спасителот застанал и не кажал каква би можела да биде положбата на Ерусалим кога би ја прифатил помошта што сакал да му ја даде дарувајќи му го својот сакан Син. Кога Ерусалим би го знаел она што било негово предимство да го знае и кога би внимавал на светлината што му ја пратило Небото, би можел да се гордее со благосостојба како цар на сите царства, слободен во силата што му ја дал Бог. Пред неговите капии не би стоеле вооружени војници, ниту на неговите ѕидови би се виореле римски знамиња. Пред Божјиот Син се издигнувала славна судбина што би му донела благослов на Ерусалим кога би го прифатил својот Откупител. Видел дека преку него можел да биде исцелен од својата страшна болест, ослободен од ропството и утврден како моќ на светска престолнина. Од неговите ѕидови би полетал гулаб на мир кон сите народи. Тој би бил славна круна на светот.

Пред погледот на Спасителот исчезнувала сликата на она што би можел да биде Ерусалим. Го гледал под римски јарем, со печат на Божје негодување, осуден да ја поднесува неговата одмаздничка пресуда. Ја продолжил прекинатата нишка на својата тажачка: „Но сега е скриено од твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со ровови, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни. И ќе те срамнат со земјата тебе, и твоите деца во тебе; и не ќе остане во тебе ни камен на камен, зашто не го препозна времето кога беше посетен!“ (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest