„И постави дванаесетмина“ (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Овие ученици извесно време трудољубиво работеле здружени со Исуса. Јован и Јаков, Андреја и Петар, Филип, Натанаил и Матеј биле поблиски со него отколку другите и биле сведоци на поголем број негови чуда. Петар, Јаков и Јован биле во уште поинтимна врска со него. Биле речиси постојано со него, следејќи ги неговите чуда и слушајќи ги неговите зборови. Јован се протуркал најблизу до Исуса, така што се истакнувал како оној што Исус го сакал. Спасителот ги сакал сите, но Јовановиот дух бил најприемчив. Бил помлад од другите и со детска доверба му го отворил своето срце на Исуса. Така стекнал поголема Христова наклоност, па преку него на неговиот народ му се пренесени најдлабоките духовни учења на Спасителот.

На чело на една од групите на кои апостолите биле поделени стои името на Филипа. Тој бил првиот ученик на кого Исус му упатил јасен повик: „Следи ме!“ Филип бил од Витсаида, од градот на Андреја и Петар. Тој го слушал учењето на Јована Крстителот и чул кога Јован Христа го прогласил за Божје Јагне. Филип искрено ја барал вистината, но имал бавно срце за верување. Иако и самиот му се придружил на Христа, сепак, начинот на кој му го објавил Христа на Натанаила покажува дека не бил потполно убеден во Христовото божество. Иако глас од небото го прогласил Христа за Божји Син, за Филипа Тој бил „Исус, син на Јосифа од Назарет“ (Јован 1,45). Филиповиот недостиг на вера повторно се покажал кога се нахранети пет илјади луѓе. Исус сакал да го провери кога го прашал: „Каде да купиме леб за да се нахранат овие луѓе?“ Филиповиот одговор го открил неговото неверство: „За двесте денари леб не би било доволно секој да добие малку“ (Јован 6,5.7). Исус бил жалосен. Иако Филип ги видел неговите дела и ја почувствувал неговата сила, сепак, немал вера. Кога Грците се распрашувале кај Филипа за Исуса, тој не ја искористил приликата да ги запознае со Спасителот, туку му се обратил на Андреја. Пак, во оние последни мигови пред распнувањето, Филиповите зборови ја обесхрабрувале верата. Кога Тома му рекол на Исуса: „Господе, не знаеме каде одиш. Како можеме да го знаеме патот?“ Спасителот одговорил: „Јас сум пат, вистина и живот… Ако ме познававте мене, ќе го познававте и мојот Отец.“ Одговорот на Филипа открил неверување: „Господе, покажини го Отецот, и доволно ни е“ (Јован 14,5­8). Ученикот, кој три години бил со Исуса, имал толку бавно срце, толку слаба вера.

Во среќна спротивност со неверството на Филипа била детската доверба на Натанаила. Тој бил човек со мошне искрена природа, човек чијашто вера почивала на невидливата стварност. Сепак, Филип бил ученик во Христовата школа и божествениот Учител стрпливо го поднесувал неговото неверство и неговото бавно сфаќање. Кога се излеал Светиот Дух врз учениците, Филип станал учител според божествениот ред. Знаел за што зборува и поучувал со сигурност што ги осведочувала слушателите.

Додека Исус ги подготвувал учениците за нивното ракоположување, еден, кој не бил повикан, настојувал да им се наметне. Тоа бил Јуда Искариотски, човек кој тврдел дека е Христов следбеник. Тој сега пристапил, барајќи место во овој потесен круг на ученици. Мошне сериозен и со привидна искреност, изјавил: „Учителе, јас ќе те следам каде и да одиш.“ Исус ниту го одбил ниту го поздравил со добредојде, туку само ги изговорил овие жални зборови: „Лисиците имаат дувла, небесните птици гнезда, додека Синот човечки нема каде да стави глава“ (Матеј 8,19.20).

Јуда верувал дека Исус е Месија и, придружувајќи им се на апостолите, се надевал дека ќе си обезбеди положба во новото царство. Оваа надеж Исус сакал да ја урне со изјавата за своето сиромаштво.

Учениците сакале Јуда да стане дел на нивната група. Имал надворешност што влевала почит, човек остроумен, делотворен, способен, и тие му го препорачале на Исуса како човек што ќе му укаже значителна помош во неговата работа. Биле изненадени кога Исус го примил толку рамнодушно.

Учениците биле мошне разочарани што Исус не се обидувал да воспостави соработка со водачите на Израел. Сметале дека згрешил што не го засилил своето дело обезбедувајќи поддршка од страна на овие влијателни луѓе. Кога би го одбил Јуда, тие во своите умови би поставиле прашање за мудроста на својот Учител. Подоцнежната биографија на Јуда ќе им покаже колку е опасно да му се дозволи на какво било световно просудување да влијае врз решавањето за подобноста на луѓето за Божјето дело. Соработката на таквите луѓе што ја сакале учениците би го предала делото во рацете на неговите најголеми непријатели. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest