Гозба во домот на Симона (трет дел)

(прдолжува од претходниот ден) Марија не го сфатила наполно значењето на своето дело на љубовта. Таа не можела да им одговори на своите тужители. Не можела да објасни зошто ја избрала таа прилика да го помаже Исуса. Светиот Дух ја приготвил приликата за неа и таа ги послушала неговите поттици. Вдахновението слегува не давајќи објаснување. Невидливото присуство им зборува на умот и на чувствата и го поттикнува срцето да дејствува. Тоа е оправдание само за себе. Христос ѝ го објаснил на Марија значењето на нејзиното дело и со тоа ѝ дал повеќе отколку што примил. „Кога таа го излеа мирисот врз моето тело“, рекол Тој, „ме приготви за закоп.“ Како што се скршил садот од алабастер и целата куќа ја исполнил со својот мирис, така и Христос требало да умре, неговото тело требало да се скрши, но Тој ќе стане од гробот и мирисот на неговиот живот треба да ја исполни земјата. Христос „нè милее и се предаде себеси за нас како принос и жртва на Бога, за благопријатен мирис“ (Ефесците 5,2).

„Вистина ви велам“, изјавил Христос, „каде и да се проповеда ова евангелие, по сиот свет, ќе се раскажува што направи таа, во нејзин спомен“. Гледајќи во иднината, Спасителот со сигурност зборувал за своето евангелие. Тоа требало да се проповеда по целиот свет. Сè додека ќе се шири евангелието, дарот на Марија ќе го шири својот мирис и срцата ќе бидат благословени со нејзиното неприготвувано дело. Ќе се дигаат и ќе паѓаат царства, ќе бидат заборавени имињата на владетелите и завојувачите, но делото на оваа жена ќе остане бесмртно на страниците на светата историја. Сè до крајот на времето тој скршен сад од алабастер ќе ја раскажува вистината за безмерната Божја љубов за паднатиот човечки род.

Делото на Марија било сушта спротивност со делото што имал намера да го направи Јуда. Каков остар укор би можел Христос да му даде нему кој посеал семе на критика и лоши мисли во умовите на учениците! Колку оправдано обвинителот би можел да биде обвинет! Христос, кој ги чита побудите на секое срце и кој проникнува секое дело, можел да ги отвори пред присутните на гозбата мрачните поглавја од искуството на Јуда. Празното претворање на кое предавникот ги засновал своите зборови можело да биде откриено, зашто наместо да сочувствува со сиромасите, тој ги ограбувал парите што биле наменети за нивна потпора. Против него би можел да се подигне оправдан гнев поради угнетување на вдовиците, сирачињата и надничарите. Меѓутоа, кога Христос би го разоткрил Јуда, тоа би можело да се наведува како причина за предавството. И кога би бил обвинет како крадец, Јуда би стекнал наклоност дури и меѓу учениците. Спасителот не го укорил и на тој начин избегнал да му даде изговор за предавството.

Меѓутоа, погледот што му го упатил Исус на Јуда го уверил дека Спасителот проникнал во неговото лицемерство и го прочитал неговиот низок и подол карактер. Пофалувајќи го делото на Марија, што е толку остро осудено, Христос го укорил Јуда. Пред ова, Спасителот никогаш не го укорил непосредно. Сега укорот го вознемирил неговото срце. Решил да се одмазди. Од вечерата отишол право во првосвештеничката палата во која го затекол Советот на заседание и им понудил да им го предаде Исуса во раце.

Свештениците многу се израдувале. Овие израелски водачи имале предимство да го прифатат Христа како свој Спасител без никакви пари или цена. Но тие не сакале да го примат драгоцениот дар што им е понуден во најнежен дух на љубовта што привлекува кон себе. Не сакале да го прифатат тоа спасение кое вреди повеќе од злато и го купиле својот Господ за триесет сребреници.

Јуда ѝ попуштал на алчноста сè додека таа не задушила секоја добра црта во неговиот карактер. Го предизвикувал дарот што му бил донесен на Исуса. Неговото срце горело од завист што Спасителот примил дар со кој биле почествувани земните владетели. За износ, што бил значително помалечок од цената на едно шише мирис, го предал својот Господ.

Учениците не биле како Јуда. Тие го сакале Спасителот, но не го процениле правилно неговиот возвишен карактер. Кога би сфатиле што сторил за нив, би разбрале дека ништо што му е подарено нему не е потрошено напразно. Мудреците од исток, кои толку малку знаеле за Исуса, укажувале поцелосно уважување кон честа што му припаѓа. Му донеле драгоцени подароци на Спасителот и со страхопочит му се поклониле иако бил новороденче во јасли.

Христос ги цени делата на љубезноста произлезени од срцето. Кога некој ќе му сторел некое дело од љубов, Тој во својата небесна благородност ќе го благословел оној што го сторил тоа. Не го отфрлил ниту наједноставниот цут, скинат со детска рака, што му е понуден со љубов. Тој ги прифаќал подароците од децата и ги благословувал дарителите, запишувајќи ги нивните имиња во Книгата на животот. Помазанието на Марија што го извршила над Исуса се спомнува во Светото писмо за да се направи разлика меѓу неа и другите Марии. Делата на љубовта и на длабоката почит кон Исуса се доказ за верата во него како Божји Син. Светиот Дух спомнува докази на верност на жени кон Христа: „Ако им миела нозе на светите, ако им помагала на страдалници и ако се посветила на секое добро дело“ (1. Тимотеј 5,10). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest