Гозба во домот на Симона (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Симон бил трогнат со Христовата љубезност бидејќи Христос не го укорил јавно пред гостите. Со него не се постапило онака како што сакал тој да се постапи со Марија. Видел дека Исус не сака да ја обелодени неговата вина пред други, туку со вистинското просудување на овој случај сакал да го осведочи неговиот ум и со љубезноста полна со сожалување да го покори неговото срце.

Строгото жигосување би сторило Симон да се стврдне за покајание, додека стрпливата опомена го уверила во неговата вина. Ја увидел големината на својот долг кон Господа. Неговата горделивост е стивната, тој се покајал и горделивиот фарисеј станал понизен, самопожртвуван ученик.

Марија ја сметале за голема грешница, но Христос ги познавал околностите што го обликувале нејзиниот живот. Тој можел да згасне секоја искра на надеж во нејзината душа, но тоа не го сторил. Тој ја подигнал од очајот и пропаста. Седум пати чула како ги укорува лошите духови што владееле со нејзиното срце и ум. Го чула неговиот силен викот упатен кон Отецот за неа. Знаела колку гревот ѝ е одвратен на неговата неизвалкана чистота и со негова сила го победила.

Кога за човечките очи нејзиниот случај изгледал безнадежен, Христос во Марија видел можности да прави добро. Тој ги видел подобрите особини на нејзиниот карактер. Планот на откупувањето му подарил на човечкиот род големи можности, а овие можности се оствариле кај Марија. Со негова милост станала соучесник во божествената природа. Таа, која паднала и чијшто ум бил врталиште на лоши духови, во служба и заедница, со Божја помош, била доведена многу близу до Спасителот. Тоа била Марија која седела крај неговите нозе и учела од него. Тоа била Марија која го излеала скапоценото масло на помазание врз неговата глава и ги квасела неговите нозе со своите солзи. Марија стоела крај крстот и таа Христа го следела до гробот. Марија била прва на гробот по неговото воскресение. Марија била прва која го објавила воскреснатиот Спасител.

Исус ја познава состојбата на секоја душа. Можеш да кажеш: Јас сум грешен, многу грешен. Можеби и си; но, колку што си полош, толку повеќе ти е потребен Исус. Тој не отфрла никого кој плаче и кој се кае. Никому не му кажува сè што би можел да открие кај него, туку на секоја исплашена душа ѝ наложува да се охрабри. Искрено ќе им прости на сите што ќе дојдат кај него барајќи проштавање и обнова.

Христос може да им наложи на небесните ангели да ги излеат чашите на неговиот гнев врз нашиот свет, да ги уништат оние што покажуваат омраза кон Бога. Тој би можел да ја избрише оваа темна дамка од својата вселена, но не го прави тоа. Тој денеска стои крај кадилниот олтар, изнесувајќи ги пред Бога молитвите на оние што бараат негова помош.

Луѓето што му се обраќаат барајќи прибежиште, Исус ги издигнува над обвинувањата и несогласијата. Ниеден човек, ниту лош ангел, не може да ги обвини овие души. Христос ги соединува со својата божествено човечка природа. Тие стојат пред големиот Носител на гревот во светлината што излегува од Божјиот престол. „Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог, кој ги оправдува? Кој е тој што ќе ги осуди? Дали Христос Исус, кој умре, и згора на тоа воскресна, кој е од десната страна на Бога и кој се зазема за нас?“ (Римјаните 8,33.34).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest