Гозба во домот на Симона (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Исцелувајќи го Симона од лепра, Христос го спасил од еден живот еднаков на смрт. Но Симон сега се прашал дали Спасителот е пророк. Симон паднал во искушение да мисли дека Христос не е пророк затоа што ѝ дозволил на оваа жена да му се приближи, затоа што не ја турнал гневно и презриво како таква чиишто гревови се премногу големи за да бидат простени и затоа што не покажувал дека сфаќа оти потклекнала. Исус ништо не знае за оваа жена која е толку слободна во своето однесување, си помислил тој, инаку не би ѝ дозволил да го допре.

Меѓутоа, Симон не го познавал Бога и Христа и токму тоа непознавање го навело да мисли онака како што мислел. Не сфатил дека Божјиот Син мора да дејствува на божествен начин, со сожалување, со нежност и со милосрдие. Симоновиот начин на мислење се видел во тоа што не обрнувал никакво внимание на покајничката служба на Марија. Нејзиното дело, нејзината љубов искажана со помазанието на Христовите нозе со мирис ја раздразнила неговата бездушност. Си помислил дека Христос, ако е пророк, ќе ги препознае грешниците и ќе ги укори.

На оваа неискажана мисла Спасителот одговорил: „Симоне, имам да ти кажам нешто… Двајца му беа должни на еден заемодавец. Едниот му должеше потстотини денарии, а другиот педесет. Бидејќи немаа да му вратат, тој великодушно им прости на двајцата. Кој од нив ќе го сака повеќе? Симон одговори: ‘Мислам оној кому повеќе му простил.’ А Тој му рече: ‘Право пресуди!’“

Како што постапил Натан со Давида, така и Христос својата поука во домот ја скрил под превезот на оваа прикаска. Товарот го ставил врз својот домаќин самиот себеси да си ја изрече пресудата. Симон ја навел на грев оваа жена што сега ја презирал. Таа доживеала голема неправда од него. Симон и оваа жена се претставени со двајцата должници од расказот. Исус немал намера да даде поука за тоа дека овие две лица треба да чувствуваат различен степен на обврска, зашто секој од нив имал долг благодарност што никогаш не може да се врати. Меѓутоа, Симон себеси се сметал за поправеден од Марија, па Исус сакал тој да увиди колку всушност била голема неговата вина. Сакал да покаже дека неговиот грев бил поголем од нејзиниот, толку поголем колку што е долгот од петстотини денари поголем од долгот од педесет денари.

Сега Симон почнал да се набљудува себеси во оваа светлина. Видел како ја набљудува Марија Оној кој бил повеќе отколку пророк. Тој увидел дека Христос со своето остро пророчко око го чита нејзиното срце преполно со љубов и преданост. Се усрамил и сфатил дека се наоѓа во присуство на Оној кој е повозвишен од него.

„Влегов во твојот дом“, продолжил Христос, „ти не ми даде ниту вода за нозете“, а Марија со солзи покајнички, поттикнати од љубов, ми ги изми нозете и ми ги избриша со својата коса. „Ти не ми даде целив, а таа“, што ти ја презираш, „откако влегов не престана да ми ги целива нозете.“ Христос ги наброил приликите што ги имал Симон да ја покаже својата љубов кон својот Господ и да искаже признание за она што е сторено за него. Отворено, но со нежна учтивост, Спасителот ги уверувал своите ученици дека неговото срце е жалосно кога неговите деца ќе занемарат да му ја искажат својата благодарност со зборови и со дела чијашто основа е љубов.

Оној што го испитува срцето, ги читал побудите што го инспирирале делото на Марија, а го видел и духот што ги поттикнал зборовите на Симона. „Ја гледаш ли оваа жена“, го прашал. Таа е грешница. „Но, ти велам, простени ѝ се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку му се простува тој малку љуби.“

Студенилото и немарноста на Симона кон Спасителот покажале колку малку ја цени милоста што ја примил. Тој мислел дека го почестил Исуса со тоа што го повикал во својот дом. Но сега се видел себеси навистина каков што бил. Додека мислел дека го чита својот Гостин, неговиот Гостин го читал него. Ја увидел сета точност на Христовиот суд за него. Неговата вера била фарисејска облека. Тој го презирал Исусовото сожалување. Не го препознал како претставник на Бога. Додека Марија била грешница на која ѝ е простено, тој бил грешник кој никогаш не добил проштавање. Строгото правило на правдата што сакал да го насочи против неа, го осудило него. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest