(продолжува од претходниот ден) Кога Христос паднал под крстот онесвестен, тие почнале тажно да редат. Единствено ова го привлекло Христовото внимание. Иако измачен со товарот на гревот на светот, не бил рамнодушен и ја прифатил нивната болка. Со нежно сочувство ги погледнал овие жени. Тие не верувале во него; знаел дека не го оплакуваат како пратеник од Бога, туку тоа го прават поттикнати со чувство на човечка сомилост. Не го презрел нивното сочувство, туку тоа во неговото срце разбудило уште подлабоко сожалување кон нив. „Ќерки ерусалимски“, рекол, „не плачете за мене, туку плачете за себеси и за своите деца.“ Од сегашната сцена Христос гледал во иднината, во времето на разурнувањето на Ерусалим. Во оваа страшна сцена, многу од оние што сега плачат за него ќе загинат заедно со своите деца.
Од пропаста на Ерусалим Исусовите мисли се насочиле кон еден уште позначаен суд. Во уништувањето на непокајаниот град ги видел знаците на конечното уништување што ќе дојде на светот. Рекол: „Тогаш ќе почнат да им зборуваат на планините: ‘Паднете врз нас!’ и на ридиштата: ‘Покријте нè!’ Зашто, ако се постапува вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото?“ Со живото зелено дрво Исус се прикажал себеси, невиниот Откупител. Бог дозволил неговиот гнев поради престапот да падне врз неговиот сакан Син. Поради човечките гревови Исус требало да биде распнат. Тогаш какви страдања ќе мора да сноси грешникот кој и понатаму ќе продолжи да греши? Сите непокајани и неверни ќе искусат таква жалост и беда, какви што јазикот не може да ги опише.
Мнозина од мноштвото што го придружувало Спасителот до Голгота го дочекале со радосни фалбоспеви и мафтале со палмови гранки кога свечено јавајќи на магаре влегол во Ерусалим. Но од многу усни, кои тогаш одушевено го славеле, зашто тоа го правеле сите, сега се разлевал извикот: „Распни го, распни!“ Кога Исус влегол во Ерусалим јавајќи, надежите на учениците го постигнале својот врв. Се собирале околу својот Учител, сметајќи ја за голема чест поврзаноста со него. Сега, во неговото понижување, го следеле од далеку. Биле обземени со болка и скршени во своите изневерени надежи. Како се обистиниле Исусовите зборови: „Сите вие оваа ноќ ќе се соблазните заради мене, зашто е пишано: ‘Ќе го убијам пастирот, а овците од стадото ќе се разбегаат’“ (Матеј 26,31).
Кога стигнале на губилиштето, заробениците ги врзале на орудијата за мачење. Двајцата разбојници се обидувале да се истргнат од рацете на оние што ги положувале на крст; но Исус не се опирал. Исусовата мајка, потпирајќи се на саканиот ученик, Јован, одела по стапките на својот Син до Голгота. Го видела како се онесвестил под тежината на крстот и копнеела да ја придржи неговата ранета глава и да го избрише тоа чело кое некогаш се потпирало на нејзините гради. Но не ѝ било дадено ова тажно предимство. Заедно со учениците, сè уште негувала надеж дека Исус ќе ја покаже својата сила и ќе се ослободи од своите непријатели. Со обесхрабрено срце си спомнувала за неговите зборови со кои преткажал секоја од сцените што се одигрувале сега. Гледајќи ги разбојниците што ги врзувале на крст, со длабока болка се прашала: Зар Оној, кој на мртвите им даваше живот, ќе дозволи да го распнат? Зар Божјиот Син ќе дозволи да биде така сурово убиен? Дали мора да се откаже од својата вера дека Исус е Месија? Мора ли да биде очевидец на неговиот срам и болка, немајќи дури ни предност да му послужи во неговата мака? Ги видела неговите раце испружени на крст; донеле чекан и клинови и, додека острите врвови го пробивале нежното тело, ујадените ученици Исусовата мајка ја повеле подалеку од оваа свирепа сцена речиси онесвестена.
На Спасителот не му се оттргнала ниту една воздишка. Неговото лице останало мирно и прибрано, но челото му било оросено со крупни капки пот. Немало милостива рака да ја избрише смртната пот од неговото лице, ниту зборови на сочувство и непоколеблива преданост што би застанала крај неговото човечко срце. Додека војниците ја извршувале својата свирепа задача, Исус се молел за своите непријатели: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ Неговите мисли преминувале од сопствените страдања на гревовите на неговите мачители и на страшната одмазда што ќе ги стигне. Никаква клетва не им упатил на војниците кои со него постапувале грубо. Никаква одмазда не повикувал врз свештениците и поглаварите кои се насладувале остварувајќи ја својата намера. Христос ги сожалувал поради нивното незнаење и вина. Благо ја прошепотил само молитвата да им се прости „зашто не знаат што прават.“ (продолжува)