Глас во пустина (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Јован им објавил на учителите во Израел дека нивната горделивост, себичност и суровост покажуваат оти тие се змиски род, смртно проклетство за народот, а не деца на праведниот и послушен Аврам. Со оглед на светлината што ја примиле од Бога, биле дури полоши од незнабошците од кои се чувствувале многу повисоки. Ја заборавиле Карпата од која биле изделкани и јамата од која се ископани. Во постигнувањето на својата цел Бог не зависел од нив. Како што го повикал Аврама од незнабожечки народ, така можел и други да повика во својата служба. Нивните срца можат да изгледаат безживотни како карпи в пустина, но неговиот Дух може да ги поткрене да ја извршат неговате волја и да ги уживаат благодетите на неговото ветување.

„Веќе“, кажува пророкот, „секирата е поставена при коренот на дрвото. Затоа, секое дрво што не дава добар плод се сече и се фрла во оган.“ Вредноста на дрвото не се одредува според неговото име, туку според неговиот плод. Ако дрвото е некорисно, името не може да го спаси од уништување. Јован им објавил на Евреите дека за нивната положба пред Бога решаваат нивниот карактер и нивниот живот. Празното исповедање на верата нема никаква вредност. Ако нивниот живот и карактер не се сообразени со Божјиот закон, тие не се негов народ.

Со зборови што го испитуваат срцето, ги уверил своите слушатели. Тие доаѓале кај него со прашањето: „Што да прави ме?“ Добиле одговор: „Кој има две туники, нека му даде една на оној што нема, и кој има храна нека прави така.“ Ги предупредил цариниците да не прават неправда, а војниците да не прават насилство.

Сите што ќе станат приврзаници на Христовото царство, рекол, ќе дадат доказ за својата вера и покајание. Во нивниот живот ќе се покажат љубезност, чесност и верност. Ќе им служат на што се во неволја и ќе му носат свои приноси на Бога. Тие ќе ги штитат немоќните и ќе дадат пример на доблест и сомилост. Така Христовите следбеници ќе дадат доказ за преродбенската сила на Светиот Дух. Во секојдневниот живот ќе се видат правда, милосрдие и Божја љубов. Ако не биде така, тие ќе бидат плева што се фрла во оган.

„Јас ве крштавам со вода, за покајание“, зборувал Јован, „но Оној што доаѓа по мене, посилен е од мене. Јас не сум достоен да му ги собујам обувките. Тој ќе ве крсти со Свети Дух и со оган“ (Матеј 3,11). Пророкот Исаија изјавува дека Господ ќе го исчисти својот народ од неговите гревови „со здивот кој суди и спалува“. Речта Господова упатена до Израел гласела: „Ќе ја подадам раката над тебе за да го исчистам твојот троскот, да го отстранам од тебе оловото“ (Исаија 4,4; 1,25).

Каде и да се најде гревот, за него „нашиот Бог е оган кој спалува“ (Евреите 12,29). Кај сите што ќе ја прифатат неговата сила, Божјиот Дух ќе го спали гревот. Но, ако луѓето цврсто се држат за гревот, тие ќе се идентификуваат со него. Тогаш Божјата слава, која го уништува гревот, мора да ги уништи и нив. Откако поминала ноќта на борбата со ангелот, Јаков извикнал: „Бога го видов лице в лице и душата моја се избави“ (1. Мојсеева 32,30). Јаков бил виновен поради големиот грев што го сторил со своето однесување кон Исава, но се покајал. Неговиот престап е простен и гревот исчистен; затоа можел да го поднесе откровението на Божјето присуство. Меѓутоа, секогаш кога луѓето доаѓале пред Бога, а намерно негувале зло, биле уништени. При второто Христово доаѓање грешните ќе бидат уништени „со здивот на неговата уста“ и искоренети со „светлината на неговото доаѓање“ (2. Солуњаните 2.8). Светлината на Божјата слава, што им дава живот на праведниците, ќе ги уништи грешниците.

Во времето на Јована Крстителот Христос требало да се појави токму како Оној што ќе го открие Божјиот карактер. Самата негова појава ќе им го открива на луѓето нивниот грев. Единствено ако бидат готови да се исчистат од гревот, ќе можат да стапат во заедница со него. Само тие што имаат чисто срце ќе можат да живеат во негово присуство.

Така Крстителот му ја објавувал Божјата вест на Израел. Мнозина внимателно ги слушале неговите поуки и жртвувале сè за да послушаат. Овој нов учител насекаде го следело мноштво и не биле малку оние што негувале надеж дека Тој би можел да биде очекуваниот Месија. Кога Јован видел како народот од сите страни се слева кон него, застанал и со сите сили настојувал неговата вера да ја пренасочи кон Оној што ќе дојде.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest