Глас во пустина (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога почнала службата на Јована, народот бил вознемирен и незадоволен, непосредно пред востание. По соборувањето на Архелај, Јудеја потпаднала под непосредна власт на Рим. Свирепото владеење и насилството на римските гувернери и нивните решителни напори да воведат незнабожечки белези и обичаи, предизвикале бунт што бил задушен со крв на илјадници најхрабри Израелци. Сето ова ја засилило омразата на народот кон Рим и копнежот да се ослободат од неговата сила.

Среде неслогата и кавгите се слушнал глас од пустината, потресен и сериозен, а сепак полн со надеж: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“ Тој ги поткренал луѓето со нова, зачудувачка сила. На Христовото доаѓање пророците укажувале како на настан во далечна иднина; но овде постоела објава дека Тој е тука. Самиот изглед на Јована ги потсетувал умовите на неговите слушатели на старите пророци. Со своето однесување и облека бил сличен со пророкот Илија. Со духот и силата на Илија ја обвинувал расипаноста на народот и ги карал поради гревовите што преовладувале. Неговите зборови биле едноставни, непосредни и уверливи. Мнозина верувале дека тој е еден од пророците кој воскреснал од мртвите. Целиот народ бил поткренат. Мноштво се слевало во пустината.

Јован го објавувал доаѓањето на Месија и го повикувал народот на покајание. Во знак на исчистување од гревот, ги крштавал во водите на Јордан. Така со значајна, очигледна поука, објавил дека оние што себеси се прогласувале за Божји избран народ биле извалкани со грев и дека без исчистување на срцето и животот не можат да имаат дел во царството на Месија.

Кај пророкот доаѓале да го слушаат кнезови и рабини, војници, цариници и селани. Свечената опомена од Бога ги вознемирувала за извесно време. Мнозина се покајале и го прифатиле крштавањето. Барањата на Крстителот ги прифатиле лица од сите општествени слоеви за да имаат дел во царството што го објавувал.

Многу законици и фарисеи доаѓале исповедајќи ги своите гревови и барајќи крштавање. Тие себеси се издигнувале како подобри од другите луѓе и луѓето ги наведувале да негуваат високо мислење за нивната побожност; сега тајните гревови на нивниот живот биле откриени. Меѓутоа, Светиот Дух му покажал на Јована дека мнозина од овие луѓе немаат вистински поим за гревот. Биле превртливци. Како пријатели на пророкот, се надевале дека ќе најдат милост кај Кнезот што ќе дојде. Со тоа што биле крстени од раката на овој омилен млад учител, сметале дека ќе го засилат своето влијание меѓу народот.

Јован ги дочекал со остро прашање: „Змиски породе! Кој ве предупреди да бегате од гневот што иде? Затоа, донесете плодови кои одговараат на покајание и не зборувајте во себеси: ‘Го имаме Аврама за татко.’ Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да му подигне деца на Аврама.“

Евреите погрешно го протолкувале Божјето ветување за вечна наклоност кон Израел: „Вака вели Господ, кој дава сонцето да свети дење, а месечината и ѕвездите да светат ноќе, кој го покренува морето да бучат неговите бранови, на кого името му е Господ над војските: ‘Ако некогаш се нарушат тие закони пред мене, вели Господ, тогаш и потомството Израелово ќе престане да биде народ пред лицето мое засекогаш.’ Вака вели Господ: ‘Ако можат да се измерат небесата горе, и да се пребараат темелите на земјата долу, тогаш и јас ќе го отфрлам потомството Израелово поради сè што сторија, вели Господ’“ (Еремија 31,35­37).

Евреите сметале дека нивното природно потекло од Аврама им дава право на ова ветување. Меѓутоа, ги превиделе условите што ги одредил Бог. Пред да го даде ветувањето, Тој рекол: „Ќе го ставам мојот закон во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце, ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат мој народ … зашто ќе им го простам нивното беззаконие и нивните гревови нема повеќе да ги споменувам“ (Еремија 31,33.34).

Неговата милост му е обезбедена на народот во чиешто срце е запишан Божјиот закон. Тие се едно со него. Меѓутоа, Евреите сами се одвоиле од Бога. Поради своите гревови страдале под неговите судови. Затоа биле во ропство под незнабожечки народ. Нивните умови биле затемнети со грев, а бидејќи Господ во минатите времиња им бил толку многу наклонет, тие ги оправдувале своите гревови. Си ласкале себе си дека се подобри од другите луѓе и дека тоа им дава право на неговите благослови.

Ова „се напиша како опомена за нас на кои им се наближуваат последните времиња“ (1. Коринќаните 10,11). Колку често погрешно ги толкуваме Божјите благослови и си ласкаме себеси дека поради некоја наша добрина во себе уживаме наклоност! Бог не може да го стори за нас она што сака да го стори. Ние ги употребуваме неговите дарови за да ги задоволиме нашите желби и нашето срце да се стврдне во неверството и во гревот. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest