Гетсиманија (прв дел)

Во друштво со своите ученици Спасителот полека одел кон гетсиманската градина. За време на празникот Пасха секогаш од небото светела полна месечина без ниеден облак. Градот, преполн со поклонички шатори, потонал во тишина.

Исус сериозно разговарал со своите ученици и ги поучувал, но кога се приближил до Гетсиманија, станал необично молчалив. Ова место често го посетувал да размислува и да се моли, но никогаш со срце толку полно со болка како оваа ноќ на неговата последна претсмртна борба. Во текот на целиот свој живот на земјата одел во светлината на Божјето присуство. Кога дошол и се судрил со луѓето опфатени со вистински сатански дух, можел да каже: „Оној кој ме прати со мене е, не ме остави сам, зашто секогаш го правам она што му годи“ (Јован 8,29). Но, се чинело дека не го придружува повеќе божествената светлина. Сега и Тој се нашол меѓу престапниците. Морал да ја понесе вината на паднатото човештво. Врз него, кој не знаел за грев, морало да се стави беззаконието на сите нас. Гревот му изгледал многу страшен, а тежината на вината што морал да ја понесе премногу голема, и затоа бил во искушение да помисли дека тоа засекогаш ќе го одвои од љубовта на Отецот. Знаејќи колку е страшен Божјиот гнев кон престапот, извикнал: „Душата ми е длабоко нажалена, до смрт.“

Додека се приближувале кон градината, учениците забележале промена кај својот Учител. Никогаш порано не го виделе толку длабоко ожалостен и молчалив. Колку што одел понатаму, оваа необична тага станувала сè подлабока, но не се осмелувале да го прашаат за причината. Потклекнувал како да ќе се урне на земја. Кога стигнале во градината, учениците грижливо го барале неговото вообичаено место за одмор, за да може нивниот Учител да си почине. Секој чекор го правел со мачен напор. Гласно офкал како да го притиска страшен товар. Кога неговите придружници не би го придржале двапати, би паднал на земја.

Близу до влезот на градината Исус ги оставил сите свои ученици, освен тројца, наложувајќи им да се молат за себе и за него. Со Петар, Јаков и Јован дошол на засолнето место во градината. Овие тројца ученици биле најблиски Христови придружници. Ја набљудувале неговата слава на гората на преобразувањето, ги виделе Мојсеја и Илија како зборуваат со него; слушнале глас од небото; а сега во неговата голема борба Христос сакал да бидат покрај него. На ова осамено место често поминувале ноќи заедно со него. Во тие пригоди, по бдеењето и молитвата, тие мирно би спиеле во близина на својот Учител, додека Тој изутрина не би ги разбудил повторно да тргнат на работа. Но сега сакал ноќта да ја поминат со него во молитва. Сепак, не можел да поднесе да бидат сведоци на претсмртната борба што требало да ја претрпи.

„Останете тука“, рекол, “и бдејте со мене.“

Отишол малку подалеку од нив, не толку далеку за да не можат да го видат и да го чујат, и паднал ничкум на земја. Чувствувал дека гревот го одвоил од неговиот Отец. Понорот бил толку широк, толку мрачен, толку длабок, што неговиот дух се стресол пред него. Не смеел да ја употреби својата божествена сила за да го избегне ова големо душевно страдање. Последиците на човековиот грев морал да ги поднесе како човек. Како човек морал да го издржи гневот на Отецот поради престапот.

Сега Христос бил во положба во која никогаш порано не се наоѓал. Неговото страдање најдобро може да се опише со зборовите на пророкот: „Разбуди се, мечу, против мојот пастир, против човекот, мојот близок, вели Господ над војските“ (Захарија 13,7). Како замена и гаранција за грешниот човек, Христос страдал под божествената правда. Увидел што значи правдата. До тогаш бил посредник за другите; сега копнеел и самиот да има посредник.

Бидејќи чувствувал дека неговата заедница со Отецот е прекината, Христос се плашел дали неговата човечка природа ќе може да издржи во судирот што настапува со силите на темнината. Во пустината на искушението се решавала судбината на човечкиот род. Тогаш Христос бил победник. Сега искушувачот стапил во последен страшен судир. За ова се приготвувал во текот на Христовата тригодишна служба. Сега во тоа вложил сè. Ако овде претрпи неуспех, неговата надеж да биде господар ќе биде загубена; земните царства на крај ќе станат Христови; а самиот тој ќе биде исфрлен и протеран. Меѓутоа, кога Христос би можел да биде победен, земјата би станала царство на сатаната, а човечкиот род за секогаш би останал под негова власт. Знаејќи ја суштината на судирот што го очекувал, Христовата душа била исполнета со страшна закана дека ќе биде одвоен од Бога. Сатаната му рекол дека одвојувањето ќе биде вечно ако Тој стане гаранција за грешниот свет. Ќе се идентификува со сатанското царство и никогаш веќе нема да биде едно со Бога. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest