Допир со вера (прв дел)

Враќајќи се од Гергеса на западниот брег, Исус затекол мноштво собрано да го пречека и тоа го поздравило со радост. Останал извесно време на брегот учејќи и лекувајќи, а потоа се упатил кон куќата на Левиј­ Матеј со цел на гозбата да се сретне со цариниците. Тука го нашол Јаира, старешината на синагогата.

Овој еврејски старешина со голема болка дошол кај Исуса и се фрлил пред неговите нозе извикнувајќи: „Мојата ќерка е на умирање. Дојди и положи ги рацете над неа, за да биде исцелена и да живее!“

Исус веднаш пошол со овој поглавар во неговиот дом. Иако учениците виделе толку многу големи дела на неговата милост, биле изненадени со неговиот одговор на молбата на овој горделив рабин; сепак го придружувале својот Учител, а народот ги следел со нетрпение и исчекување.

Куќата на старешината не била далеку, но Исус и неговата придружба бавно напредувале, зашто од сите страни го туркало мноштво. Загрижениот татко бил нестрплив поради одложувањето, но Исус, сожалувајќи го народот, застанувал попатно да му помогне на некој страдалник и да утеши некое ујадено срце.

Додека оделе патем, еден весник се протуркал низ мноштвото, носејќи му на Јаира вест дека ќерка му е мртва и да не го заморува Учителот понатаму. Зборот допрел до Исусовото уво: „Не плаши се рекол само верувај и ќе оживее!“

Јаир се прилепил за Спасителот и заедно брзале кон домот на овој поглавар. Тажачките земени под наем и свирачите на шупелка веќе биле тука, исполнувајќи го воздухот со лелек. Присуството на мноштвото и пискотите го гибале Исусовиот  дух. Се обидел да ги смири велејќи: „Зошто пискате и плачете? Девојчето не е умрено, туку спие!“ Ги лутеле овие зборови на Странецот. Го виделе детето во прегратките на смртта и затоа му се потсмевале. Барајќи сите да ја напуштат куќата, Исус ги повел со себе таткото и мајката на девојчето и тројца ученици Петар, Јаков и Јован и сите заедно влегле во собата на умрената.

Исус пристапил кон постелата и, земајќи ја раката на детето во своја рака, нежно, со вообичаениот јазик на нејзиниот дом, ги изговорил зборовите: „Девојче, ти велам, стани!“

Веднаш мртвото тело затреперило. Пулсот на животот пак почнал да работи. На усните се покажала насмевка. Очите ширум се отвориле како да се будат од сон и девојката зачудено ја набљудувала толпата пред себе. Станала а нејзините родители ја прегрнале плачејќи од радост.

На патот кон домот на овој поглавар Исус во мноштвото сретнал една несреќна жена дванаесет години мачена од болест која нејзиниот живот го претворила во товар. Сите свои средства ги потрошила на лекување и лекови за на крај само да биде прогласена за неизлечлива. Меѓутоа, нејзините надежи оживеале кога слушнала за исцелувањата што ги вршел Исус. Била уверена дека, само кога би можела да дојде до него, ќе биде излекувана. Слаба и болна, дошла до брегот каде што Тој учел. Се обидела да се протурка низ мноштвото, но попусто. Повторно го следела од куќата на Левиј­Матеј, но сè уште не можела да го достигне. Почнала да очајува, кога Тој, правејќи пат низ мноштвото, ѝ се приближил.

Златната прилика се појавила. Била во непосредна близина на големиот Лекар! Но среде таа турканица не можела да зборува со него, ниту да го задржи повеќе од миг при неговото поминување. Во страв да не ја загуби единствената шанса за исцелување, се протуркала напред, велејќи си во себе: „Ако се допрам макар и до неговата облека, ќе оздравам.“ Додека поминувал, се наведнала напред и успеала да го допре само работ од неговата облека. Тој миг знаела дека била исцелена. Во тој единствен допир била сосредоточена верата на нејзиниот живот и веднаш нејзината болка и слабост се замениле со сила и со совршено здравје.

Со благодарно срце се обидела да се извлече од мноштвото, но одненадеж Исус застанал, а и народот заедно со него. Се свртел и, гледајќи наоколу, прашал со глас што јасно се слушнал над вревата на мноштвото: „Кој ме допре?“ Народот одговорил на ова прашање со вчудовиден поглед. Бидејќи го туркале од сите страни и повремено грубо го притискале, тоа прашање се чинело чудно. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest