„Дојдете… и починете си малку“ (прв дел)

Кога се вратиле од својот мисионерски пат, „апостолите се собраа околу Исуса и го известија за сè што направиле и како поучувале. А тој им рече: ‘Дојдете на осамено место и починете си малку!’ Зашто мнозина доаѓаа и си заминуваа, а немаа време ни да јадат.“

Учениците дошле кај Исуса и му раскажале сè. Нивната тесна врска со него ги охрабрила да му ги изнесат своите добри и неповторливи искуства, својата радост, набљудувајќи го резултатот на својот труд и својата жалост поради својот неуспех, поради своите грешки и своите слабости. Направиле грешки во својата прва работа како евангелисти, а бидејќи на Христа му зборувале искрено за своите искуства, Тој видел дека треба уште да ги поучува. Тој исто така видел дека се уморни од работата и дека им е потребен одмор.

Меѓутоа, таму каде што се наоѓале тогаш не можеле да го имаат потребниот мир, „зашто мнозина доаѓаа и си заминуваа, а немаа време ни да јадат“. Големи толпи народ го следеле Христа, со желба да ги исцели, страдни да ги чујат неговите зборови. Мнозина чувствувале дека Тој ги привлекува, зашто им се чинело дека Тој е извор на сите благослови. Мнозина од оние што тогаш се собирале околу Христа да примат драгоцен благослов на здравје, го прифатиле како свој Спасител. Многу други, кои тогаш се плашеле од фарисеите да го признаат, се преобратиле при излевањето на Светиот Дух и пред гневните свештеници и поглавари го признале како Божји Син.

Меѓутоа, сега Исус копнеел за мир за да може да биде со своите ученици, зашто имал многу да им каже. Во својата работа тие поминале низ искуства на судири и се сретнувале со различни противења. До сега за сè се советувале со Христа,но извесно време биле сами и понекогаш мачени од недоумица што да прават. Во својата работа се охрабриле, зашто Христос не ги пратил без својот Дух, и со вера во него тие правеле многу чуда; но сега имале потреба да се нахранат со лебот на животот. Им било потребно да одат на некое мирно место на кое, во заедница со Христа, би добиле упатства за навната идна работа.

„Тогаш Исус им рече: ‘Дојдете на осамено место и починете си малку!’“ Христос е полн со нежност и сочувство кон сите што се во неговата служба. Сакал да им покаже на своите ученици дека Бог не бара жртва, туку милост. Со сето срце работеле за народот, а тоа ја исцрпувало нивната телесна и умна сила. Нивна должност била да се одморат.

Гледајќи го успехот во својата работа, учениците биле во опасност тоа да си го припишат себеси, во опасност да негуваат духовна горделивост и така да потклекнат под искушенијата на сатаната. Пред нив се наоѓала голема задача, па најпрво морале да научат дека нивната сила не лежи во самите нив, туку во Бога. Како и Мојсеј во Синајската пустина, како и Давид меѓу јудејските ритчиња или Илија кај потокот Хорат, на учениците им било потребно да се одвојат од сцените на својата постојана дејност и да бидат во заедница со Христа, со природата и со своите срца.

Додека учениците биле на мисионерски пат, Исус посетувал други градови и села, проповедајќи го евангелието за царството. Отприлика во тоа време примил вест за смртта на Јована Крстителот. Овој настан го оживеал пред него крајот кон кој биле насочени неговите чекори. На неговата патека се на пластувале темни сенки. Свештениците и рабините настојувале со сите сили да го убијат; шпиони го следеле во стапки и на сите страни се умножувале заговори за негово уништување. Веста за проповедањето на апостолите низ сета Галилеја допрела и до Ирода, обрнувајќи го неговото внимание на Исуса и на неговата работа. „Јован Крстителот“, рекол тој, „воскреснал од мртвите.“ Изразил желба да го види Исуса. Ирод чувствувал постојан страв од бунт што би избувнал тајно, со цел да го отфрли од престолот и да го скрши римскиот јарем кој му бил наметнат на еврејскиот народ, меѓу кој бил распространет дух на незадоволство и бунт. Било очигледно дека Христовата јавна работа во Галилеја не ќе може уште долго да трае. Сцените на неговите страдања се приближувале и Тој копнеел извесно време да се одвои од бучавата на мноштвото. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest