Денови на борба (прв дел)

Уште од своите најрани години, еврејското дете било опкружено со барања на рабините. За секое дело, до најситни подробности во животот, се пропишани строги правила. Под водство на учителите од синагогата младите учеле безброј правила, зашто се очекувало како правоверни Израелци да ги почитуваат. Меѓутоа, Исуса ова не го интересирало. Уште од своето детство дејствувал независно од рабинските закони. Постојано ги проучувал списите на Стариот завет и на неговите усни постојано биле зборовите: „Така кажува Господ!“

Кога почнал појасно да ја сфаќа состојбата на народот, увидел дека барањата на општеството и Божјите барања биле во постојан судир. Луѓето се оддалечувале од Божјата реч, а ги издигнувале теориите што самите си ги измислиле. Ги почитувале традиционалните обреди што немале никаква вредност. Нивната служба се состоела само од низа церемонии; светите вистини што требало таа да ги открие биле скриени од верниците. Тој видел дека во нивната служба, лишена од вера, не наоѓаат мир. Тие не ја познавале слободата на духот што би допрела до нив кога вистински би му служеле на Бога. Исус дошол да ги поучи за значењето на службата на Бога и не можел да го прифати мешањето на човечките барања со божествените прописи. Тој не ги напаѓал прописите или постапките на образованите учители, но кога го укорувале поради неговите едноставни навики, Тој своето однесување го оправдувал со Божјата реч.

Нежно и понизно Исус се обидувал да одговори на барањата на оние со кои доаѓал во допир. Бидејќи бил толку љубезен и ненаметлив, закониците и старешините претпоставувале дека со своето учење лесно ќе можат да влијаат врз него. Тие барале од него да ги прифати општите начела и преданието што го оставиле старите рабини, но Тој нивната веродостојност ја барал во Светото писмо. Сакал да чуе секој збор што потекнал од Божјата уста, но не можел да ги прифати човечките измислици. Се чинело дека Исус ги знае Писмата од почеток до крај и истите ги изложувал во нивното вистинско значење. Рабините се срамеле да ги поучува едно дете. Тврделе дека нив на должност е да го објаснуваат Светото писмо, а негова да го прифати нивното толкување. Биле огорчени што ѝ се опира на нивната наука.

Тие знаеле дека во Светото писмо не можат да најдат никаква потврда за своите преданија. Сфатиле дека Исус во духовното разбирање бил далеку пред нив. Сепак, биле лути затоа што не ги слушал нивните наредби. Не успевајќи да го уверат, ги побарале Јосифа и Марија и им се пожалиле што не ги прифаќа нивните прописи. Поради тоа Тој претрпел прекор и осуда.

Уште од најраните денови Исус почнал сам да го обликува својот карактер, а дури ни почитувањето и љубовта кон родителите не можеле да го одвратат од послушноста кон Божјата реч. „Пишано е“ ­ бил негов лозунг за секое дело што отстапувало од семејните обичаи. Меѓутоа, влијанието на рабините му го загорчувало животот. Уште во својата младост морал да учи тешка поука на молчење и на стрплива истрајност.

Неговите браќа, како што се нарекувале Јосифовите синови, биле на страна на рабините. Тие постојано нагласувале дека преданијата мора да се почитуваат, како да се тоа Божји барања. Тие човечките прописи ги сметале за многу повисоки од Божјата реч и во голема мера им пречело Исусовото јасно проникнување во разликувањето на лажното од вистинското. Неговата строга послушност кон Божјиот закон ја осудувале како тврдоглавост. Биле изненадени со знаењето и со мудроста што ги покажувал кога им одговарал на рабините. Знаеле дека не примил никакво образование од мудрите луѓе, но сепак, забележале дека Тој ним им бил учител. Признале дека неговото образование е повозвишено од нивното. Но не сфати ле дека Тој има пристап кон дрвото на животот, кон изворот на знаење што тие не го познавале. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest