„Денеска ви се роди Спасителот“ (прв дел)

Царот на славата длабоко се понизил за да земе човечка природа. Неговата земна животна средина била сурова и одбивна. Неговата слава била обвиена со превез со цел, величественоста на неговиот надворешен изглед да не стане предмет на привлечност. Тој одбегнувал секое надворешно расфрлање. Богатствата, честа на овој свет и човечката големина никогаш не можат да ја избават душата од смртта. Исус решил никаква привлечност на земната природа да не ги повика луѓето на негова страна. Само убавината на небесната вистина треба да ги привлече оние што ќе го следат. Карактерот на Месија многу порано е преткажан во пророштво, и Тој сакал луѓето да го прифатат врз основа на сведоштвото на Божјата реч.

Ангелите биле восхитени со величествениот план на откупувањето. Тие набљудувале како Божјиот народ ќе го прифати неговиот Син, облечен во човечка облека. Дошле во земјата на избраниот народ. Другите народи се занимавале со митови и со обожавање на лажни богови. Ангелите дошле во земјата во која била откриена славата на небесниот Бог и во која засветила светлината на пророштвото. Тие невидливо дошле во Ерусалим, кај оние што биле одредени да им ги објаснуваат светите списи на слугите на Божјиот дом. Уште за време на свештеникот Зарија, додека служел пред олтарот, му била објавена близината на Христовото доаѓање. Предвесникот веќе бил роден, а неговата мисија потврдена со чудо и со пророштво. Веста за неговото раѓање и за величественото значење на неговата мисија се ширела на сите страни. Сепак, Ерусалим не се приготвил да го поздрави својот Откупител со добредојде.

Небесните весници вчудовидено ја набљудувале рамнодушноста на тој народ што го повикал Бог да му ја открие на светот светлината на светата вистина. Еврејскиот народ бил сочуван како сведок дека Христос треба да се роди од Аврамовото потомство и од Давидовата лоза, а сепак не знаел дека неговото доаѓање е толку близу. Утринската и вечерната жртва секојдневно во храмот укажувала на Божјето Јагне, но овде немало подготовка за негов пречек. Свештениците и учителите на народот не знаеле дека наскоро треба да се одигра најголемиот настан на сите времиња. Тие ги повторувале своите бесмислени молитви и ги вршеле богослужбените обреди за да ги видат луѓето, но во својата борба за богатство и за световна чест не биле подготвени да го откријат Месија. Во земјата на Израел преовладувала иста рамнодушност. Радоста која со одушевување го исполнувала небото не ги допрела себичните срца обземени со световност. Само неколкумина копнееле да го видат Невидливиот. Небесните весници им се пратени ним.

Ангелите ги придружувале Јосифа и Марија додека патувале од својот дом во Назарет до Давидовиот град. Наредбата на царскиот Рим за попис на сите народи во неговата пространа држава ги опфатила и жителите на галилејските гори. Како во старо време што бил повикан Кир на престолот на светското царство за да може да го ослободи Божјиот народ од ропство, така и цезарот Август станал орудие за исполнување на Божјата намера, Исусовата мајка да ја доведе во Витлеем. Таа потекнува од Давидовата лоза, и Давидовиот Син мора да се роди во Давидовиот град. Од Витлеем, кажува пророкот, „ќе излезе Оној што ќе владее со Израел; неговиот искон е од почеток, од вечни времиња“ (Михеј 5,2).
Меѓутоа, во градот на нивната царска лоза, Јосифа и Марија ниту ги познаваат ниту ги почитуваат. Уморни и без дом, тие поминуваат низ тесна уличка, од градската капија сè до источниот крај на градот, попусто барајќи место за ноќ на починка. За нив нема место во преполнетата гостилница. Последно прибежиште нашле во една неугледна просторија што служела како засолниште за добиток, и во неа е роден Откупителот на светот.

Луѓето за тоа не знаеле ништо, но оваа вест небото го исполнила со радост. Светите суштества од царството на светлината се привлечени кон земјата со уште подлабоко и понежно интересирање. Поради неговото присуство, нашиот свет станал посветол. Над витлеемските ритчиња се собрало безбројно мноштво ангели. Тие чекаат знак да му ја објават радосната вест на светот. Кога израелските водачи верно би ја извршиле задачата што им била доверена, тие би можеле да учествуваат во радоста на објавувањето на Исусовото раѓање. Но сега тоа ги заобиколило. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest