(продолжува од претходниот ден) Христос никогаш не сторил ниту едно чудо ако не требало да се задоволи некоја вистинска потреба, а карактерот на секое чудо ги водел луѓето кон дрвото на животот, чиишто лисја служат за исцелување на народите. Едноставната храна што ја додавале учениците наоколу со свои раце содржела цела ризница поуки. Подарената храна била скромна; рибите и јачменовиот леб биле секојдневна храна на рибарите од околината на Галилејското Езеро. Христос можел да изнесе пред народот богат ручек, но храната подготвена само да го задоволи апетитот, не би дала никаква поука за добро на овие луѓе. Со оваа поука Христос им покажал дека природните Божји дарови за човекот биле изобличени. Никогаш луѓето не уживале толку во раскошните гозби приготвени да го задоволат изопачениот вкус, колку што уживале овие луѓе во одморот и во едноставната храна што им ја обезбедил Исус толку далеку од човечките населби.
Кога луѓето денеска би биле скромни во своите навики и кога би живееле сообразно со природните закони, како што го правеле тоа Адам и Ева во почетокот, би имало изобилство храна за потребите на човечкото семејство. Тогаш би имало помалку невистински потреби и повеќе можности да се работи на Божји начин. Меѓутоа, себичноста и попуштањето пред неприродниот вкус донеле грев и беда на светот, изобилство на една страна и скудност на друга.
Исус не сакал да ги привлече луѓето кон себе со тоа што ќе ги задоволи нивните желби за раскош. За тоа мноштво, уморно и гладно по долгиот и возбудлив ден, едноставната храна била потврда не само за неговата сила, туку и за неговата нежна грижа за нив при задоволувањето на нивните секојдневни животни потреби. Спасителот на своите следбеници не им ветил раскош на овој свет; нивната храна може да биде едноставна, па дури и скудна; нивната судбина обележана со сиромаштво, но неговиот збор е залог дека нивните потреби ќе бидат задоволени, зашто ветил нешто што е подобро од световното добро трајна утеха со своето лично присуство.
Со тоа што нахранил пет илјади луѓе, Исус го тргнал превезот од светот на природата и ја открил силата што постојано дејствува за наше добро. Бог секојдневно прави чуда, создавајќи жетви на земјата. Со природната движечка сила се врши истото дело што се покажало при хранењето на мноштвото. Луѓето ја приготвуваат почвата и го сеат семето, но животот од Бога е тој што прави семето да никне. Божјиот дожд, воздухот и сончевата светлина прават земјата „прво да донесе стебленце, потоа клас и најпосле клас полн со зрна“ (Марко 4,28). Бог е тој кој секој ден храни милиони со жетвите на земните полиња. Луѓето се повикани да соработуваат со Бога, грижејќи се за житото и приготвувајќи го лебот, но при тоа тие ја губат од вид божествената движечка сила. Тие не му ја даваат на Бога славата што му припаѓа на неговото свето име. Дејствувањето на неговата сила им се припишува на природните причини или на човечкото орудие. Наместо Бог, се слави човекот, а Божјите милостиви дарови се предмет на себична употреба и стануваат проклетство наместо благослов. Бог се труди да го измени сето тоа. Тој сака да ги оживее нашите отапени сетила да ја разликуваат неговата милостива доброта и да го прославуваат него поради дејствувањето на неговата сила. Тој сака да го препознаеме во неговите дарови, чијашто намера е тие навистина да ни бидат на благослов. Христовите чуда се направени за да се оствари оваа цел.
Кога мноштвото било нахрането, останала доста храна. Меѓутоа, Тој, кој под своја власт ги има сите извори на бесконечната сила, рекол: „Соберете ги останатите парчиња, за да не пропадне ништо.“ Овие зборови значат многу повеќе одошто само ставање на лебот во кошници. Поуката е двојна. Не смее ништо да се растура. Не смееме да дозволиме да ни побегне ниту едно предимство. Ние не треба да занемариме ништо што служи за добро на човечкото суштество. Нека се собере сè што ќе ја намали скудноста на гладните луѓе на земјата. Во духовна смисла мора да се покаже иста грижа. Додека се полнеле кошниците со храна, луѓето мислеле на своите пријатели дома. Сакале и тие да земат удел во лебот што го благословил Христос. Содржината на кошниците е поделена меѓу страдното мноштво и однесена во сите околни краишта. Така учесниците на гозбата требало на другите да им го пренесат лебот што слегува од небото за да го утажат гладот на душата. Требало да го повторат она што го научиле за прекрасните Божји дела. Ништо не смеело да пропадне. Ниту еден збор што се однесувал на нивното вечно спасение не смеел напразно да падне на земјата. (продолжува)