„Дајте им вие да јадат“ (прв дел)

Христос со своите ученици се повлекол на едно осамено место, но и ова ретко време полно со мир набргу е прекинато. Апостолите мислеле дека се повлекле таму каде што не ќе бидат вознемирувани; но штом на мноштвото му недостигал божествениот Учител, се прашале: „Каде е?“ Некој меѓу нив го забележал правецот во кој отишле Христос и неговите апостоли. Мнозина се упатиле по копно да ги најдат, додека други пошле со чамци по езерото. Наближувала Пасха, па од близу и далеку се собирале групи поклоници на пат кон Ерусалим да го видат Исуса. Кон нивниот број се придружувале многу други сè додека не се насобрале пет илјади мажи, освен жени и деца. Пред Христос да стигне на брегот, мноштвото веќе го чекало. Меѓутоа, тој незабележано се оддалечил од нив со цел извесно време да помине насамо со своите ученици.

Од падинката на брекчето го набљудувал мноштвото во движење и неговото срце се исполнило со сочувство. Иако бил лишен од својот одмор, Исус не бил нестрплив. Тој видел голема потреба, што барала негово внимание, додека го набљудувал народот како постојано пристигнува. „И се сожали над нив, зашто прилегаа на овци без пастир.“ Напуштајќи го својот предел за одмор, нашол едно згодно место на кое можел да им служи. Тие не примиле никаква помош од свештениците и поглаварите; но додека го поучувал мноштвото за патот на спасението, од Христа потекле исцелителни реки на живот.

Луѓето ги слушале зборовите на милосрдие што толку слободно течеле од усните на Божјиот Син. Слушале благотворни зборови, толку едноставни, а толку јасни, што за нивните души биле како мелем на рана. Исцелувањето со неговата божествена рака им донело радост и живот на оние што умирале и олеснување и здравје на оние што страдале од болести. Денот им се чинел како небото да е на земјата, па воопшто не биле свесни колку долго не вкусиле ништо.

Поголемиот дел од денот веќе поминал. Сонцето се спуштило кон запад, а народот сè уште се двоумел. Исус цел ден работел без храна и одмор. Бил блед од умор и од глад, а учениците го молеле да престане со својата напорна работа. Меѓутоа, Тој не можел да се оддели од мноштвото што се тискало околу него.

На крај учениците дошле до него настојувајќи да го убедат да го распушти народот, зашто тоа е за негово добро. Мнозина дошле од далеку и уште од изутрината ништо не јаделе. Во околните градови и села би можеле да си купат храна. Но Исус им рекол: „Дајте им вие да јадат“, и потоа, обраќајќи му се на Филипа, прашал: „Каде да купиме леб да јадат овие луѓе?“ Тој го рекол ова за да ја испита верата на својот ученик. Филип го погледнал ова море луѓе и си помислил дека не е можно да се набави храна за да се задоволат потребите на толкаво мноштво. Одговорил дека леб за двесте денарии не би бил ни од далеку доволен на секого да му припадне по едно парченце. Исус се распрашувал колку храна можат да пронајдат меѓу присутните. „Тука има едно момче“, рекол Андреја, „кое има пет јачменови лебови и две риби, ама што е тоа за толку на род?“ Исус им заповедал да му го донесат тоа. Потоа им рекол на учениците народот да седне на тревата во групи од по педесет или сто, за да се сочува редот и сите да можат да се осведочат во она што ќе го стори. Откако народот седнал на тревата, Исус ја зел храната и „погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на луѓето. И сите јадоа и се наситија, и ги дигнаа преостанатите парчиња, дванаесет полни кошеви.“

Оној што го поучувал народот како да си обезбеди мир и среќа, исто така се грижел за нивните телесни потреби како и за нивните духовни стремежи. Народот бил уморен и премален. Имало мајки со бебиња на раце и со малечки деца што се држеле за нивниот скут. Мнозина стоеле со часови. Тие во толкава мера биле окупирани со Христовите зборови, што ниту за миг не помислиле да седнат, а мноштвото било толку големо, што се заканувала опасност да газат еден друг. Исус сакал да им даде можност за одмор, па ги повикал да седнат. На тоа место имало многу трева и сите можеле удобно да се одморат. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest